Извештај

Пресудата за Мијалков со рок на траење од 73 дена

Неправосилните две години за Мијалков истекуваат на седми април

Новинарите што попладнево беа во судот за да ја чујат објавата на пресудата на предметот „Титаник 2“, едвај го слушнаа тивкиот и бавен глас на судијата Огнен Ставрев, кој безживотно го читаше образложението пред присутните. Многу поразлично од драмата по првата пресуда кога обвинителката Фатиме Фетаи бараше притвор за Сашо Мијалков по објавата на пресудата.

Иако денеска фоторепортерите го чекаа обвинетиот Сашо Мијалков да биде донесен со комбе од струшкиот затвор, него го немаше до почетокот на објавата на пресудата. Мијалков влезе во судницата кога веќе судијата Ставрев прочита „виновни се“, а лидерот на ДПА, Мендух Тачи, пак, воопшто не се појави.

Пресудата мирно ја слушаа поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анита Стефановска и нивните адвокати.

Обвинетите во „Титаник 2“ без Мендух Тачи | Фото: БИРН

Судијата им изрече затворски казни од по две години на сите обвинети, вклучително и на Мијалков.

Де факто, судот уште еднаш ја донесе истата пресуда во предметот, како и во март 2019, со речиси преполовени затворски казни.

На пример, Мијалков тогаш беше осуден на три години затвор и му беше изречена мерка притвор. Другите обвинети добија затворски казни под законскиот минимум од три години.

Како што објасни судијата, Мијалков, преку Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на гласањето во избирачко место во Струмица, во корист на кандидатот Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев. Со тоа било повредено пасивното избирачко право на гласачите.

Рокови „на мускули“

Мијалков со адвокатот Љупчо Шврговски | Фото: БИРН

Пет и пол години до денеска поминаа откако обвинението за „Титаник 2“ влезе во судот.

Предметот почна со правно надмудрување меѓу СЈО и судот дали кривично треба да одговараат и управните судии што пресудиле за приговорот на Државната изборна комисија. „Титаник 2“ беше првата осудителна пресуда за поранешниот најмоќен човек во тајната полиција.

Но, апелација во 2019 го укина предметот и во 2020 почна одново.

По денешната објава на пресудата, предметот оди на жалба пред второстепениот суд. Но, прашање на денови е дали пред апелационите судии ќе стигне застарен предмет за Сашо Мијалков или тие ќе имаат можност за одлучат.

А дотогаш има многу што да се направи.

Законот за кривичната постапка налага пресудата писмено да се изготви во рок од 15 дена по објавувањето, а во сложени предмети, по исклучок, во рок од 60 дена.

Во конкретниов случај за „Титаник 2“, бидејќи станува збор за иста пресуда како и претходната, во која треба да се сменат квалификацијата на делото за обвинетите и затворските казни, извесно е дека за ова нема да се потрошат сите денови што ги пропишува законот. Потоа доаѓа делот каде што неретко се губи доста време.

Обвинителот Гаврил Бубевски, во завршните зборови го преквалификуваше делото за обвинетите поранешни членови на ДИК, од злоупотреба на службената положба и овластување во повреда на избирачкото право. Во прецизираното и преквалификувано обвинение, Бубевски се откажа од штетата за прегласувањето, која првично, со поднесеното обвинение, беше 114 илјади денари, а намалена по вештачењето на дваесетина илјади денари.

Судот треба да ја достави пресудата до Мијалков, неговите адвокати и до другите обвинети и до нивните адвокати. Роковите за жалба до Апелациониот суд од 15 дена почнуваат да течат дури откако сите ќе ја примат пресудата.

Еден примерок од жалбата, првостепениот суд, без одлагање ѝ доставува на спротивната страна, која во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата може да поднесе до судот одговор на жалба.

Кога списите по жалбата ќе стигнат до Апелација, во рок од три дена од приемот на списите, АКМИС-от треба да избере судија-известител.

Тој без одлагање треба да ги достави списите до јавниот обвинител, кој е должен да ги разгледа најдоцна во рок од 15 дена, а кај посложени предмети најдоцна во рок од 30 дена да му ги врати на судот.

Обвинителот Бубевски веќе изјави дека Обвинителството нема да се жали на пресудата за да не застари делото за Мијалков за да купат време.

„Не би поднел никаква жалба во однос на казната и мислам дека е во рамки на она што е предвидено со Законот и токму тоа да се спречи одложување на постапката за да може Апелација да одлучува во законскиот рок“.

Сепак, адвокатот на обвинетиот, Љупчо Шврговски потврди дека ќе се жалат на пресудата.

„Ова е пораз за правото и правната држава. Ниедно од напатствијата на Апелациониот суд, на кои укажуваше второстепениот суд, од првостепениот суд не е реализирано “.

Шврговски кажа и дека за да има одговорност за Мијалков, првично мора да има кривична одговорност за управните судии, кои потврдиле дека решението на ДИК за прегласување во Струмица е исправно.

Предметот ќе се најде пред судиите од Скопска Апелација | Фото: БИРН

„Со обвинение дерогирате одлука на суд, тука нема дело“, кажа адвокатот на Мијалков и потенцира дека не одложиле ниедно рочиште.

Според обвинението, делото „примање награда за противзаконско влијание“ за Мијалков застарува на 7 април годинава бидејќи на 7 април 2013 година, односно пред 10 години се случило прегласувањето за изборите.

Вкупното време за кое Апелација мора да пресуди за првостепената пресуда да биде потврдена за Мијалков е 7 април. Дотогаш има два и пол месеца или поточно 73 дена.

И да застари делото за Мијалков, второстепениот суд мора мериторно, односно полноважно да пресече дали другите обвинети ќе одат в затвор или ќе бидат ослободени.

Додека да се случи тоа, за Мијалков почнува ново судење по вторпат. На 15 февруари ќе се појави во судот за укинатиот предмет за набавка на софтверот за УБК, наречен „Трезор“.