Репортажи

Протест поради „економскиот геноцид и бугаризацијата на рати“

Илјадници членови и симпатизери на опозицијата вчера се собраа пред Владата

Капитулација и бугаризација на рати, вака на вчерашниот протест, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го оцени францускиот предлог за надминување на бугарската блокада.

На потегот меѓу двете раскрсници пред владината палата, синоќа се собраа илјадници членови и симпатизери на опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Тие бараа избори поради, како што велат, катастрофалната ситуација во државава: „Eкономскиот геноцид и предавничките политики на СДСМ и на ДУИ“.

„Ковачевски, одбиј го предлогот! Aко го прифатиш, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да го почитува“, му порача Мицкоски на премиерот и претседател на СДСМ.

Мицкоски упати и порака до Софија, во која, за разлика од досегашните негови одмерени настапи, преовладуваше острината.

Националниот набој доминираше на вчерашниот опозициски протест | Фото: БИРН/В.А

„Со вашите политики ги оддалечувате народите во двете соседни држави. Наместо да дојдете, да клекнете и да се извините за фашистичката окупација за време на Втората светска војна.“ 

„Македонија е под политичка агресија“

Ако досега Мицкоски прифаќаше „Бугарите во Уставот“ да е последната отстапка на патот кон ЕУ, вчера тој ретерираше од таа позиција и порача дека нема да се менува Уставот, операција за која се потребни 80 пратеници, кои власта ги нема.

„Овој предлог како успех на владата го глорифицираа за среќа само неколку, да ги наречам, владини пера“, вака вчера Мицкоски од протестот ги коментираше, како што ги нарече, „колумничките“ на новинарите.

Националниот набој преовладуваше и меѓу луѓето што вчера го поддржаа протестот.

„Македонија не ја даваме на Бугарија“, ни изјава Косара Толомановска, повозрасна госпоѓа од Охрид, која со години живее и работела во Германија.

„На гробот на мојот сопруг го има ова сонце“, рече таа, покажувајќи на знамето со Вергина што го држеше в рака.

За Мицкоски францускиот предлог води кон капитулација | Фото: БИРН/В.А

„Долу влада“, „Таче бугарско Маче“ и „Фондација Заев во затвор“, ова беа пораките од транспарентите на вчерашниот протест. Покрај доминантните партиски знамиња на ВМРО-ДПМНЕ, можеа да се видат и оние на коалициските партнери, како Социјалистичката партија и партиите на ромското и турското малцинство.

Иако можеа да се видат транспаренти со социјална содржина, како оној „Кога бурекот е луксуз, отпорот е обврска“, сепак и тие што ги носеа овие пораки зборуваа за македонското прашање.

„Го помнам времето во комунизмот кога не смееше да се прашува за Ченто, се одеше во затвор“, ни раскажа пензионер од скопско Драчево со потекло од родниот град на Методија Андонов-Ченто, Прилеп.

Мицкоски го изедначи вчерашниот протест со народниот собир од 8 септември 1991 година, кога на скопскиот плоштад се славеше независноста. Покрај фактот дека булеварот пред Владата беше полн со луѓе, сепак собирот беше партиски.

Речиси сите транспаренти беа поделени од партиски луѓе, и тоа беа кратки слогани испечатени во боја, можеа да се видат само неколку рачно напишани пораки на хамер.

Порака до премиерот | Фото: БИРН/В.А

Оперскиот вокалист Игор Дурловски, пред говорот на Мицкоски, ја пееше државната химна, а од бината настапи и актерот и општински советник од Велес, Зоран Љутков.

„Стиснете ги тревките, неа ќe ја исцедите. Наслоните се врз каменот, името ќe ѝ го чуете… На овој даб името ќe ти го напишам, дождовите да го симнат, жедните в земја да ги напоиш…“, ги рецитираше тој стиховите од песната „Македонија“ на поетот Анте Поповски.

Како по обичај на протестот од звучниците се слушаше и „Ја излези Ѓурѓо“ од дуото „Некст тајм“. На стиховите од оваа песна, членовите на УМС, кои беа веднаш до бината, со десната рака се држеа за срцето, а со левата „стримаа“ преку телефоните.

Се скандираа и слоганите „Едно име имаме“ и „Никогаш северна, само Македонија“.

Мицкоски зборуваше и за лошата економска ситуација и за корупцијата во Владата.

Говореше дека народот се бори да го дочека следното утро, додека во владата се јаде со златни лажици и во златни чинии.

Обвинувања за корупција и за национално предавство | Фото: БИРН/В.А

„Никогаш Македонија не видела толку болка, затоа е преполно Скопје. Луѓето тука доаѓаат од исток, од запад, од север и од југ. Им се гледа крајот на овие нечесни луѓе какви што досега три децении не сме виделе.“

„Можеби инфлацијата е увезена, ама неспособноста на владата е автентична“.

Масата од народ пред Илинденска бр. 2 воскликна од негодување во моментот кога на екранот од бината се појави ликот на Боки 13, односно негова снимка од судењата за случајот „Рекет“.

„Уааа!“, викнаа насобраните.

Сосема спротивна беше нивната реакција кога неколку фрејма подоцна на екранот се појави внуката на револуционерот Гоце Делчев, Катерина Трајкова-Нурџиева, од познатото интервју во кое таа вели: 

„Чувајте го чисто името, немој некој да го присвојува.“

Мицкоски вчера побара општествена поддршка и национално обединување за уривање на власта, зашто, според него, со секој ден поминат со СДСМ и со ДУИ сме поблиску до последниот ден на нашата татковина.

„Големата цел е пораз на СДСМ, на оваа криминална, разуздана и предавничка власт.“