Вести

СДСМ прогласи победа на локалните избори

Заев прогласи победа во 37 општини во првиот круг, додека Груевски по изборите, ќе ги соопшти наредните чекори

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Шестите локални избори во Македонија завршија со водство на СДСМ во голем број општини пред ВМРО-ДПМНЕ. Резултатите што ги соопштуваше Државната изборна комисија се ажурираа бавно, па до полноќ не беа обработени ни половина од избирачките ливчиња. Од резултатите што ги соопшти СДСМ, владејачката партија освоила 37 градоначалнички места во првиот круг, а ВМРО-ДПМНЕ 15.  

Никола Груевски обвини дека изборите поминале во недемократска атмосфера

ВМРО-ДПМНЕ призна дека постигнале незадоволителен резултат на изборите, додека СДСМ почна со славење само три часа по затворањето на избирачките места. По полноќ, лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев соопшти дека во првиот круг кандидатите на СДСМ победиле во Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром, Шуто Оризари, Зелениково, Арачиново, Куманово, Ранковце, Крива Паланка, Кратово, Кочани, Пехчево, Делчево, Берово, Конче, Радовиш, Ново Село, Струмица, Валандово, Богданци, Дојран, Гевгелија, Демир Капија, Неготино, Лозово, Велес, Прилеп, Битола, Ресен, Охрид, Вевчани, Крушево… Според Заев, се чекаат конечните резултати за Кисела Вода, Бутел и Гази Баба, но, како што рече, и во тие општини влегуваат како фаворити.

За Град Скопје, Заев изјави дека разликата меѓу гласовите за Петре Шилегов и за Коце Трајановски е 21.000 гласови во корист на кандидатот од СДСМ.

Според неофицијалните информации, во Струга, Зијадин Села од Алијансата за Албанците оди во втор круг, но неизвесно е кој ќе биде негов противкандидат. 

Во СДСМ се славеше, во ВМРО-ДПМНЕ мртва атмосфера

Со зурли и тапани, членовите и симпатизерите на СДСМ од Центар славеа пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, каде што се појави и кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ, Саша Богдановиќ, кој таму ја прогласи победата.

Славење на СДСМ пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ

Во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, во текот на целата вечер беше исклучително тивко. Освен новинарските екипи, во штабот беа портпаролот на партијата Иво Котевски, Богдан Илиевски и поранешниот министер за правда Михајло Маневски, а на кратко се појавија Влатко Ѓорчев и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Пред полноќ, со кратка изјава се појави лидерот на партијата Никола Груевски, кој рече дека изборите поминале во недемократска атмосфера и во нефер услови.

Еден од ретките што се појави во штабот на ВМРО-ДПМНЕ беше актуелниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски

„Во предизборието имаше физички пресметки, убиства, закани и притисоци. Се креираше атмосфера на страв и заплашувања, а полицијата беше главен заштитник на овие активности и беше ставена во партиска функција“, рече тој.

Груевски обвини и дека имало директен поткуп на гласачи, а немало ден полицијата да не поднесе неоснована кривична пријава против некој нивни кандидат или актуелен градоначалник.

„Сите овие нешта придонесоа за водство на СДСМ во повеќе општини. Но, изборите не се завршени и ќе поднесеме претставки“.

По завршувањето на изборите, според Груевски, ќе следи сеопфатна анализа за изборниот резултат. Тој не одговори дали ќе се повлече од лидерската позиција во партијата.  

„Јас како претседател имам највисока одговорност за изборните резултати. За наредните правци на делување ќе се дискутура по завршувањето на изборите“, рече Груевски.

Од штабот на СДСМ пред полноќ се огласи Миле Зечевиќ, кој изјави дека СДСМ извојувала победа во четириесетина општини, но дека извесна е победата во 50 општини, додека присутните скандираа „Шутка не ти бега Никола“.

На прес-конференцијата се појави и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Петре Шилегов на денешното гласање

„Зборот е збор. Ви ветив, Скопје нема да биде вмровски град. Од вечерва Скопје го враќаме на граѓаните“, изјави Шилегов, додавајќи дека сè уште е неизвесно дали во Град Скопје ќе има втор круг на гласање.

Славењето на СДСМ се пресели пред Владата, кога се обрати претседателот на партијата и премиерот Зоран Заев, кога и ги соопшти првичните резултати.

Заврши ерата на локални шерифи, порача Заев пред Владата

„Народот даде поддршка на новите политики на Владата, даде можност за раст и за развој на Република Македонија. Ерата на локални шерифи заврши, а обврската сега е уште поголема. Во Македонија има живот за сите“, рече Заев. 

Конечните резултати од локалните избори ќе се знаат во текот на утрешниот ден, а вториот круг од изборите е закажан две недели, на 29 октомври.