Анализи

Силни партии – слаба отчетност

Транспарентност за финансиите како „неформална“ обврска

Иако се непрофитни, функционираат како холдинг, како велепоседничко друштво што под себе има широкораспространета структура. Редовно добиваат пари од буџетот (четири и пол милиони евра), а во касата постојано им се слеваат и пари од донации и членарини. Поседуваат имот, имаат и вработени, но не се грижат многу за да ги приложат сметките кога јавноста и новинарите тоа ќе го побараат.

Во ретките случаи кога одговараат на барањата, како со „канџи“ да ги бранат податоците.

Со редовни буџетски приливи, политичките партии во Македонија, особено најголемите, се комотни „трошаџии“, а токму тоа е една од причините што ги обврзува да бидат отчетни за тоа како ги потрошиле парите.

Но, тоа не се случува, а таа лоша пракса на нетранспарентност, со исклучоци, продолжува и натаму.

Реторичко е прашањето е како партиите тврдат дека законите треба да важат за сите, ако тие не важат за нив.

БИРН на крајот од април на трите најголеми политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им ги побара уплатниците за платен данок на имот преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Поминаа повеќе од законските 20 дена за одговор, ДУИ воопшто не одговорија, а ВМРО-ДПМНЕ нѐ одбија со образложение дека податокот е дел од судска постапка и давањето би влијаело врз процесот. Станува збор за случајот „Талир 2“ во кој обвинителството достави докази дека партијата, дури годинава платила данок на имот за Белата палата за периодот од 2017 до 2021 година.

Позитивно одговорија единствено од СДСМ, од каде доставија скенирани уплатници за платен данок на имот од 2016 до 2021 година. Од сметките се гледаа дека партијата во трезорската сметка секоја година уплаќала по нешто помалку од 500 евра годишно.

Ова е само последен од низата обиди на БИРН да го исползува правото на информација врз основа на Законот што ги обврзува политичките партии да доставуваат не само завршни сметки, донации и извештаи од кампањите, туку и да одговорат на сите барања на граѓани или медиуми за информации во врска со нивните приходи и расходи.

Партии што не го есапат Законот

Партиите се обврзани да ги објават финансиските извештаи на веб-страниците | Илустрација: БИРН

Гласни се кога објавуваат анкети на јавното мислење што треба да прикажат дека се во предност пред нивните политички ривали, но кога треба да покажат дека се отворени и отчетни – завладува штама.

Неодамнешната студија што ја изработи Меѓународниот републикански институт (ИРИ), го потврдува тоа. На барањата за слободен пристап што ИРИ им ги доставиле на партиите, одговориле половина од нив. Во бројки, од 28 партии на кои им испратиле барања, одговори им стигнале од 15. Меѓу тие што не договориле се ВМРО-ДПМНЕ, но и ДУИ и БЕСА кои се дел од Владата.

Наодите од студијата покажаа дека од тие што одговориле, само половина информациите ги доставиле навреме, а 17% од добиените одговори биле нецелосни.

Во самите одговори на партиите на законската обврска за отчетност и отвореност, се гледа како на неформална обврска, бидејќи како што се посочува, во одговорите некаде недостасува печат, некаде потпис, а некаде архивски број или правна поука.

И додека партиите изгледа дека не се многу загрижени за тоа колку се отчетни, парите што ги добиваат од буџетот, малку по малку, но сигурно растат.

На пример, ВМРО-ДПМНЕ, според финансискиот извештај што го испратиле до ревизорите, во 2020 добиле над 760 илјади евра од буџетот, а лани над 800 илјади евра.

ДУИ, на пример, во ставката за „набавка на градежни објекти“, во извештајот од 2021, напишале дека потрошиле над 1,1 милион евра.

Сите овие податоци ги има во финансиските извештаи што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не ги објавиле на нивните веб-страници.

Логоа и банери место отчет за потрошени пари

Според Законот за финансирање на политичките партии, партиите се должни јавно да го објават годишните финансиски извештаи на својата веб-страница, најдоцна до 30 април во тековната година за претходната година.

Иако годишните финансиски извештаи на партиите им се законска обврска, кај дел од нив, тие документи или ги нема, или пак, линковите на партиските веб-страници се „мртви“.

Уште во 2020, истражувањето на БИРН покажа дека партиските веб-страници се како рекламни паноа. Тогаш документите што требаше да бидат јавно објавени ги немаа објавено ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Кај СДСМ имаше документи, но линковите беа нефункционални.

Денеска работите се речиси непроменети. Линковите на СДСМ функционираат и можат да се видат финансиските извештаи, регистрите и извештаите за донатори и годишните сметки.

На сајтот на ВМРО-ДПМНЕ и натаму може да се најдат ринг-тонови на партиски химни, интервјуа, колумни и банери, но не може да видите колку пари потрошила опозициската партија во изминатите години.

Слично е и кај владејачката ДУИ. Доминираат вести за средби и изјави на лидерот на партијата, Али Ахмети. Но, и тука финансиски извештаи нема.