Извештај

„Скопје 2014“ како пералница за пари

Истрага „Феникс“

Како феникс од пепелта на СЈО, точно три години по погребот на некогашното обвинителство под барокната ротонда на Јавното обвинителство, се отвори истрага за „Скопје 2014“, проект што го измени ликот на главниот град.

Пред петнаесетина камери, некогашниот специјален обвинител Љубомир Лапе ја најави истрагата со кодно име „Феникс“ за 11 споменици од проектот „Скопје 2014“. Осомничени се 15 луѓе, од кои, Италијанец и 7 фирми, меѓу кои три компании се од странство.

Меѓу нив поранешниот премиер Никола Груевски, двајца министри, двајца градоначалници, претседател на Совет на општина, домашни и странски фирми, вработени во институции.

Обвинителот кажа дека во првиот дел од операцијата, која е предмет на истрага, се подготвувал теренот со истурање пари од државниот буџет во касата на Општина Центар, а од 2008 до 2015 година, одлеаните пари се переле преку разни странски и домашни фирми.

За некои од осомничените обвинителот бара притвор, замрзнати се сметки и удели во фирми, извршени се претреси, а помош е побарана од пет држави.

Незаконско истурање милиони евра во Општина Центар

Прес-конференција за истрагата „Феникс“ | Фото: БИРН

Никола Груевски, тогашниот вицепремиер во владата, Зоран Ставрески, и Елизабета Канческа-Милевска се тројцата функционери што почнале да го осмислуваат целиот потфат.

Тоа се случува нецела година по доаѓањето на Груевски на власт во 2006 година, односно во втората половина на 2007.

Обвинителот Лапе рече дека за овој проект „не постои писмен документ, одлука, проект или програма на надлежен државен орган“.

Сѐ одело преку Министерството за култура. Преку тогашната министерка се подготвувале и поднесувале иницијативи за изградба на споменици под изговор дека станува збор „за спомен-обележја од локално значење за жителите на Општина Центар“.

На тој начин се избегнувала обврската за одлука за поставување споменици за личности што се од значење за државата, да треба да донесе само Собранието.

Груевски и Ставрески, умислено планирале и предлагале закони за донесување буџет во кои имало „однапред планирана неправилна распределба на средства“.

Тие „предлагале, донесувале и потпишувале незаконски владини одлуки со кои директно или преку Министерството за култура трансферирале средства во Општина Центар“, рече Лапе пред новинарите и нагласи дека со тоа ја нарушиле поделбата на власта на законодавна и извршна.

Така заобиколувајќи го Собранието, од државниот буџет незаконски ѝ биле префрлени на сметката на Општина Центар 57.681.138 евра.

Тоа беспоговорно го прифатиле тогашните градоначалници на Центар, Виолета Аларова и подоцна Владимир Тодоровиќ. Во тоа главна логистика бил тогашниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев, и други осомничени.

Тие склучувале противзаконски тендери со фирми за избор на леарница. Прифатиле нереални цени од фирми што не ги исполнувале условите и немале целосни понуди, а ги отфрлале останатите.

Обвинителот рече дека во тоа им помагал италијански државјанин, кој е осомничен и кој е клучниот лик, преку кој подоцна се переле пари. Тој им ги ставил на располагање неговите фирми. Преку нив, на повеќе фирми им поднесувал однапред договорени понуди и потпишувал договори, а знаел дека некои од фирмите воопшто не се регистрирани за леење или за обработка на мермер.

„Подоцна, изработката на спомениците со поддоговори ја пренесувал на сосема други леарници, но за многу пониски цени и лажно прикажувал дека изработката е од неговите правни лица“, рече Лапе.

„Тука споменикот чинел 4,7 милиони евра, а во Италија бил наплатен за 2,3 милиони евра“ рече тој.

Со тоа осомничениот Италијанец и двете негови фирми незаконски стекнале над 16 милиони евра.

Перење пари преку офшори и домашни фирми

Перењето на парите одело преку Италијанец и неговите фирми | Фото: БИРН

Во јуни 2011 година, во центарот на скопскиот плоштад, ограден со многу тараби, се издигна контроверзниот споменик „Воинот на коњ“, зад кој се криеше Александар Македонски, кој е симболот на мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, за кој се потрошени речиси 700 милиони евра.

Тоа впрочем е еден од вкупно 11 споменици, заедно со четирите лавови, спомениците на Гоце Делчев, Никола Карев, царот Јустинијан, споменикот на АСНОМ, Основачите на МРО, Даме Груев и Гемиџиите, преку чија изработка и леење се переле пари.

Тоа, според обвинителството, се случувало меѓу 2008 и 2015 година, што кореспондира со времето на прислушуваните материјали, односно бомбите на опозицијата, кои не се користат како доказ во овој случај.

Осомничените дејствувале како група и практично скриле дека парите што ги уплаќаат не се легални.

Од Општина Центар кон две осомничени фирми што ги управувал осмоосомничениот Италијанец, легнале „валканите“ над 1,1 милион евра. Потоа тој ги подигал во готовина од неговите фирми.

Друг дел од парите „биле свртени“ во Македонија за бидат помешани со легалните приходи.

Истрага за испрани пари и за лавовите на мостот „Гоце Делчев“ | Фото: БИРН

Од 2008 година до 2009 година, од Фиренца, Италијанецот, преку две фирми со кои управувал, во неколку наврати, преку банкарски трансакции за фиктивни фактури, директно на фирма во Македонија упатил над 177 илјади евра, кои претходно ги примил.

Овие пари од сметката на фирмата биле подигнати во готовина и му биле предадени на еден од осомничените. Друг дел од парите бил префрлен на сметките на други фирми. Оттаму повторно биле подигнати во готовина и му биле предадени на еден од осомничените.

Тоа се повторило и од 2009 година до 2010 година. Од Фиренца, преку друга странска држава, во Скопје, осмоосомничениот Италијанец, преку две фирми, со фиктивни фактури уплаќал пари за консултантски услуги, во повеќе наврати. Така пренел и ги пуштил во оптек над 327 илјади евра.

Четвртоосомничениот Владимир Здравев, според обвинителството, создал група за перење пари, на која ѝ се придружиле седуммина осомничени, како и други луѓе.

„Преку офшор-компании создал мрежа на новоформирани правни лица, и тоа три македонски правни лица и едно правно лице во странство, чии управители се опфатени во оваа постапка, и преку кои во повеќе наврати примиле и пуштиле во оптек пари од поголема вредност, кои потекнуваат од казнени дела“, кажа обвинителот.

Првата кривична пријава за проектот „Скопје 2014“ е од далечната 2013 година, а обвинителот предметот го работи од 2016 година.

Истрагата е во тек.