Регион

Слободан Милошевиќ го „прифатил мировниот план” за БиХ

Одбраната на поранешниот шеф на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ, изјави дека Слободан Милошевиќ не можел да биде на чело на српското злосторничко здружување во Босна и Херцеговина и во Хрватска, бидејќи ги прифатил меѓународните мировни планови.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Бившите шефови на СДБ на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки. Фото: ММКТ

Српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, во пролетта 1993 година, се обидел да ги принуди властите на Република Српска да го прифатат меѓународниот мировен план, иако тоа значело дека Србите ќе мора да вратат една третина од територијата што ја окупирале, изјави во четвртокот пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, бранителот на Симатовиќ, Владимир Петровиќ.

„Планот практично предвидуваше исчезнување на Република Српска”, потенцира Петровиќ, додавајќи дека властите во Белград ја укинале сета помош, освен хуманитарната, кога босанските Срби одбиле да го прифатат договорот.

Сведокот на обвинителството, Џон Вилсон, кој во 1992 и 1993 година бил шеф на воените набљудувачи на Обединетите нации (ООН), се согласи дека во пролетта 1993 година, Милошевиќ се залагал за прифаќање на мировниот план на специјалниот пратеник на ООН Сајрус Венс и претставникот на ЕУ, лорд Дејвид Овен, познат како „Венс-Овенов мировен план“, кој раководството на Република Српска го отфрли.

Милошевиќ, исто така, „обезбедил”, Србите во Книнска краина, да го прифатат „Венсовиот мировен план”, рече Вилсон.

Тој, како точна, ја прифати сугестијата на бранителот на Симатовиќ, Владимир Петровиќ, дека ниту еден од овие планови не предвидувал промена на границите на Хрватска и на БиХ.

Одбраната на Симатовиќ ја оспоруваше изјавата на Вилсон за етничкото чистење во Босна и Херцеговина, во пролетта 1992 година, тврдејќи дека извор за тоа биле пристрасните медиуми.

Вилсон одговори дека извештаите од локалните и меѓународните медиуми не го земал здраво за готово, туку ги споредувал со информациите од Европската Унија, Обединетите Нации и другите организации.

Според обвинението против Станишиќ, тогашен шеф на СДБ на Србија и против неговиот помошник, Франко Симатовиќ Френки, Милошевиќ бил на чело на здружен злосторнички потфат, со цел присилно и трајно отстранување на Хрватите и муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел реализација на српската доминација.

Овој потфат на Милошевиќ, се вели во обвинението, го спроведувале Станишиќ и Симатовиќ преку СДБ на Србија.

Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на хрватски и муслимански цивили за време на војните во Хрватска и во БиХ.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената пресуда со која тие беа ослободени, Станишиќ и Симатовиќ изјавија дека не се виновни за злосторствата за кои се обвинети.

Советот, на 15 декември, процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Вкрстеното испрашување на Вилсон продолжува во вторник.

Објавено и на Балканска транзициска правда