Вести

Судбината на МПМ зависи од Срѓан Керим

Откако Камчев и Станисављева се повлекоа, единствен одговорен за барањата на штрајкувачите останува Срѓан Керим / Фото: МПМ

Срѓан Керим е единствениот кој останува во сопственичката структура на МПМ, откако Орка Холдинг на бизнисменот Орце Камчев излезе од сопствеништвото на фирмите кои се поврзуваат со весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, „Теа модерна“ и порталот „Телеграф“. Од вчера, според објавата на Централниот регистар, Јана Станисављева повеќе не е директор на МПМ, а на нејзина позиција доаѓа Керим.

Според ова, произлегува дека единствен одговорен за барањата на медиумските работници од „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ кои цела недела штрајкуваат со барања за платите и информации за иднината на фирмата, е токму Керим, со оглед на тоа што Камчев непосредно пред штрајкот донесе одлука да се повлече од сопствеништвото на МПМ.

Заплетканата шема со сопствеништвото на медиумите ги збуни и новинарите, кои не знаат од кого да ги бараат заостанатите плати. Сепак, ако се направи анализа за тоа кој сè влегувал и излегувал од сопствеништвото на МПМ, моменталната ситуација укажува на тоа дека единствено физичко лице што фигурира во компаниите е Керим. Па така, стопроцентен сопственик на МПМ е фирмата „Графички центар“, чии сопственици сега се „Телеграф“ (со удел од 3,4 милиони евра) и „Мирекс“ на Срѓан Керим (со удел од 1,7 милиони евра).

Сопственик на „Телеграф“, пак, е МПМ, што значи дека оваа компанија се јавува и како мајка и како ќерка во мрежата од компаниите кои се поврзуваат со издаваштвото на медиумите.

Со оглед на тоа што секаде основачите на овие фирми се други фирми, Керим е единственото лице што ги обединува – како директор на МПМ и како основач на „Мирекс“.

Кандидатот за генерален секретар на Обединетите нации и поранешен министер за надворешни работи, во Медиа Принт Македонија e од првиот ден, односно од влегувањето на германскиот ВАЦ и основањето на фирмата. Од менаџерската позиција истапи во пресрет на кандидатурата за прв човек на Светската организација во февруари 2016 година и формално стана советник во Владата на премиерот Емил Димитриев.

Сега кога кризата во МПМ практично се излеа на улица со штрајк на новинарите и медиумските работници кои бараат плати, но и информација за иднината на весниците, и по повлекувањето најнапред на српскиот бизнисмен Јевросимовиќ, а потоа и на Камчев, се чини дека Керим е единствен кој остана на кормилото на фирмата.

Kризата во МПМ ескалираше со штрајк на новинарите и медиумските работници кои бараат плати, но и информација за иднината на весниците

Пред да почне штрајкот на новинарите, освен „Мирекс“, во сопствеништвото на „Графички центар“ влегуваа и „Орка Холдинг“ на Камчев и компанијата „Интернет Инвестмент груп“ чиј сопственик е Јана Станисављева, а фирмата ја наследи од српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ.  

И додека сопственичката структура во овие медиуми последната година се менуваше со засилено темпо, незадоволството кај новинарите сè повеќе растеше. Тие се соочија со намалување плати, отпуштања вработени, прогласувања технолошки вишоци, менувања уредници и сл. Сега, штрајкувачкиот одбор тврди дека е доследен на одлуката да се бори за своите права.

Оттаму информираат дека прекинот на работата во редакциите се одвива според планираното, шест часа и дека, иако во некои редакции постои тензија, решителноста кај штрајкувачите продолжува. Тоа се огледа и во секојдневното излегување на дел од штрајкувачите пред влезот на канцелариите на МПМ кои од вчера се „опремени“ и со свирчиња и пароли.

Ставот на Синдикатот на новинарите и медиумските работници – ССНМ е дека економската криза на МПМ се должи на лошото менаџирање и гушењето на слободата на информирање во рамките на редакциите, поради што весниците се соочија со намалување на тиражот. Според нив за ова доволен аргумент е податокот дека во 2009 година МПМ беше рангирана меѓу 200-те најголеми компании според остварениот приход кога земјава беше на високото 34 место според слобода на медиуми на Репортери без граници.

„Губењето на слободата значи губење на публиката, а со тоа и паѓање на тиражите и приходите“ велат од ССНМ.