Актуелно

Судијката Лаличиќ со имот од над 100 илјади евра

Сите судии кои се споменуваат во вчерашните објавени снимки имаат напредувано во кариерата точно онака како се споменува во разговорите – Елвин Вели работи во Вишото јавно обвинителство, Весна Трајанова сега е судијка во скопскиот Основен суд 2, а Светлана Костовска сега е судијка во Управниот суд.

Стан од 62 квадратни метри вреден 70 илјади евра и автомобил од над 14 илјади евра е дел од имотот на Лаличиќ

Стан од 62 квадратни метри вреден 70 илјади евра и автомобил од над 14 илјади евра е дел од имотот на Лаличиќ

Стан од 62 квадратни метри вреден 70 илјади евра и автомобил „Нисан Џуке“ од над 14 илјади евра е само дел од имотот со кој располага 30-годишната судијка Софија Лаличиќ, за која вчера СДСМ објави аудио снимки од нејзин наводен разговор со директорот на УБК Сашо Мијалков.

Во разговорот, гласот за кој лидерот на СДСМ Зоран Заев тврди дека е на Мијалков ѝ соопштува на Лаличиќ дека е избрана за судијка, со предупредување сè уште да не кажува на никого. Мијалков и Лаличиќ договараат и частење кога работата ќе биде завршена.

Од имотниот лист на Лаличиќ може да се види дека таа пријавила и акции на три места, сите купени во 2007 година. Минатата година подигнала кредит од околу 8 илјади евра.

Според податоците објавени на веб-страната на Антикорупциската комисија, Лаличиќ на 23 годишна возраст купила акции, но не ја навела сумата во својот анкетен лист

Лаличиќ на 23 годишна возраст купила акции, но не ја навела сумата во својот анкетен лист

Лаличиќ беше избрана за судија кон крајот на 2012 година, кога најверојатно се одвивал и разговорот со Мијалков. Веб-порталот Академик.мк тогаш објави текст со наслов „судиите кои не се од Академијата за судии и јавни обвинители го фатија ‘последниот воз’“, со оглед на тоа што од први јануари 2013 година стартуваше примената на измените на Законот за судови, кои предвидуваа во основните судови да се бираат кандидати само од Академијата за судии и јавни обвинители.

Како судии кои го „фатиле последниот воз“, беа наведени Софија Лаличиќ, која дотогаш работела како стручен соработник во судот и во канцеларијата за односи со јавност кај тогашната претседателка Лидија Неделкова (сегашна претседателка на Врховниот суд), и Ленка Давиткова, дотогашен стручен соработник во овој суд.

Лаличиќ, според судски извори, сега е надлежна и за меѓународна соработка во судот со оглед на тоа што добро го владеела англискиот јазик. Таа е најмладата судијка во скопскиот Основен суд 1 – својата судска кариера ја почнува на 28 години.

Во истиот период, чекор погоре во кариерата отиде и Маја Маркова-Котевска, сопруга на портпаролот на МВР Иво Котевски и ќерка на поранешната врховна судијка Љубинка Муратовска – Маркова. Од судија во Основниот суд 2, Котевска стана апелациски судија, шест месеци пред да стапат во сила законските измени кои предвидуваа дека потребен ќе биде соодветен стаж за унапредување во повисок суд. Котевска, пред да стане судијка во Апелација, имаше искуство од две години како судија во скопска „двојка“.

Сите судии од аудио снимките напредувале во кариерата

Кривичниот суд во Скопје, според разговорите што ги објави СДСМ, е полн со судии кои се примени со ургенции од власта

Кривичниот суд во Скопје, според разговорите што ги објави СДСМ, е полн со судии кои се примени со ургенции од власта

Сите судии кои вчера се спомнуваа во аудио снимките што ги објави СДСМ навистина се избрани во судовите, како што впрочем и се зборува во разговорите.

Елвин Вели, синот на поранешниот претседател на Апелација, Вели Ведат, навистина беше примен да работи во Вишото јавно обвинителство во Скопје, како што во телефонскиот разговор наводно договараа поранешниот министер за правда Блерим Беџети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери.

Миле Арсениевски, пак, синот на претседателката на Апелацискиот суд Љупка Арсениевска, сега е обвинител во Скопје, како што поранешниот јавен обвинител Љупчо Шврговски ѝ сугерира на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Весна Трајанова, сопруга на деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов сега е судијка во скопскиот Основен суд 2. Во еден од разговорите што вчера ги презентираше СДСМ, министерот Никола Тодоров ја замолува министерката Јанкулоска да се прими на работа како судија во Управниот суд сопругата на Трајанов.

„Реално, за овој конкурс многу тешко, пошто више договорени се, поделени се со ДУИ, вака – така, на два дена пред избор се“, вели Јанкулоска ама сепак додава дека треба името на жената „да ѝ го пушти по порака, за секој случај“.

Трајанова не станува судијка во Управниот суд, но влегува во Основниот суд Скопје 2.

Светлана Костовска, поранешната вработена во УБК, со кого Мијалков наводно разговара и ѝ сопштува дека „средил да биде избрана“, сега е судијка во Управниот суд.

Во последниве неколку денови не работи ниту една веб-страница на судовите каде што може да се видат биографиите и фотографиите на судиите.