Предметот „Плацови на Водно“ ја заврши правосудната траекторија.
Врховниот суд, преку соопштение објави дека судиите му ја одбиле иницијативата на поранешниот премиер Никола Груевски, со која тој бараше до највисокиот суд да ја преиспита правосилната пресуда во случајот. Со неа беше осуден на 9-годишна затворска казна, а Сашо Мијалков доби условна казна затвор.
Во предметот, шестмина беа обвинети за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот за купопродажба на атрактивните парцели на Водно.
Со оваа одлука се исцрпени сите правни механизми пред домашните судови и останува простор само за тужба пред судот во Стразбур.
Сега Груевски има потврдена правосилна пресуда од 9 години затвор, покрај двете други што му се веќе пресудени: „Тенк“, каде што е осуден на две години затвор за набавката на „мерцедесот“ и „Насилство во Центар“, за која доби 1,5 година затвор.
Груевски нема да одговара за „Скопје 2014“
Покрај трите правосилни пресуди, за Груевски се водат уште толку активни предмети. Најстариот по рок на судење е „Титаник“, во кој е обвинет за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и за повреда на избирачкото право. Предметот неколкупати почнуваше од почеток.
Потоа му се суди во „Талир“ за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, и „Талир 2“ за изградба на партиското седиште. За вториот предмет се чека да одлучат петтемина судии во скопска Апелација. Таму Груевски е неправосилно осуден на 6 години затвор.
Измените во Кривичниот законик му избришаа на Груевски 9 години затвор во предметот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“, каде што беше неправосилно осуден.
Истите измени помогнаа Груевски да не одговара за проектот „Скопје 2014“ во отворената истрага „Феникс“. Предметот е пред поднесување обвинение, но само за делото „перење пари“, а не и за злоупотреба на службената положба, за која беше осомничен годинава.
Груевски беше обвинет и во „Траекторија“ за провизиите за градбата на автопатиштата, но делото одамна му застаре. Пред Врховниот суд е и иницијативата за начелно мислење за организаторите на 27 април. За Груевски таму постапката беше запрена.
Се чека највисокиот суд да се изјасни дали за обвинетите организатори може да важи Законот за амнестија, а со тоа индиректно и за него.