Регион

Закани до обвинителот во случајот против Насер Ориќ

Емина Диздаревиќ, Сараево

Обвинителот, Мирослав Јањиќ. Фото: БИРН

Обвинителот, Мирослав Јањиќ, за БИРН во понеделникот потврди дека добил смртни закани од еден од сведоците кои сведочеле во случајот против поранешниот командант на АБиХ, Насер Ориќ, кој првично беше ослободен од обвиненијата дека извршил воени злосторства.

„Добив смртни закани пред дваесет дена во писмена форма. Смртни закани до мене и до членовите на моето семејство. Заканите доаѓаат од сведок кој во претходниот период даде исказ во случајот против Насер Ориќ“, истакна Јањиќ.

Тој додаде дека ги пријавил заканите што, како што рече, дошле од сведок кој живее во странство, до Oбвинителството на БиХ и до Државната агенција за истраги и заштита (СИПА).

Адвокатот на Ориќ, Лејла Човиќ, за БИРН изјави дека и таа и нејзиниот клиент, Насер Ориќ, добиле повеќе закани од истиот сведок.

„Заканите дојдоа од сведок на Обвинителството на БиХ. Истиот сведок му се заканува на Насер Ориќ како на обвинет и на мене, како негов бранител. Овие закани се случуваат континуирано во последните шест месеци“, рече Човиќ.

Во октомври минатата година Судот на БиХ, ги ослободи Ориќ, поранешен командант на АБиХ во Сребреница, и Сабахудин Мухиќ, припадник на овие сили, од обвиненијата дека во 1992 година, во местата Залазје, Лолиќи и Куњерац, убиле тројца затвореници од српска националност.

Во јуни оваа година, Апелацискиот совет им ја поништи ослободителната пресуда и наложи повторување на судскиот процес, кој треба да започне овој месец.

Во изминативе два месеци, повеќе пати им се упатувани закани на носители на судски функции.

Во петокот, Судот на БиХ испрати писмо до Обвинителство на БиХ, во врска со смртните закани што во јули и август биле упатени до претседателот на Судот на БиХ, Ранко Дебевец, и до други судии и раководители на судските институции на државно ниво.

Во писмото се изразува загриженост поради фактот што ова кривично дело сè уште не е разјаснето, иако поминало повеќе од еден месец од упатувањето на заканите.

Дебевец тогаш за БИРН изјави оти добил порака по мобилен телефон која почнувала со зборот „фетва“, во која тој се нарекува со погрдни имиња и во која стои: „Поради соработката со Мосад, осуден си на смрт“.

Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) тогаш соопшти дека заканите кон носителите на правосудните функции „неодамна станале чести“.

На почетокот на август, закани им биле упатени и на некои членови на ВСОС, а во мај и на претседателот на оваа институција, Милан Тегелтија.