Во САД пресуден во 2017, во Македонија застаре годинава.
Случајот „Маѓар телеком“ по речиси 12 години судење, во Македонија доби судски епилог во прв степен. Но, додека да одлучат судиите во Апелациониот суд дали пресудата е правилна, пратениците ги изгласаа измените на Кривичниот законик. Со нив, меѓу другото, се намалија казните за кривични дела, па така и за „несовесно работење во службата“, за кое се водеше предметот во скопскиот кривичен суд. Информацијата за БИРН ја потврдија од Апелациониот суд во Скопје.
По повеќе од една декада правосудна „турнеја“, случајот нема да добие разрешница во Македонија. Разрешница нема да добие ниту отворената предистрага за македонските политичари во случајов.
Уште пред шест години, поранешните директори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи се спогодија со Американската комисија за хартии од вредност.
Платија високи парични казни и добија забрана да вршат дејност поради тоа што подмитиле македонски владини функционери во периодот од 2004 до 2006 година, со 7,5 милиони евра, за да ја одложат либерализацијата на телекомуникацискиот пазар. Компанијата плати парична казна.
Ексразузнавачот Слободан Богоевски, пред судот во Њујорк, функционерите ги идентификува како Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери.
Граѓаните никогаш нема да дознаат
Беше март 2023, кога судијката Ленка Давиткова објави дека тројцата некогашни високи функционери во „Македонски телеком“, Унгарците Атила Сендреј и Золтан Кишјухас и Германецот Ролф Плат несовесно работеле во службата, склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарска консултантска куќа.
Со тоа го оштетиле државниот буџет, беа неправосилно осудени на по осум години затвор и требаше солидарно да вратат милион евра.
Но, ниту ќе се преиспитаат затворските казни, ниту ќе се вратат милион евра во буџетот.
Застарувањето на судскиот предмет ќе значи дека е речиси мртва и истрагата за инволвираните македонски политичари, за кои обвинителката Лиле Стефанова водеше посебен предмет. Причината е повторно истата – измените во Кривичниот законик.
БИРН веќе ја анализираше историјата на ова маратонско судење. Истрагата за „Маѓар телеком“ е меѓу првите што ја работеше тогашното новоформирано одделение за гонење организиран криминал и корупција во 2008 година.
Обвинението беше поднесено во 2011 година. Се судеше по стариот Закон за кривична постапка. Првата неправосилна пресуда беше донесена по речиси 12 години судење во 2023 година.
Со најновите измени на Кривичниот законик, предметот практично влегол застарен по жалба во Апелацискиот суд.
Пред законските измени, апсолутната застареност на кривичното дело несовесно работење во службата ако сторителот на делото стекне значителна имотна корист или нанесе значителна штета беше 20 години. Со новите измени, ова дело застарува за 10 години, што значи дека времето во кое предметот требало да биде правосилно завршен, веќе истекло.
Освен овој, со измените застареа и други високопрофилни случаи, како што е и предметот за масовното прислушување „Таргет“, „Траекторија“, за провизиите за автопатиштата и „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“.