Регион

Жртвите на војната изразија незадоволство од пресудата на Шешељ

Воислав Шешељ во Белград во 2016 година. Фото: БИРН/Филип Аврамовиќ

Денис Џидиќ, Филип Рудиќ | БИРН | Хаг, Белград

Во Сараево и Загреб изразено е незадоволство, откако со второстепената пресуда, водачот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, беше осуден за злосторства извршени во Србија, но не и за злосторства во Босна и Херцеговина и во Хрватска.

Жртвите на војната во БиХ изразија различни чувства по пресудата што Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг му ја изрече на Шешељ, со која овој националистички политичар не беше осуден за воени злосторства во БиХ и во Хрватска.

Јасмин Мешковиќ, претседател на Здружението на логорски затвореници на БиХ, изјави дека е задоволен што Шешељ ќе биде обележан како воен злосторник за своите постапки во Србија.

„Сепак, не можам да прифатам дека не ја поправија грешката на првостепената пресуда и дека ги оставија злосторствата во Босна и Херцеговина неказнети“, рече Мешковиќ.

Бакира Хасечиќ, претседателка на здружението „Жени-жртви на војната“, рече дека казната не е доволно строга. Тој беше осуден на десет години, но нема да ја отслужи казната, бидејќи помина 11 години во притвор во Хаг.

„Ова е многу лоша одлука, која целосно ја исклучува неговата одговорност за Босна и Херцеговина“, истакна Хасечиќ.

Бакир Изетбеговиќ, бошњачки член на Претседателството на БиХ, изрази слични ставови.

„Иако никој не може да биде задоволен со симболичната висина на казната … во историјата, сепак, ќе остане запишано дека Воислав Шешељ е осуден воен злосторник“, рече Изетбеговиќ за БИРН.

Бојан Главашевиќ, опозициски пратеник во хрватскиот парламент и поранешен заменик министер за бранители, изјави дека со конечната пресуда на Шешељ, правдата не е задоволена.

„За жал, се случи она што го очекував. Правото можеби е задоволено, но правдата не е. Осуден е на 10 години, а отслужи 11“, рече Главашевиќ за телевизијата Н1.

„Она што го имаме е некакво морално задоволство. Она што го зборувавме дека е воен злосторник, тоа сега е непобитно. Но, за жртвите нема правда“, додаде тој.

ММКТ во среда го осуди Шешељ на десет години затвор за поттикнување на злосторства со своите националистички говори, кои што за време на војната во 1992 година, ги држел во селото Хртковци во.Војводина. По неговите говори, следело насилство врз хрватските цивили.

Обвинителите на Хашкиот трибунал ја поздравија одлуката на судот.

„Веруваме дека е исклучително важно што Жалбениот совет ја измени ослободителната пресуда и го прогласи Шешељ за виновен за поттикнување на воени злосторства со неговиот говор во Хртковци во 1992 година“, изјави Александар Контиќ од Хашкото обвинителство.

Бошњачкиот офицер за врски со Хашкиот трибунал, Амир Ахмиќ, за БИРН потенцира дека е одлична работа што ММКТ го осуди Шешељ за воени злосторства.

„Сепак, јас не сум задоволен што тие одлучија дека тој не е одговорен за злосторствата извршени во Зворник“, додаде Ахмиќ.

Шешељ одби да ја прифати законитоста на пресудата и повторно го исмеа судот, како што впрочем го правеше тоа и во текот на целата постапка.

„Горд сум на сите воени злосторства и на злосторствата против човештвото што ми се припишуваат и јас сум подготвен да ги повторам во блиска иднина“, рече саркастично Шешељ за БИРН.

Невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права, од Србија, побара од српскиот парламент да констатира престанок на пратеничкиот мандат на Воислав Шешељ, при што го цитираше делот од законот во кој се наведува дека мандатот престанува, доколку пратеникот со правосилна судска одлука е осуден на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

„Со оглед дека Воислав Шешељ е осуден на 10 години затвор, како и дека сите пресуди на Жалбениот совет на ММКТ се обврзувачки за Србија, на Воислав Шешељ мора да му престане мандатот на народен пратеник“, се вели во соопштението на Младинската иницијатива за човекови права.

Иво Комшиќ, поранешен градоначалник на Сараево, градот во кој во 1954 година е роден Шешељ, изрази незадоволство што Шешељ не заврши во затвор.

„Тој е таков злосторник и предизвика толку многу страдања, што денес не требаше да остане на слобода“, потенцира Комшиќ.

Портпаролката на ММКТ, Хелена Егелстон, изјави дека пресудата е конечна и дека Шешељ сега има право само да побара ревизија на случајот, доколку бидат откриени нови докази.