Анализи

Бегството на Груевски: Ниту дил, ниту одговорност

Алармите требало да бидат на црвено уште во петокот | Фото: БИРН

Едно деноноќие откако Груевски побара политички азил во Будимпешта останува впечатокот дека властите, сепак, можеле да го спречат поранешниот премиер нелегално да ја напушти државава.

Медиумската хајка „во потрага по Груевски“ со живи јавувања пред затворот од Шутка, неговиот стан и седиштето на партијата експресно се претвори во потрага по одговорниот за неговото бегство.

Прв на листата за прозивање се најде министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и тој ја искористи можноста во интервју на Канал 5 да се обиде да докаже дека одговорноста не е во неговиот ресор.

Меѓутоа, навистина е зачудувачки како МВР не знаело каде е и што планира Груевски кога овој често го користел полициското обезбедување што му следува.

Груевски не само што не се појавил во договореното време, туку полицајците од обезбедувањето го чекале пред зградата дури до вечерта без притоа некој да го запали алармот

Самиот Спасовски кажа дека полицајците од обезбедувањето, ноќта во четвртокот го оставиле Никола Груевски пред неговиот дом, по што тој ги замолил следното утро да го чекаат во 9 часот.

Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, не само што не се појавил во договореното време, туку полицајците од обезбедувањето го чекале пред зградата дури до вечерта без притоа некој да го запали алармот.

Имено, прашањето е како тоа на никој во МВР не се досетил дека експремиерот, кој ги извисил бодигардите, може да избега токму дента кога стана јасно дека мора да оди во затвор зашто Кривичниот совет во петокот му ја одби жалбата и тој немаше на располагање други правни алатки за да ја одложува санкцијата.

„Врзаните раце“ на МВР?

Спасовски вчера неколкупати потенцираше дека за полицијата формално правно Груевски бил слободен човек до понеделникот попладне кога судот побара да го најдат, бидејќи не ја примил поканата од Шутка.

Сè што полицијата би направила пред понеделникот би било кршење на човековите права и слободи, аргументираше министерот и додаде дека впрочем токму за тоа СДСМ и целата демократска јавност се бореле против власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, колку и да се обидува Спасовски да остави впечаток дека сѐ е регуларно, јасно е дека Груевски ги искористил или бил оставен да ги злоупотреби слабостите на системот.

Во вчерашните внимателни препукувања на линија полиција – суд, претседателот на Скопска единица, Иван Џолев, сепак, аргументираше дека полицијата можела нешто да направи

Во вчерашните внимателни препукувања на линија полиција – суд, претседателот на Скопска единица, Иван Џолев, сепак, аргументираше дека полицијата можела нешто да направи.

Тој потврди дека е точно оти полицијата постапува по наредби на судот и на обвинителството, но потенцираше дека МВР може и самоиницијативно да реагира кога треба да се спречи некое лице да ја премине границата без пасош.

Поедноставено тоа значи дека МВР од петокот до понеделникот не можела да го однесе Никола Груевски во затвор поради затворската казна, ама затоа ги имала сите ингеренции да го спречи да ја напушти нелегално државава.

Никој не ги видел алармите?

Груевски ја користеше секоја можност да потенцира дека е политички прогонуван | Фото: БИРН

Веројатно, пресретнувајќи ги овие аргументи, Спасовски потенцираше дека полицијата не можела нелегално да ги следи комуникациите на Груевски и да дознае што имал на ум, меѓутоа од сегашна дистанца, јасно се гледаат сериозните знаци дека планирал политички азил.

Некој во МВР или во Специјалното јавно обвинителство тоа би требало навреме да го забележи.

Уште во август, неделникот „Фокус“ на насловната страница објави информација дека доколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот за името, можно е Груевски да избега во Унгарија.

Понатаму, Груевски ја користеше секоја можност да потенцира дека е политички прогонуван, а во тоа го поддржуваше и матичната партија на чело со лидерот Христијан Мицкоски.

Маченички наратив доби и државен печат со минатонеделната одлука на Комисија за заштита од дискриминација, во која се тврди дека на Груевски му било нарушено правото на правично судење

„Мене не ме суди судот, туку политиката. Сѐ ќе се издржи и ќе помине, но нема да се заборави“, рече Груевски на последната прес-конференција во Собранието.

Она што требало да ги вклучи сите аларми е што тој маченички наратив доби и државен печат со минатонеделната одлука на Комисија за заштита од дискриминација, во која се тврди дека на Груевски му било нарушено правото на правично судење.

Груевски може да го искористи овој документ како доказ во постапката за барање на азил зашто пред унгарските власти ќе има документ од државна институција што потврдува дека е дискриминиран.

Во Комисија за заштита од дискриминација преовладуваат членови коишто се поставени од ВМРО-ДПМНЕ, а нејзиниот претседател Александар Даштевски многупати јавно ги бранел политиките на партијата и на самиот Груевски.

Покрај тоа што од една страна експремиерот се претставуваше како политичка жртва, со изјавите од типот „во затвор се влегува и се излегува“, веројатно намерно оставаше впечаток дека е помирен со казната. Тоа го кажуваа и брифинзите од ВМРО-ДПМНЕ.

Кој добива од бегството на Груевски?

СДСМ ќе се обиде да го разниша митот за Груевски токму кај тврдокорниот дел од електоратот | Фото: БИРН

Многу тешко може да се докаже теоријата дека власта го пуштила Никола Груевски или барем замижала пред неговото бегството заради некаков конспиративен договор.

Но, веќе се наѕираат некои консеквенции од овој потег.

Процедурата за барање азил ги замрзнува процедурите на доцна распишаната меѓународна потерница. Таа може да трае со месеци, а по некогаш и цела година, што практично значи дека Груевски, ако ништо друго, си купи драгоцено време во Будимпешта.

Груевски со своето бегство практично го ослободи СДСМ од опасноста јавноста да биде изложена на сликата за неговото „мачеништво за Македонија“.

Во таа смисла индикативно е посоченото интервју на првиот полицаец на Канал 5.

Имено, тој веќе на пола емисија преминува во партиски говор пуштен на најјако и го користи партискиот наратив за Груевски како лажен патриот, криминалец, кој „треба да ја признае грешката кон македонските граѓани“.

Груевски со своето бегство практично го ослободи СДСМ од опасноста јавноста да биде изложена на сликата за неговото „мачеништво за Македонија“

Веднаш по бегството и СДСМ се огласи со слична реторика: „Осудениот криминалец Никола Груевски самиот потврди за себе дека е срам и кукавица… Со кукавичкото бегство лажниот патриот, криминалецот Груевски покажа дека останува верен на каузата на криминалот…“

Нема сомнение дека со ваквата реторика СДСМ ќе се обиде да го разниша митот за Груевски токму кај тврдокорниот дел од електоратот, во пресрет на идните избори.

Од бегството на Груевски полза ќе има и експедитивноста на случаите на СЈО.

Како што се покажа веќе рано изутринава – притворот сега многу полесно ќе се одредува, што на своја кожа го осетија Јанакиески и Божиновски. Не е исклучено сега, оставени сами на себе, некои од обвинетите што брзаат да изразат „шок и разочараност“ од потегот на нивниот некогашен шеф да станат кооперативни во комуникацијата со обвинителството.

Иако на прв поглед не изгледа така, полза може да има и разнишаната ВМРО ДПМНЕ на Мицкоски. Не е исклучено многуте струи во партијата, ослободени од сенката на големиот лидер, секоја за себе да посакува конечна разврска и се разбира – своја  победа.