Регион

БиХ ѝ ја потврди затворската казна на поранешна припадничка на ХВО

Адмир Муслимовиќ, Сараево

Азра Башиќ на сараевскиот аеродром, по депортацијата од САД во 2016 година. Фото: Обвинителство на БиХ

Апелацискиот оддел на Судот на БиХ, ѝ ја потврди првостепената пресуда на Азра Башиќ, поранешна припадничка на ХВО, со која таа беше осудена на 14 години затвор.

Башиќ беше прогласена за виновна за злосторства над цивили и воени затвореници, извршени во 1992 година, во областа на Дервента.

Жалбата на Азра Башиќ беше одбиена како неоснована.

Таа е прогласена за виновна дека во периодот од 26 април, до мај 1992 година, во просториите на Југословенската народна армија (ЈНА) и на подрачјето на селото Поље, во општина Дервента, сама, но и со други војници, учествувала во убиства, тортура и нечовечки третман на цивили од српска националност.

Првостепениот совет, врз основа на изјави на сведоци, од кои некои ја препознаа обвинетата и јасно рекоа оти таа го убила лицето Благоја Ѓурас, заклучи дека Башиќ, надвор од разумно сомневање, е виновна.

„Таа била единствената жена во Домот на ЈНА“, се вели во пресудата.

Башиќ, исто така, е прогласена за виновна дека на 2 мај 1992 година, во селото Поље, им нанела сериозни физички и психички болки на Боро и Петар Марковиќ.

Во казната ќе ѝ биде пресметано и времето што таа го поминала во притвор, по екстрадицијата од САД.

Башиќ, родена во Хрватска, ја напуштила БиХ по војната и емигрирала во САД. Подоцна добила американско државјанство.

Таа беше уапсена во Кентаки во 2011 година и осудена за имиграциска измама, односно, за давање на лажни информации на американските власти, во врска со нејзиното учество во војната во БиХ.

Таа водеше долга борба против депортацијата. Тврдеше дека само учествувала во обични воени операции против српските сили и дека не извршила никакво воено злосторство, како и дека самата во голема мера била малтретирана во српски логор.

Сепак, на крајот, во ноември 2016 година, САД ја екстрадираа во Сараево.

На оваа пресуда не постои можност за жалба.