Бизнис политика наспроти визија

Само неколку часови по заклетвата на младата градоначалничка Жизела Мота во Темиксо, Мексико, група платеници ја убиваат во нејзиниот дом пред очите на семејството. Таа, помалку од еден ден, беше прва градоначалничка – жена во Темиксо, во земја каде што ваквите убиства се во доменот на нормалното. Само еден ден успеа да зборува за нејзината визија. „Од дете сакаше да се занимава со политика и да ги менува нештата”, низ солзи раскажува нејзината мајка.

Мексико е еден од оние авторитарни режими каде што последната декада се убиени повеќе од стотина градоначалници. Картелите честопати впрегнати во зделки со полицијата, освојуваат нови дијапазони. Ги присилуваат градоначалниците да им даваат процент од нивните буџети и да одобруваат и замижуваат на различни зделки. Локалните власти, подобро или полошо ситуирани, располагаат со сопствени буџети и некаква политичка моќ. Ова е авторитарен контекст каде што политиката не само што му потпомага на криминалот туку самата по себе е бизнис.

А колку животи и сонови чини таа бизнис политика? Тажната приказна укажува на огромен проблем: малодушност и безизлезност вкоренети во нормалното. Овде не се работи повеќе за градење на демократија, но за соземање и преживување. Општество кое со години не може да се ослободи од синџирите на криминалот и корупцијата, а камоли да размислува за слобода. Овде изборите се фарса, слободата на говорот е шепот, а малите изблици надеж, како Жизела, на пример, се замолкнати.

Уште потажно е кога ваквите примери те носат дома и кога, за жал, државата за која си сонувал дека колку и да е мала, има простор за идеи и напредок, полека, но сигурно, може да се споредува со ваквите приказни. И овде, најголем проблем е чувството на безизлезност на јавното око кое будно треба да следи и да бара. Наместо тоа, јавноста е само публика. Веќе долго време, па можеби и од моментот кога прослави независност за прв пат. Од тој ден, бизнисот започна помеѓу политичките елите и странските експертски картели.

Не се појави Линколн да им грмне на своите сопартијци дека еднаквоста на секој пред законот, црн, бел, жолт е важна да се изгласа сега и овде заради достоинството на тие луѓе, а не заради политичките калкулации. Овде сопартијците многу бргу научија дека политиката е бизнис, а тие делат плен. Знаат дека ако до вчера биле никој и ништо, денес, макар и за кратко, се блиску до трпезата на граѓаните. Се калкулира до заборав. Заборав!

Домашните политички-бизнис елити и странските картели со неподнослива леснотија ги истуркаа граѓаните, ги претворија во публика и им дадоа навивачки свирчиња. Ниту еден суштински договор, Охридскиот, децентрализацијата, Мајскиот, Пржино,.. не беше ставен на вистинска јавна расправа. Во сите нив се кршеше Уставот, кој од граѓаните се бара да биде почитуван. Истите странски картели кои градат мировнички т.е. криминални кариери кршејќи го Уставот, ги смируваат и убедуваат граѓаните дека сѐ ќе биде в ред. Дека тие гарантираат фер избори, демократизација, интеграција и што ли уште не.

А ние се чудиме зошто странците легитимизираат криминалци? Се чудиме како вакви познати фаци од развиени држави не можат да им најдат крај на нашиве. Како тоа учествуваат во смешни преговори. Што прават навистина? Си кажуваат вицови? Се запиваат, па забораваат за што се собрале? Или сите нешто, сепак, глумат за пред публика. Верувам дека има од сево ова по нешто, но најмалку се занимаваат со реалните проблеми и човечки животи.

А човечките животи, граѓаните со исто така неподнослива леснотија, сето ова го консумираат. Сте се запрашале ли, еве, вие, каква визија имате за оваа држава? Што ќе правиме, всушност, без сета оваа драма? Кога голем дел од воспитувањето е како тоа да се снајдеш во токму ваква сапуница, дали остана некој што сонува за поинакво утре, без да биде набргу замолчен и наскоро со куфер в рака?

Најпосле, што со Жизелите во Македонија? Тие најверојатно, сепак ќе се борат како неа. Можеби и само за еден ден да зборуваат за визија и за поинакво утре. Тие се гласовите кои свесни за целата фарса и драма, нешто не им дава да станат актери, но остануваат луѓе. Тие знаат за картелите, а сепак одат на избори, им се обраќаат на полубудните и имаат насмевка на лице и кога големите босови зајадливо им го ронат светот. Тие знаат дека победите не се бројат во часови и приграбени блага. Нивните победи траат подолго од сè.

Авторката е кандидат на докторски студии – компаративна политика, Централноевропски универзитет, Будимпешта