Ако нема реформи, не треба да има ни избори!

Само ревизија на датумот за избори може да го запре лудилото на агресивно концесионирање на електоратот и да го фокусира вниманието на итните реформски приоритети. Во спротивно, нема да има никаков демократски исчекор, а единственото прашање ќе биде дали оваа количина непријатели е доволна или ќе мора да се произведат уште, за да не остане власта без „репроматеријал“.

Има многу примери, кога одредена политика за излез од криза, поради разни предвидени и напредвидени околности, на крајот се претвора во сопствениот антипод и завршува како политика за влез во криза. На прагот на таквата можност, за жал, стигна и Договорот од Пржино.

Во случајов, повеќето причини беа предвидливи. Многубројните предупредувања за неговите фабрички грешки, кои навестуваа дека процесот може да заврши со тешки дефекти во крајниот производ, се покажаа како точни. Но, потврдената прогноза, не може да биде сатисфакција, бидејќи кризата допрва зема замав, а навестува тежок и многу турбулентен период за Македонија.

Имено, преку константно одолговлекување на реализацијата на Договорот, власта ја постигна целта: успеа во фазата на (пост)продукција да го деформира и целосно да го прилагоди Договорот на своите потреби и интереси. За таа цел, зад официјалната сцена интензивно спроведе една калкулантска стратегија, преку која ја релативизираше и ja обезвредни важноста на обврските и придонесе тие да се реализираат максимум до ниво на полуфабрикати.

Пред очите на целата јавност се спроведе суптилен процес на реставрирање на сите девијантни политики кои беа причина за кризата, со единствена разлика што тие сега се продаваат под пржинска етикета.

Поради сето ова, не смее гарантите на Договорот да молчат и да не забележат дека процесот е изместен по сите точки. Пробиени се и временските рокови, но она што е најзагрижувачко, е тоа што обландата на Договорот не е исполнета со содржината која требаше да донесе департизирање, одвојување на државата од партијата, ослободување на институциите од партиски канџи. Напротив.

Системските грешки не само што не се демонтираат туку забрзано се ревитализираат, се обложуваат со слоеви нова шупливост, која треба да им осигура долгорочност на старите владејачки матрици. И откако го препарираа Договорот како исушена темјанушка во хербариум, сега чекаат избори. Со нереформирани медиуми, со истите судии од тефтерчето, со брзање да ја претекнат Катица, со натомашна контрола врз сѐ, во изборите го гледаат својот клиентелистички одработен спас.

Тоа е сега клучното прашање. Дали гарантите на Договорот и демократската јавност, ќе дозволат изборите да го претркаат спроведувањето на обврските?

Не може сите рокови да бидат флексибилни, само датумот за избори да биде фиксен. Создавањето предуслови за некаква елементарна демократија е поврзано, пред сѐ, со процесите што им претходат на изборите.

Демократскиот живот не смее и натаму да биде сведен на изборен ритуал кој еднаш во четири години ќе легитимира гарнитура, која пак, потоа, не само што ќе ускратува секаква можност за учество во јавното одлучување туку ќе биде целосно имуна на отчетност, на аргументирана критикa и на минимум транспарентност.

Регуларноста на изборите е само еден од предусловите и претпоставките за демократија, но не и доказ за нејзино целосно остварување. Проблемот кај нас е што власта исходот од „технички добро спроведени избори“, го доживува како виза за добивање неограничена и несанкционирана власт, во пакет со гаранција дека никој во следните четири години не смее ништо ни да ја праша, ни да ѝ каже, ни да ѝ забележи.

Но, знаеме дека суптилитетот на фалсификување на изборната волја, веќе една деценија не е во сферата на техничката организација на изборите туку во претходна обработка и капарисување на гласачкото тело преку користење на државните ресурси за партиско-изборни цели: вработувања, субвенции, социјална помош, стипендии, бесплатни превози, бањи, викенди…

3086998079_763dbdb3e2_o

Фото: mohammadali / Foter.com

За жал, ваквиот изборен шопинг не само што не запира туку се проширува и надградува. Владата вчера најави субвенции и за лица до 35 години кои ќе купат куќа, а проектот ќе почне да се спроведува од февруари! Така се погодило – „случајно“ пред изборите. Со празни раце нема да останат ни земјоделците. Ќе се субвенционира половина од каматната стапка корисници на ИПАРД средства. Од чии пари ќе се плаќа сето ова? Благодарам на прашањето: Од наши!!! Со наши пари власта си купува свои гласачи. И што е тука фер или регуларно?

Како Договорот од Пржино ќе го спржи и проголта овој „мега -проект“, најмногу „мега“ според проектираниот грабеж на гласови што треба да се оствари со него? Како Договорот од Пржино ќе го елиминира ваквиот агресивен маркетинг, на кој со години е сведена политиката на власта?

Со помош на таков маркетинг и преку негова хиперпродукција, власта циклично си се самообновува, додека на зелената маса лицемерно става потписи за деполитизирање на општеството и за фер игра.

Ако гарантите на Договорот од Пржино замижат пред ваквите трендови кои се спротивни на духот и целите на тој документ, тие ќе станат соучесници во создавање нова, уште поголема криза, за која изборите нема да бидат решение туку нов проблем.

Затоа, овој процес никако не смее да заврши со давање каква-таква „демократска лиценца“, бидејќи таа ќе нема никаква врска ни со демократијата, ни со целите на Договорот. Неговата реализација итно мора да се преиспита, и врз основа на увидот, да се преземат следните чекори.

Првиот ќе мора да биде ревизија на датумот за избори, бидејќи само тоа во моментов може да го запре лудилото на агресивно концесионирање на електоратот и да го фокусира вниманието на итните реформски приоритети.

Во спротивно, освен панаѓури на национална мистика за одбрана на загрозениот идентитет од внатрешни и надворешни напријатели, нема да има никаква друга политичка програма. Ни демократски исчекор, ни напредок, а камоли надеж за некаков повидлив развој.

Единственото прашање ќе биде дали оваа количина предавници и непријатели е доволна, или ќе мора да се произведе нов контингент, за да не остане власта без „репроматеријал“. На внатрешен план, сосема е извесно дека политичкиот живот ќе биде организиран не според демократски и интеграциски правила туку според повикот на хушкачките труби за конечна пресметка и истребување на неистомислениците.

Растот на БДП, ќе се мери според бројката на „елиминирани“ новинари, „мртви“ опозиционери и „ранети“ граѓански активисти. И сигурно, повторно ќе бидеме најдобри во рагионот, во Европа, а можеби и во светот.

Но „Пржино“, никако е смее да заврши со ваков „резултат“. И тоа не треба да чекаме да го констатираат само гарантите на Договорот или неговите потписници. Тоа ќе мора да го кажат и граѓаните.