Битка за индулгенции

Наместо реално да ги процени состојбите и резултатите, и достоинствено да се повлече владејачката врхушка срамно и тажно се обидува да ги претстави како успех кој е загрозен од митологизирани странски демони, како коцкар кој се повеќе го зголемува влогот, несвесен дека на крајот не изгуби сѐ.

Дојдовме и до најсрамниот момент од заткулисните преговори, во кој доминира клучната битка ВМРО-ДПМНЕ. Таа не се однесува на никакви конструктивни активности за излез од кризата. Посветена е, без оглед на демантите, исклучиво на обидите за зачувување на аболицијата. Се бараат начини како таа одлука да се конзервира, да се заштити од поништување, укинување и други можни мерки кои би можеле да го анулираат нејзиното дејство.

Партијата е во тотален грч, бидејќи пред публиката побара од Иванов да ја повлече одлуката, но во четири очи му забрани да го стори тоа. Кошмарот е особено зголемен пред доаѓањето на специјалниот пратеник од Германија, па сега се бараат други излезни решенија ако таа одлука мора да падне, независно од „волјата“ на претседателот. Се ценкаат, во таков случај аболицијата да биде супституирана со некаква друга можност за амнестија. ДПМНЕ стана „реална“: го бара невозможното! Да си купи индулгенции.

Врхушката која досега дискреционо одлучуваше кој смее да работи, кој да гради, кој да урива, кој да добие затвор, кој ендек, а кој етикети, истата таа врхушка, која хистерично се смееше мерејќи ги дострелите на сопственото страховладение преку тоа кому и колку „му тече низ ногавици“, сега е падната на колена.

Тоа се случува кога ќе попуштат сите дизгини на (не)здравиот разум и кога тој за првпат целосно, без задршка, ќе се самоизложи во оригиналното, немаскирано несечено, нелепено и немонтирано издание. Врхушката која досега дискреционо одлучуваше кој смее да работи, кој да гради, кој да урива, кој да добие затвор, кој ендек, а кој етикети, истата таа врхушка, која хистерично се смееше мерејќи ги дострелите на сопственото страховладение преку тоа кому и колку „му тече низ ногавици“, сега е падната на колена. Тоа е позиција по која следува и друг, уште потежок пад (боксерите најдобро знаат како се нарекува тоа) кога ќе сфатат дека индулгенциите како грево-платежен промет, не се признати во демократскиот свет.

Со индулгенциите кои десет години без скрупули си ги доделуваа меѓусебе со амин од партиски исприватизиран свештеничко-монашки клир, создаваа слика за генерација на „чесни“ и професионални патриоти. Но, гревовите им беа простувани и на други лица во замена за салонски десничарски експертизи, како и на овластените чувари и дистрибутери на патриотскиот имиџ. Сите тие „тапии“ за откупениот грев денес паѓаат пред презадолжената буџетска каса, пред истрагите кои доаѓаат до фрапантни суми пари „патриотски“ изнесени од земјата и за серија познати и непознати грабежи за кои јавноста допрва ќе слуша.

Така што, кога некој ќе ве убедува во можности од зголемена лактација, не го игноријајте. Луѓе кои покажале дека знаат како да и ја „извадат маста“ на земјата, во потрага по спас за сопствената кожа, подготвени се да ви продадат уште многу хектолитри „од пиле млеко“, па макар и да е тоа од домашна крава заболена од „јазлеста кожа“.

Ова се тие опасни времиња на обид за последна лага и измама, но и времиња во кои луѓето можат да станат колатерална штета на нечии бескрупулозна намери да ги сочуваат своите милиони или да се спасат од затворски казни. Метата што ја ставија на градите на Крпач, може да биде ставена и на многу други лица. Во таква дистопија, не е тешко да се најдат „патриотски“ каскадери што ќе ја завршат нечистата работа.

Секако, зад главните приврзаници на индулгенциите, опстојува и една второ и третоешалонска армија, која преку административните позиции ќе се обиде да скрие дека е верен дупликат на првите, иако е видливо колку е далеку од вистинската нијанса на стандардизиран архетип на професионалност. Таа неподнослива леснотија на неодговорноста изразена по кадровска вертикала – од врвот кон дното, исто така се надева дека ќе биде зафатена со индулгенциите на наредбодавците. Кругот е голем, надежите уште повеќе.

Од тој аспект, во овој период демократските сили во земјата ќе мора да бидат главни чувари пред опасноста каква било форма на неказнивност да се протне на мала врата во замена за одложување на изборите. Такви калкулации со владеењето на правото, не смеат да бидат спомнати, а камо ли ставени на преговарачка маса.

Слоганот „Нема правда – нема мир“ не е паролашка фраза. Тоа е главна и суштинска порака. Принципите на неселективна казнивост и на еднаквост на сите пред законот, не смеат да бидат трампани за потребите на каков било меѓупартиски компромис. Ако достижноста до правдата биде оневозможена поради ценкање со датуми за избори и други лични мотиви на засегнатите, „четворката“ ризикува да се соочи со таква тотална граѓанска мобилизација, по која сите ќе бидат делегитимирани за учество во какви било разговори за излез од кризата.

Во овој период демократските сили во земјата ќе мора да бидат главни чувари пред опасноста каква било форма на неказнивост да се протне на мала врата во замена за одложување на изборите.

Режимот во Македонија опстануваше досега токму поради обезбедената несанкционираност, и благодарение на производството и кулминирањето на перманентни кризи – од 24.12.2012 до денес. Таквите практики беа темелени на сувереното познавање на „логиката“ на сите главни и споредни процеси: од личниот и партиски ќар што може да се извлече дури и од билатералните спорови, ако тие „умно“ се претворат во алиби за застој на интегративниот пат и се објаснат како демотивација за реформи, па се до проценката на „специфичната тежина“ на народот, кој најлесно се манипулира и субвенциониран ако живее со гладен стомак.
Но, кога ќе се демаскира сржта на таквата, од секако аспект, недетерминирана „епоха“ и кога неповратно и се навестува крајот, доаѓа таканаречената „жута минута“. Тоа е минутата што сега ја живее ДПМНЕ. Време во кое панично го губи чувство за реалност, па од желба да покаже пркос продолжува со невиден авантуризам, некритичен занес аранжиран со глумење нормалност, зад која одамна ништо не е нормално.

Наместо реално да ги процени состојбите и резултатите, и достоинствено да се повлече (шанса пропуштена во февруари минатата година) владејачката врхушка срамно и тажно се обидува да ги претстави како успех кој е загрозен од митологизирани странски демони. Наликува на коцкар кој се повеќе го зголемува влогот, несвесен дека на крајот не изгуби се.

Декаденцијата на нејзиниот залез, е слична на падот на некои империи. Се прашувам, ќе стават ли крај на личниот срам, или бесполезно ќе вртат кругови, се до моментот кога и нивните „преторијански гарди“ ќе престанат да го чуваат тронот и ќе се свртат против него.