„Фер избори“: за секој избришан, по еден аболиран

Зошто експерти би се малтретирале да вкрстуваат бази на податоци, граѓани да пријавуваат нерегуларности, анкетари да прават теренски проверки, набљудувачи да контролираат, ако на целиот процес може да му пресудат пет лица во судиски тоги, со тоа што ќе овозможат легализирање на изборниот криминал преку аболирање на неговите сторители.

Уставниот суд на 16 март ќе реши дали ќе ги укине измените на Законот за помилување, со кои би му се дозволило на претседателот на државата да помилува без ограничување, вклучително и осудени за изборен криминал. Во моментов не можеме да прогнозираме каква ќе биде одлуката на Уставниот суд, без оглед што сите досегашни постапки навестуваат дека водата ја тера на таа воденица- шефот на државата да добие таква можност.

Ако петте судии или барем дел од нив (кои гласаа да се поведе иницијатива), размислат за правните последици и го ревидираат ставот, тоа би бил посакуван епилог во насока на создавање фер-услови за избори, преку јасна правна порака дека изборниот криминал не смее да подлежи на неказнивност, односно на аболиција од страна на претседателот.

Но, ако донесат одлука спротивна на тој правен и демократски стандард, тогаш ДИК слободно може да стави катанец на канцеларијата и да заборави на какво било прочистување на избирачкиот список.

Зошто странски и домашни експерти би се малтретирале да вкрстуваат бази на податоци, илјадници граѓани да пријавуваат нерегуларности, стотици анкетари да прават теренски проверки, уште стотици партиски набљудувачи да го контролираат тоа, ако на целиот тој процес може да му пресудат пет лица во судиски тоги, со тоа што ќе овозможат легализирање на изборниот криминал преку аболирање на неговите сторители?

Сите криминали и досега беа покривани со закон – од фамозните транзициски приватизации до градителско-тендерските дострели на преродбата. Практично, криминалот стана законски и уставно заштитена категорија

Во таква ситуација какво значење би имал прочистениот избирачки список? Никакво. Дури и најидеално да биде ажуриран, регуларноста на списокот ќе падне во сенка на мотивацијата за неказниви изборни нерегуларности. Тоа е исто како да ослободите од казна возач што прегазил човек, бидејќи не возел „на диво“, туку со регуларна возачка дозвола.

Не е тешко да се претпостави како ќе тече приказната: „Сакавте чист список – го имате! Сега се жалите зошто претседателот аболира? Па законот му дава таква можност. Судиите одлучиле. Тие се независни, не смееме да им се мешаме во работата. Нели сакаме владеење на правото? Еве, правото си владее…“

Вака би изгледал тој епилог. Ништо изненадувачко, ако се има предвид дека сите криминали и досега беа покривани со закон – од фамозните транзициски приватизации до градителско-тендерските дострели на преродбата. Практично, криминалот стана законски и уставно заштитена категорија.

Сега ќе бидеме сведоци само на предвидливи магионичарски надмудрувања. Додека ДИК вади стотици и стотици накотени „зајаци“ од кутија (избирачкиот список), Уставниот суд од политичкиот цилендар маестрално ќе вади „гулаби“ на слобода. Нешто слично како бегалската размена меѓу ЕУ и Турција: за еден избришан (нерегуларен) гласач, еден амнестиран. Или како размената на „Момински мост“. Само што ова е еден многу посериозен „филм“.

Не случајно, ЕУ реагираше на потезите на Уставниот суд, со став дека иницијативата е спротивна на одлуките на Собранието и на партиите, и ги минира напорите за кредибилни избори.

Министерот за правда, Аднан Јашари, тврди дека останува на истиот став како во 2009 година кога ги гласал измените на законот, и се надева дека сега нема да биде прифатена иницијативата за негова измена. И Груевски изјави дека останува на ставот што го имал во 2009 година (со фуснота – да се провери во архивите).

Но, практиката покажа дека многу јавни изјави досега беа проследени токму со спротивни налози зад сцената. Во овој случај, интересот на засегнатите неколкукратно ги надминува прашањата од корпусот на изборни нерегуларности.

Во наредните денови и политичарите и судиите ќе покажат, а ние ќе можеме да се увериме, кој за каква држава и за какво општество се определил. После тоа, нема правдање

Еве зошто: ако се укинат измените на Законот од 2009 година, на сила ќе се врати членот 11 од основниот Закон за помилување донесен во 1993 година, кој на шефот на државата му дава широко право да аболира: „Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување постапка за помилување пропишана со овој закон, кога е тоа од интерес за Републиката или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано“.

Ако се има предвид колку и какви сѐ постапки можат да произлезат од работата на Специјалното обвинителство, не е тешко да се претпостави дека враќањето во живот на овој член е формулата за спас на многумина кои се огрешиле од законот.

Шефот на државата дискрециски ќе може да реши дека одредено дело е оправдано или од интерес за Републиката и во случаите со разни набавки и тендери, но и за менувањето ГУП-ови и ДУП-ови, кои сега во истрагите се книжат како злоупотреба на службена должност, провизии итн.

Бидејќи по одлуката на Уставниот суд нема друг правен лек, сега останува шефот на државата јавно да се изјасни: дали ако одлуката на Уставниот суд му го овозможи првото да аболира, тој ќе го користи тоа право спротивно од предупредувањата дека „секоја сугестија за неказнивост на изборни злоупотреби е контрапродиктивна за напорите кои се инвестирани во земјата за кредибилни избори и обидите да се врати довербата на граѓаните во изборниот процес?“

Иванов, кој на секоја средба со европските лидери ја потенцира важноста од интегрирањето на Македонија во ЕУ и НАТО, сега има шанса лично да им докаже дали оваа земја навистина ги исполнува условите за тоа: дали во неа владее правото или политичкото самоволие? Односно, ќе покаже дали решително ќе се откаже од „право“ кое води кон неправо, кое потенцијално ги минира и сите напори на СЈО за истрага на разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите и нивно санкционирање.

Сега, кога нештата се оставени на бришан простор, секој ќе може да покаже каква ќе биде неговата улога во овој важен политички момент. Ќе се види кој во какво општество и во каква држава сака да живее.

Во овој контекст, илустративен е принципот што го користел Дејвид Огилви, втемелувачот на модерниот адвертајзинг. Кога тој ја проширувал својата компанија, имал обичај на шефот на секоја нова филијала да му испрати голема руска „бабушка“. Кога ќе ја отвориш, во неа има помала, во помалата уште помала, а во најмалата оставал порака: „Ако вработуваш луѓе помали од себе и полоши од себе, ќе станеме фирма на џуџиња. Ако вработуваш луѓе поголеми од себе, ќе станеме гигант“.

Ова правило не важи само за компанија. Важи за институциите, за државата, за шефот на државата, за партиските лидери, за сите што во хиерархиската пирамидата се наоѓаат на некоја скала од вертикалата.

Од тоа со кого и со што тие ќе се опкружат, зависи дали ќе имаме држава, државиче или околчена територија. Дали ќе имаме правна држава или нејзина карикатура и дали ќе нѐ предводат професионалци со интегритет или криминалци со клиентелистички обезбеден „легитимитет“.

Во наредните денови и политичарите и судиите ќе покажат, а ние ќе можеме да се увериме, кој за каква држава и за какво општество се определил. После тоа, нема правдање.