Либертѐ, егалитѐ, чесилежитѐ!

Колумна на Сашо Кокаланов

На знамето на македонската средноамериканска колонија Белизе има натпис: Sub Umbra Floreo, или преведено на јазикот на колонизаторот: Под сенките се развивам. Сега кога палмите веќе ги нема, жителите на многу македонски егзотични градови низ републиката со право се загрижени дали без нивните раскошни сенки ќе продолжат да се развиваат со толку силно темпо како и досега.

Ќе останеме ли трета брзорастечка економија во светот? Нема Македонец кој не си го поставил ова прашање, барем еднаш по неочекуваната, прерана смрт на илјада и стоте македонски палми.

Сепак, има нешто што Македонецот и палмите ќе продолжи да ги поврзува како нивни заеднички именител. Тоа е палминото масло. Прво, како најевтино, ќе можеме да си го дозволиме и ако, по некоја случајност, паднеме од третото место на листата на светски брзорастечки економии. Второ, Македонецот ги има истите својства како ова масло: може за една иста работа повторно и повторно да се користи, речиси неограничен број пати, без никакви последици.

Ќе останеме ли трета брзорастечка економија во светот? Нема Македонец кој не си го поставил ова прашање, барем еднаш по неочекуваната, прерана смрт на илјада и стоте македонски палми

Токму палмите на најсуров начин ни покажаа дека Македонецот можеш да го користиш за негово ограбување повторно и повторно, речиси неограничен број пати, без никакви последици. Никој нема да понесе одговорност за исушените 522.000 евра на македонскиот граѓанин за увоз на палми.

Притоа, не само што никој нема да одговара туку, сигурен сум, веќе активно се размислува како да бидат исушени нови милиони евра за нови креативни идеи, како без никакви последици одново да се празни непресушниот џеб на македонскиот граѓанин.

Освен палминото масло, палмите и Македонците имаат уште една заедничка работа – и едните и другите се на добар пат да бидат истоварени на депонија, овие вториве на депонијата на историјата, како мрши – жртви на една иста епидемија. Но, тоа не е толку важно.

Поважно е дека на местото на палмите ќе бидат посадени јавори. И тоа гратис. За разлика од палминото масло кое има широка употреба, јаворовиот сируп се користи главно за слабеење. Што е одлична вест. Особено за оние кои прекумерно се згоија живеејќи на товар на тврдокорниот македонски граѓанин.

Слично како и во државното собрание, каде што пратениците на ВМРО-ДРПАМЕ се расправаат сами со себе, и за палмите се води жестока расправија на вмровците сами со себе. Вината си ја префрлаат еден на друг вмровецот Жарко Караџоски како директор на „Македонски шуми“ и вмровецот Коце Трајаноски како градоначалник на Скопје.

Толку многу се караат што граѓаните веќе вистински почнуваат да стравуваат од граѓанска војна. И тоа, внатре во ВМРО-ДРПАМЕ. Дури и владејачката СДСМ од грижа да не предизвика граѓански конфликт внатре во ВМРО-ДРПАМЕ, па си седи во опозиција. Зашто ниедна гребнатинка од палма не е вредна за луѓе како Караџоски и Трајановски.

За разлика од ваквиот ноншалантен однос на бившата опозиција што никако да стане власт, бившата власт што никако да стане опозиција не седи мадро. Палмите ги нема, на јаворите ќе им треба време да пркнат, па затоа шефот на оваа племенска заедница, Никола Груевски, заедно со своите месни поглавари е во потрага по нова сенка. Се разбира под која ќе продолжи да се развива, зашто Sub Umbra Floreo е сѐ уште неговото животно мото.

И ја најде. Шумскиот резерват „Јасен“ нуди многу дебела сенка. Сенката таму е дури и здебелена – со бетонски ѕидови, за секој случај, за да издржат напад од нуклеарно, хемиско и биолошко оружје. Информациите се дека оттаму Груевски ќе го раководел пучот ако случајно на власт дојде бившата опозиција, која, кај и да е, наредните денови, недели, месеци, години, а можеби и векови ќе ја преземе одговорноста за оваа држава.

Ловиштето ќе било оперативен штаб за ловење неподобни политичари, професори, новинари, а оттаму ќе се издавале команди за затворање медиуми и социјални мрежи.

Се разбира дека на прво слушање ова ви звучеше премногу лудо за да биде вистинито, но потоа се сетивте дека тие се лудаци на кои очајно им треба некаква сенка, засолниште, спас… Потоа се сетивте дека не ја добија единствената точка од нивната платформа – амнестијата и дека сега се избезумени и бревтаат како ранета животинка на ловиштето за криминалци.

Велат дека денот по утрото се познава. Какви ли денови навестува згаснувањето на „Утрински“, чиј последен број ќе биде отпечатен в сабота?

А најпосле, се сетивте и дека зад идејата да се садат палми не стои ни Коце ни Жарко туку лудиот поглавар, дека зад кршењето на Уставот не стојат Хорхе и Трајко туку лудиот поглавар, дека зад гушењето на новинарските и човековите слободи стои истиот тој луд поглавар и можеби, велам можеби, сепак помисливте дека „Јасен“ не е само обична, нејасна новинарска патка.

Додека вие се прашувавте дали е патка, паторот работеше 24/7. Како резултат на неговата работа имаме нови две вознемирувачки вести: 1. Оливер Андонов е поставен за директор на „Јасен“ (и покрај тоа што се работи за човечка појава дијаметрално спротивна од името на резерватот); 2. По 18 години постоење згаснува „Утрински весник“. Не знам кое од овие две нешта повеќе ме растревожи.

По сушењето на овие увозните, нема поголема палма во Македонија од Оливер Андонов. Овој непресушен и исклучително отпорен извор на човечката глупост можеш да го засадиш секаде, за разни употреби, еднократни или повеќекратни, и тоа не само за една сезона, за една зима туку и за еден ден, па дури и за 12 часа колку што беше посаден како  министер за внатрешни работи.

Во неговата богата биографија од два пасуса, едниот е аланфордовски и гласи вака: „Андонов е македонски политичар и поранешен министер за внатрешни работи на Република Македонија, кој функцијата ја извршувал во периодот од 1 септември 2016 година до 2 септември 2016 година“. Вториот е дека „ средно образование завршил на Военото училиште во Сараево“. Што бара овој заставник на македонската глупоштина во „Јасен“, прилично е нејасно.

Велат дека денот по утрото се познава. Какви ли денови навестува згаснувањето на „Утрински“, чиј последен број ќе биде отпечатен в сабота? Во химната, која, нели, ја бранат од разни антимакедонски платформи, има стих „Горите македонски шумно пеат: нови песни, нови весници!“ Тоа ли пеат горите во „Јасен“? Има ли поантимакедонска платформа од оние што работат директно против стиховите на македонската химна? Паднаа ли првите команди од бункерот?

Во очекување да ни се разјасни „Јасен“, а во духот на револуциите што ни се случуваат низ македонските егзотични градови и села, мислам дека нема појасна порака до лажните јасновидци од твитот што на чудесен начин ги спојува идеалите на денешната македонска и на некогашната француска револуција: Либертѐ, егалитѐ, чесилежитѐ! Јасен твит, појасен здравје.