Маршот на мороните

Деновиве, во главава интензивно ми се врти фамозниот расказ на американскиот автор на научна фантастика Сирил М. Корнблут (Cyril M. Kornbluth 1923 – 1958), насловен како „Малата црна чанта“ (The Little Black Bag). Станува збор за некоја далечна иднина, во која огромниот дел од светската популација е со коефициент на интелигенција не поголем од бројот на нивните чевли, додека пропорционално малото малцинство е нормално и паметно, односно има коефициент на интелигенција сто и над сто.

Интелигентните луѓе мораат да се преправаат дека се морони со идеја да ги држат мороните под каква-таква контрола, бидејќи им станува јасно дека ако го остават мнозинството да владее, тоа нема да донесе ништо добро. Кога сфаќаат дека паметта дефинитивно ќе биде поразена од глупоста, во некое сегашно време праќаат црна торба со најсовремен медицински сет, која ќе треба да помогне идиотизмот да се сведе во разумна мера. Се разбира, малата црна чанта доаѓа во рацете на идиотите од сегашноста…

Значи, се соочуваме со сѐ поотворен идиотизам, кој за тоа не е ни свесен – бидејќи тоа не му е ниту својствено на идиотизмот, што би рекол белградскиот колега Милош Васиќ. Идиотизам, се разбира, имало секогаш, но никогаш не бил толку отворен и самоуверен, што на подолг рок би требало да нѐ радува! Глупоста е леплива и неуништлива, но вака отворено видлива таа, сепак, може да се држи во некакви граници.

Ете, можеби лекот е во тоа и она малцинство на просечни и умни луѓе да се преправаат дека се идиоти за да ги држат идиотите под контрола. Проблемот е единствено во тоа дека во тој случај многу тешко се препознаваат вистинските идиоти во однос на оние камуфлираните.

Додека Мицкоски го брани името на државата преку одбрана на силеџиите од 27 април, на медиумите се лиферува веста дека во Клиничкиот центар е примено 14-месечно бебе со тешки телесни повреди добиени од ќотек. Ете, тој или таа што го претепал(а) бебето, само го бранел(а) својот мир

Го гледам лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на таканаречениот Марш за Македонија во Струмица, како зборува за „невините луѓе чија единствена вина е борбата за Македонија“ и бара амнестија за учесниците од настаните во Собранието на 27 април. Значи, крвничкиот ќотек на пратениците од парламентарното мнозинство не е ништо друго, туку „борба за Македонија на невините луѓе“. И веднаш замислувам како една група очајни луѓе крвнички претепува извршители, на пример, па ме интересира дали лидерот на опозицијата и тогаш ќе каже дека станува збор за „невини луѓе што единствено си ги бранат своите имоти“.

Иако, да бидам искрен, претепувањето на извршителите не може да доведе ниту до вонредна (воена) состојба, ниту до братоубиствена војна, што значи дека е многу побенигно злосторство отколку тепање пратеници во Собрание. Плус, со оглед на нашите искуства со извршителите, ќе предизвика разбирање кај голем дел од популацијата.

Мицкоски вели дека било доста од поделбите на „наши и ваши“ и дека затоа треба да се амнестираат учесниците во крвавите случувања од 27 април. Или, преведено на мојата компарација, тоа би значело дека доста беа поделбите на „наши и извршители“ и затоа треба извршителите да се претепаат. А може и новинарите. Или лекарите. Или банкарите. Или полицајците. Или… Изберете си професија што ќе кореспондира со вашите искуства.

На крајот на краиштата, ако се изрелативизира 27 април, тогаш (а зошто не?) може да се изрелативизира секое друго злосторство. А како што сега стојат работите, тоа и се прави. Додека Мицкоски го брани името на државата преку одбрана на силеџиите од 27 април, на медиумите се лиферува веста дека во Клиничкиот центар е примено 14-месечно бебе со тешки телесни повреди, добиени од ќотек. Ете, тој или таа што го претепал(а) бебето, само го бранел(а) својот мир.

Додека Мицкоски го брани името на државата, бранејќи злосторници, неговиот претходник Никола Груевски брани докторат. И сите заедно ја гледаат Македонија како полноправна членка на Европската Унија. Во некоја далечна иднина, во која цела Европа ќе биде преплавена од морони.

Просто, човек не знае повеќе кој е тука глупав, кој е луд, кој е идиот, а кој е морон. Се чини, сите ние!

Кусиот расказот на Корнблут „Малата црна чанта“, всушност, е претходница на неговиот веројатно попознат расказ „Маршот на мороните“ (The Marching Morons). За разлика од „Малата црна чанта“, каде што од иднината доаѓа лекот за идиотизмот, во „Маршот на мороните“, Корнблут го праќа главниот лик од сегашноста во иднината. Проблемот е ист. Човештвото се соочува со сѐ поотворен идиотизам (повторно станува збор за околу пет милијарди луѓе со коефициент на интелигенција 45 и околу триста милиони со интелигенција сто и над сто).

Главниот јунак, очигледно вешт во искористување на глупоста, ги користи своите вештини во продажба на бескорисни недвижности, праќајќи ги мороните на Венера. Во расказот има сешто, а многу од тоа е полезно и за нас денес. Има таму поучни делови за популационата политика, на пример; за ефектите од агресивната пропаганда; за државниот национализам итн. Има велиме многу интересни поуки, ама најважно е што нема оптимистички крај.

Главниот јунак, имено, и самиот завршува на Венера – онаму каде што ги праќаше мороните!