Амнестија, амнезија, анестезија

Конечно дознавме што бил врвен национален интерес. Не било тоа спас на земјата од името Република Северна Македонија, туку отпор кон северното и другите крила на кој било домашен затвор. Ни достоинството што го барале за тоа „мало парче земја“, не било синоним за мајка Македонија, туку за спас од парчето земја со димензии два на два, наречено затворска ќелија. Така што, кога велат „Никогаш Северна“, веројатно мислат на северната затворска „трибина“, таму каде што испратија илјадници граѓани во измината деценија, врз база на одмазднички акти против разни опоненти.

А ниедна од тие нивни жртви не упадна во Парламентот, не тепаше, не кршеше, не вршеше насилство, не се обидуваше да убие пратеници… Луѓето во изминатите десет години беа пикирани и осудувани по нарачка, во политички монтирани процеси, операционализирани преку судското тефтерче на Гордана и преку опсесијата на нејзиниот шеф за „последна пресметка со неистомислениците“, по која државата ќе биде под целосна партиска окупација, или како што ЕУ ја нарече – „заробена држава“.

Откако таа приказна заврши на 27 април 2017 година, а годинава почнаа да паѓаат првите пресуди, сега бараат амнестија. Не очекуваа дека офанзивата на Заев ќе стигне до портите на ЕУ и НАТО. Ги уверуваа сите дека кај и да е ќе падне, ќе го срушат, ќе го пратат во северното крило… Сега кога Македонија е сѐ поблиску до јужното крило (на НАТО), паниката доживува кулминација. Мицкоски и официјално престана да се прикажува како реформатор, и секој ден се потврдува како афирматор на сѐ што било ВМРО-ДПМНЕ претходно.

Иако во старт тој немаше голем маневарски простор за политичка игра, не го искористи ни тоа што го имаше. Дозволи рацете да му останат врзани од неговиот претходник. Не поради тоа што не може да ги плати огромните месечни сметки за онаа стрвна палата зината како ламја, туку затоа што не може да ги плати каматите од тешките политички хипотеки што му ги остави Груевски. И кога сите имаа делумно разбирање зошто човекот води политика „ни таму, ни ваму“, оставајќи му време да ја најде линијата на која ќе обележи јасен континуитет на доброто и дисконтинуитет на лошото, Мицкоски вчера докажа дека воопшто не правел такви напори, туку само продавал лажна перцепција.

Затоа, денес би било неточно да се констатира дека тој го изгубил компасот. Очигледно, никогаш немал свој, и практично продолжил со компасот што му го оставил Груевски. И натаму го игра единственото оро на кое Груевски го тренирал и него, и сите други, во изминатата деценија.

Сега кога Македонија е сѐ поблиску до јужното крило (на НАТО), паниката доживува кулминација. Мицкоски и официјално престана да се прикажува како реформатор, и секој ден се потврдува како афирматор на сѐ што било ВМРО-ДПМНЕ претходно

И законот за амнестија, Груевски му го предаде во наследство на Мицкоски на конгресот во Валандово. И добро е што маската конечно падна. Добро е што призна дека ќе бара амнестија за сите обвинети од 27 април. Сега е барем јасно зошто никогаш не го осуди тоа насилство, и дека тоа била и останала главната алатка за политичко пазарење, вклучително и за учество на референдумот.

Дури и Солза Грчева, која е жесток критичар на Договорот со Грција и најредовен демонстрант пред парламентот, во ТВ-настап искажа стравување од исходот на референдумот, токму поради политичари што не се исчистени од криминал, а со тоа можеби се предмет на уцена: „Тие што имаат кабает да се соочат со својот кабает. Ако се случувале криминали кај нив, или во нивните семејства, па нека си одлежат. Па, не може партија и држава да уништат заради свои себични интереси“.

Таа се осврна само на опасноста да бидат уценети, но не и онаа кога кабаетни политичари сами се пазарат да станат „конструктивни“ по цена на личната слобода, вратениот пасош, вратениот чалам, можноста лично да претрчаат до својата главна офшор-дестинација, да си го пребројат азното и други дребулии врзани за „националниот интерес“, кој е толку голем, што не може добро да се изрази со зборови, колку со бројки со многу нули.

Ете, тие патриоти се во паника, дека на осудените за 27 април ќе им пукне филмот, па ќе кажат како командно одела работата, па така, скала по скала, одговорноста и мечката ќе заиграат и пред нивната врата. Единствено, амнестијата на извршителите може да ја елиминира таквата опасност за нарачателите. И на таа гнила штица сега гази Мицкоски. За насилството бара амнестија, од граѓаните бара амнезија за сѐ што било (демек, поминало), а на судството му инсталира анестезија.

Истовремено тврди дека судството не чини и дека треба да се реформира. Ни Дејвид Коперфилд не би помислил да го направи на јавна сцена она што Мицкоски го приреди во едно ТВ-интервју: ем да мисли дека пука високо, ем да се застрела во нога, ем да проба да го вади куршумот преку малиот мозок.

Зошто тврди дека Договорот со Грција е капитулација? За да го скрие фактот дека амнестијата е капитулација пред злосторството. Ако се прифати такво нешто, никаков Договор со Грција нема да биде потребен за деблокирање на интеграциските процеси. Македонија ќе покаже дека и без спорот со Грција има проблем: не само што никогаш нема да стане правна држава, туку и не ќе може да се нарече држава, туку омеѓена ливада на која царуваат криминалот и неказнивоста. Мицкоски бара Македонија да се легитимира токму на таков начин. Така ги брани достоинството и националните интереси. Зошто? Само затоа што на некои негови партиски другари им „тече низ ногавици“.

Ни Дејвид Коперфилд не би помислил да го направи на јавна сцена она што Мицкоски го приреди во едно ТВ-интервју: ем да мисли дека пука високо, ем да се застрела во нога, ем да проба да го вади куршумот преку малиот мозок

Второ, поразително е кога лажни вести ќе стигнат директно од лидер на партија, кој е на стартот на партискиот мандат и допрва треба да се бори за довербата на граѓаните. Мицкоски вчера изјави дека „за првпат откако Македонија е членка на ГРЕКО, оттаму добила незадоволителна оценка“. Демек, сега, откако има друга власт.

Тоа едноставно не е точно. Мицкоски, кој постојано се саморекламира како „математички прецизен“, падна на испитот. Или ништо не прочитал, или ја преспал последната петолетка. За Македонија, најлош е Извештајот за евалуација од Четвртиот круг, посветен на „Превенција на корупцијата кај членовите на парламентот, судиите и обвинителите“. Усвоен е на 6 декември 2013 година, објавен на 17 март 2014 година, а повратна информација РМ доставила дури на 26 јуни 2015 година. Во него, ГРЕКО заклучува дека Македонија има имплементирано само 3 од 19 препораки, 10 делумно, а 6 воопшто не се исполнети.

„Од неговата содржина може да се утврди дека ова е најслабиот извештај на ГРЕКО за Република Македонија досега“, оцени организацијата „Транспарентност интернешнел – Македонија“. Таа соопшти дека во извештајот е наведено дека властите во РМ, како оправдување за неимплементирањето или делумното имплементирање на препораките, ја навеле политичката криза и тоа што Собранието на РМ во дел од тој период било распуштено.

„Тоа не може да се користи како изговор. Извештајот е усвоен во декември 2013 година, а повратна информација РМ доставила на 26 јуни 2015 година. Ако се има предвид дека политичката криза почна со објавувањето на прислушуваните телефонски разговор во февруари 2015 година, се поставува прашањето како може политичката криза да се користи како изговор за нешто што требало да биде сработено повеќе од една година пред таа да почне, а не било сработено“, реагираше „ТИ-М“.

Толку за фактите. Не чекам политичките „богови“да замолчат. Такви нема. Заменети се со ботови.