Судството како „линијата Мажино“

Многу индиции укажуваат дека судството ќе се соочи со опасноста да биде претворено во „линијата Мажино“, на која власта предизборно ќе ја брани својата изгубена чест. Сликите како нејзини функционери заминуваат во притвор, е она што власта никако нема да дозволи да биде видено од „нејзиниот народ“.

За жал, никој не е изненаден од фактот што „Титаник“ уште пред да заплови, удри во судска санта мраз. Не е тешко да се претпостави причината за оваа хаварија, односно зошто, и со каква аргументација Кривичниот суд го одбил барањето за притвор. Имено, помина цела година откако јавноста преку „бомбите“ ги слушна разговорите кои открија индиции за криминални активности на дел од осомничените во „Титаник“.

Судот веројатно смета дека по една измината година мерката притвор е целосно беспредметна во однос на причините наведени од СЈО. Ако осомничените сакале да влијаат врз сведоците, веројатно таа работа одамна ја завршиле, бидејќи имале време и повеќе од доволно. Ова има смисла. Но, само делумно.

СЈО е нова институција и не би требало да ги чувствува последиците од активностите што ги преземало или не ги преземало другото обвинителство, во чија надлежност претходно беа предметите што произлегоа од содржината на следените комуникации. Да функционираше тоа обвинителство како што треба, немаше да се формира специјалното. Ако тоа побарало притвор, сега немаше СЈО да бара и да доставува докази за такво влијание.

Поради игнорирањето на оваа јасна причинско – последична релација, одбивањето на притворот не може да се потпира на амбицијата дека ќе биде прифатено како неутрална и политички незачинета одлука.

Второ, таа одлука е најилустративен пример за она што европски судски експерти го воочуваат во земјите со партиски колонизирани судски системи, каков што го сметаат и нашиот, а тоа е „игнорирање/слепило за контекстот и сурова екстензивност“.

Сликите како нејзини функционери заминуваат во притвор, е она што власта никако нема дозволи да биде видено од „нејзиниот народ“

Во превод, ако станува збор за основано сомневање за изборни манипулации, а земјата е во предизборен период, најефективно се пристапува кон сите сегменти од постапката за тоа дело, бидејќи преку него, освен што чекор по чекор се ефектуира правдата, се праќа и силна општествена порака до сите што би помислиле да се занимаваат со такви незаконски активности.

Во спротивно, се праќаат сигнали дека со одредени п(р)опусти се инвестира во негување на културата на неказнивост за тие дела, толку типична за нашиве прилики.

„Титаник“ е прв случај во кој не е определен притвор за осомничени за „злосторничко здружение“. Не сакам да верувам дека посилни од аргументите биле некои звучни имиња. Но, за жал, многу индиции укажуваат дека во овој случај и оние што ќе следат, судството ќе се соочи со опасноста да биде претворено во „линијата Мажино“ на која власта предизборно ќе ја брани својата изгубена чест.

Сликите како нејзини функционери заминуваат во притвор, е она што власта никако нема дозволи да биде видено од „нејзиниот народ“. Секако, тоа ниту неа, а следствено и на судот, не им беше важно кога беа во прашање некои други луѓе, како на пример Велија Рамковски, Љубе Бошкоски, Ване Цветанов…

Не им беше важно ни кога одбраната бараше на бремена мајка затворскиот притвор да и биде заменет со домашен, поради сериозни здравствени проблеми. Судот веројатно немал силни аргументи за таква одлука како што има денес за други. Се сеќавате нели? Го одби предлогот. Мајката остана во притвор. И го изгуби детето.

Обдукцијата на нашата стварност покажува дека сегашните состојби се последица токму од долгогодишно негување на селективна неказнивост

Заклучокот е поразителен. Никаков човечки губиток им нема значење во споредба со губитокот на власта. Од таа ориентациска кота ги трасираат сите одлуки. Обдукцијата на нашата стварност покажува дека сегашните состојби се последица токму од долгогодишно негување на таква селективна неказнивост. Едни заштитени како мечки, други жртви на монтирани процеси. Меѓу нив – е судството.

Партиски препарирано, како исушен цвет во хербариум или во приватната збирка на Јанкулоска, сеедно. Тоа е она фамозно тефтерче што самата го спомна, каде што судиите прецизно се подредени под број и рангирани со оценки (плусови и минуси), по секое екстерно тестирање на нивната лојаност кон партиските налози.

Дали и притисокот/влијанието врз судиите од тефтерот е веќе завршена работа, штом се оценило дека нема основа за притвор? Дали тие судии контаминирани од партиско влијание ќе решаваат за предмети што ќе ги процесуира СЈО? Токму заради овие причини, денес овој суд најдиректно ја актуелизира потребата за формирање на Специјален суд.

Бидејќи, ако и натаму се одржува толку висок степен на консензус во опструирањето на правната држава меѓу претставници на извршната и на судската власт, без разлика колку од вториве се принудени, а колку доброволни соучесници (на крајот резултатот е ист), како граѓаните да не гледаат со сомнеж во секоја судска одлука, и како да се надеваат дека судството може да обезбеди елементарна правда?

Ова е особено карактеристично во случајот со „Титаник“. На пример, да се работеше за некое дело, за кое јавноста нема никакви информации, можеби и никој немаше да се интересира за одлука на судот околу притворот. Но, во случајов, станува збор за активности кои ги слушна цела Македонија преку „бомбите“. Со други зборови, оние кои ги слушнаа, одамна ја имаат донесено својата „пресуда“. Но, ќе ја чекаат судската за да ја проценат нејзината (не)пристрасност.

Во зависност од тоа колку овој процес ќе се тегне до неговото финале, или колку правни заветрини тековно ќе се обезбедуваат за осомничените протагонисти, толку дополнително ќе паѓа довербата во судството

Во зависност од тоа колку овој процес ќе се тегне до неговото финале, или колку правни заветрини тековно ќе се обезбедуваат за осомничените протагонисти, толку дополнително ќе паѓа довербата во судството. А поради неговата колонизираност и нереформираност, тоа и пред други евалуатори во моментов се самопрепорачува повеќе како проблем, отколку како носечки столб на правната држава.
Притворот за „Титаник“ беше првиот лакмус. Ќе следуваат и други постапки и други барања за мерка притвор. Сите ли ќе бидат отфрлани, условно речено, поради „одамна изминат рок“?

На крајот, се плашам дека единствениот рок што неповратно ќе истече, е оној за Македонија, а суството ќе носи голема одговорност за тоа. Секое натамошното адаптирање на правдата и процедурите кон владејачките интереси ќе биде вовед во продлабочување на кризата, со опасност од излив на незадоволство. Не ќе може понатаму така мазно да продолжи глумењето дека се се работи според закон во храмот на Јустиција, или дека ништо да не се случило по прашањето на наделеку прочуената чесност на власта.

Суштинското прашање е дали институциите веќе еднаш ќе профункционираат по службена, а не по политичка волја. Дали судскиот систем ќе почне да работи сам или и натаму ќе остане поврзан на политичко копче, преку кое политичката волја ќе му дава налози дали да притвора, да апси или да става во фиока.

Од овој избор зависи кој навреме ќе ја превенира хаваријата, а кој ќе потоне, испратен од звуците на бродскиот оркестар.