Улогата на Марко Зврлевски во реформата на судскиот систем

Една од речениците во јавната комуникација од која најмногу ми се крева коса на главата, секако е „Да го пуштиме судството (судиите) да си ја врши својата работа“! Небаре некој ги тера судиите да копаат ниви или да берат бостан. Со други зборови, реченицата сама по себе е глупава, бидејќи се разбира дека судиите треба да ја работат својата работа, како што лекарите треба да лекуваат, а актерите да глумат (иако, за волја на вистината, едно време изгледаше дека на овие две професии им е подраго да пеат отколку да си ја вршат својата работа). Со други зборови, не е прашањето дали судиите си ја вршат својата работа туку како ја вршат.

Интересно е дека оваа реченица ја прочитав во еден од до скоро провладин, а од неодамна проопозициски портал во контекст на наводните обиди на сегашната власт да го партизира судството и во контекст на одлуката на Апелација да не ги прифати жалбите на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Титаник“. Во контекст на одлуката Никола Груевски да не оди во притвор.

Интересното, всушност, е во фактот дека на тој ист портал не толку одамна се изрекуваа вистински пресуди за неистомислениците, се заокружуваа ликови што се појавиле или се појавувале на протести, се прогонуваа „платеници“ и „предавници“…Практично, порталот (и не само тој) го правеше токму она против што денес наводно се бори – ја презеде улогата на врвен судија и на врвен обвинител.

Дозволувањето од судството да се прави свинштина така што нема да се презема ништо влегува во доменот на она што најјадровито би можело да се претстави во психолошката состојба: „А ние останавме со прстот в уста“

А судиите и обвинителите? Благодарам на прашањето, тие некако не се мешаа во сопствената работа. Или, ако се мешаа, се мешаа на целосно погрешен начин. Значи, не ја работеа својата работа туку повеќе ја „одработуваа“. И тоа во полза и за сметка на оваа „плејада“ политичари, обвинети за тешки дела од организираниот криминал.

Според начинот како судството ја врши својата работа, станува очигледно дека транзицијата на власта, и два месеца по формирањето на Владата, не е завршена. А кога (и дали) ќе заврши не се знае. Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вели дека Владата била погрешно сфатена во однос на генералната ревизија на судството и на судиите. Имено, тој тврди дека ни на крај памет не им е да направат целосна ревизија туку ќе направела реформи во улогата на Судскиот совет, со што ќе се зајакнела контролата врз правдата. Како, божем, Судскиот совет да не е излезен од „тефтерчето на Горде“, тој универзален симбол на самоволието и моќта што владееја последните 11 години. Формирање специјално судско одделение веќе не се ни споменува.

Смената на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски ги има сите шанси да се претвори во една солидна латиноамериканска сапуница со извесен, ама премногу развлечен крај. Останува, значи, отворено прашањето како тоа и на кој начин Марко Зврлевски и Судскиот совет се вклопуваат во реформите на судството? Така што си ја вршат својата работа? Или така што не си ја вршат својата работа? Или така како што некој го замислил реформираното судство?

Кога вака ќе се спојат коцките на македонската актуелна политичка сцена излегува дека најверојатно ништо нема да се промени до локалните избори, а прашање е дали ќе се промени и потоа. Имено, лидерите на злосторничкото здружение што владееја една деценија со нашите животи и со нашите судбини ќе бидат главниот адут на нивната партија и на овие избори. И тука треба да повториме: тие не се развластени ниту во пониските (директорски) ешалони на државната власт, ниту во судството, а најмалку на локално ниво. Во таа смисла, одолговлекувањето на промените нуди реални шанси – промените воопшто да не се случат.

Тврдењето дека без „нормална“ судска власт, Македонија не може да биде нормална држава влегува во, тука веќе традиционалниот, домен на откривање топла вода. Меѓутоа, дозволувањето од судството да се прави свинштина така што нема да се презема ништо, влегува во доменот на она што најјадровито би можело да се претстави во психолошката состојба: „А ние останавме со прстот в уста“.

Неподносливата леснотија со која практично се одложува нормализацијата на државата го претвора реформскиот план на премиерот Зоран Заев „3-6-9“ во не толку реформска, но сепак за некого очигледно атрактивна поза „69“. При што тешко е да се поверува дека позициите на главните актери на оваа поза значително ќе бидат променети.

Затоа не оставајте го судството да си ја врши својата работа. Барем не онака како што ја вршеше до сега.