Регион

Претседателот на Судот на БиХ ја осудува „неправедната критика”

Судот на Босна и Херцеговина заслужува пофалби за стотиците завршени предмети на воени злосторства, но пред него и натаму е „долг пат” за решавање на заостанатите случаи, вели за БИРН, претседателот на Судот на БиХ, Ранко Дебевец.

Џана Брканиќ, Сараево

Ранко Дебевец. Фото: Марио Иличиќ/БИРН

Претседателот на Судот на Босна и Херцеговина, Ранко Дебевец, жали што критиката често ја става во сенка, како што вели тој, „вистинската слика за Судот” и важноста на работата што тој ја врши.

Дебевец, кој функцијата претседател на Судот на БиХ започна да ја извршува во јануари оваа година, смета дека “изјавите на (не)зависните аналитичари, политичари и незадоволници од исходот на некој случај”, создаваат искривена перцепцијата во јавноста за активностите на Судот.

Некои од овие критики се во врска со, како што наведува, бавното темпо на решавање на големиот број заостанати предмети за воени злосторства.

Советот на министри во декември 2008 година усвои Државната стратегија за процесирање на воените злосторства. Како што е наведено во Стратегијата, посериозните случаите на воени злосторства требаше да бидат завршени во рок од седум години, а останатите за 15 години.

Овие рокови не беа испочитувани, а Дебевец нагласува колку е тешко да се предвиди кога ќе бидат обработени сите случаи на воени злосторства.

„Судот и обвинителството се формирани со цел ефикасно процесирање на воените злосторници, но и на другите извршители на тешки кривични дела. Некаде можеше да се прочита информација дека има неколку илјади кривични пријави за воени злосторства поднесени до Обвинителството на БиХ. Ова е голема работа за обвинителството, бидејќи воените злосторства не се едноставни инкриминации“, вели тој.

„Погледнете, во Германија и денеска имате судења на нацисти од Втората светска војна. Мислам дека и пред нас е долг пат“, додава тој.

Поради пропуштените рокови, формирана е работната група за измени и дополнувања на стратегијата, а Судот е дел од овие активности и „се обидува да предложи најдобри решенија”, вели Дебевец.

Додава дека во одделот за воени злосторства на Судот на БиХ има околу 150 „живи” случаи.

„Се работи за 16 истраги, 30 обвиненија, 72 случаи во различни стадиуми од фазата на главен претрес и 11 жалбени постапки, заедно со одреден број на преостанати предмети”, објаснува Дебевец.

За разлика од претходните години, кога на обвинителството му беа упатувани критики дека ги гони само извршителите од понизок ранг, Дебевец информира дека оваа година пред судиите се нашле посложени предмети.

„Од деветте обвиненија подигнати оваа година, односно 16 обвинети лица, во три обвиненија, за четири лица е наведена и командна одговорност”, вели тој.

„Сепак, прашањето за рангот на обвинетиот за време на воените случувања и одлуката за нивно обвинување е на обвинителството и судот тука дека нема никакво влијание”, додава Дебевец.

„Оваа година беа подигнати 11 обвиненија за воени злосторства – две се отстапени на други надлежни судови, бидејќи тие не ги исполнуваат условите за гонење на државно ниво”, информира претседателот на Судот на БиХ.

Кога станува збор за лица во бегство, Дебевец вели дека има седум такви и дека во однос на вкупниот број осуденици за воени злосторства, „можеме да кажеме дека оваа бројка не е голема”.