Истражувањa

Трујачите ги штити законот за лични податоци

Хаос владее во законските процедури за тоа како државата води контрола кој е крајниот корисник на отровните супстанции кои се расфрлаат по улиците

На тројца рибари од Јамајка им се слошило додека ручале – за 5 минути доживеале напади на тресење, повраќање и потоа кома. Во болница биле пренесени во рок од 3 часа, но лекарите само констатирале смрт. Кај едниот од нив бил најден метомил – инсектицид, отров од прва категорија. Лекарите заклучиле дека еден од рибарите, по грешка, наместо сол во храната, ставил од отровот, а смртоносната доза била проценета на 1 грам внесен метомил по човек.

Ова е само една од многуте студии на случаи содржани во американската Токсиколошка база на податоци која, меѓу другото, врши испитувања на влијанието на пестицидите врз здравјето на луѓето. Во нивната база се содржани десетици студии на случаи со труење на метомил, карбаматниот отров за кој БИРН, заедно со емисијата „360 степени“ докажа дека се расфрла по улиците низ земјава за да се усмртат уличните животни. 

Голем број дебати се покренуваа за злоупотребата на метомилот насекаде низ светот

Труењето и штетите кои настануваат од метомилот, супстанцијата што ја има во отровите кои се наречени Т+ (со висока токсичност), како што се Ланате, Неомил, Метомекс и слични на нив, не се познати само за уништување на штетниците во земјоделските насади, ниту пак, се познати само во Македонија.

Голем број дебати се покренуваа за неговата злоупотреба насекаде низ светот – невладината „Гринпис“ во 2012 година спроведе истражување во кое беше најдено поголемо количество метомил во чаевите „Липтон“, иако овој пестицид беше забранет за употреба од кинеското Министерство за земјоделство. Во 2014, во третиот по големина национален парк во Јужна Африка, мртви беа пронајдени голем број шакали (којоти) во радиус од 17 километри, а анализите покажаа дека некој успеал да влезе во паркот носејќи поголемо количество од овој отров. Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА) метомилот го класифицира како отров од прва категорија, со висока токсичност за луѓето. Тој се наоѓа и на листата „најопасни пестициди во Австралија“, направена од Националната мрежа за токсикологија.

И сето ова, како да не е доволно за да допре до свеста до оние кои во Македонија го купуваат овој отров под тезга или со време си направиле сопствени залихи,  со оглед на тоа што е забранет за продажба, и го расфрлаат по улиците, доведувајќи го во опасност секое живо суштество што доаѓа во допир со него. Досега, пред истражните органи за ваков случај не одговарал никој, а надлежните сега најавуваат засилени мерки на контроли во земјоделските аптеки.

Отров не може да се купува со лична карта поради заштита на личните податоци!?

Засега, мистерија останува кој и како ја набавува оваа отровна супстанција, која е забранета за увоз во земјава. Ментор Зекири, директорот на Фитосанитарната управа, е дециден дека инсектицидот Ланате 90 (кој содржи 90 отсто метомил) е забранет за продажба од 2015 година, но Ланате 25 (со 25 отсто метомил) не е.

Во Македонија, 5 фирми имаат дозвола да увезуваат вакви препарати во Македонија и тие треба да имаат посебни услови за тоа – важно е сè, од градбата каде што се чуваат, до начинот на ракување со нив. БИРН разговараше со дел од претставниците на овие фирми, кои тврдат дека кај нив нема повеќе залихи од најотровниот инсектицид Ланате 90, ниту пак, располагаат со Ланате 25.

„Ланате 90 го забранија пред 2 години и ни дадоа рок од неколку месеци да ги потрошиме залихите. Ние ги потрошивме, односно продадавме, бидејќи кај нас не постои начин за да се уништи еден увезен пестицид, така што залихи немаме. Не смееме ниту да го набавуваме, бидејќи нема да ни го сертифицираат, така што претпоставуваме дека труењата се случуваат од несовесни граѓани кои имаат залихи по дома“, ни изјави претставник на една од фирмите – дистрибутери на пестициди. 

Во лавиринтот од надлежни институции и законски акти и правилници  се загуби и одговорот на прашањето – што се случува откако една од петте фирми увозници соочени со забраната ќе ги продаде залихите на отровниот препарат на земјоделските аптеки?  Логиката налага дека нивното натамошно дистрибурирање треба да биде регулирано од страна на државата која би требало да  води контрола во чии раце завршуваат отровните супстанции на крајот.  

Па така, според сегашниот правилник за евиденција, предвидено е дека вакви препарати со висока токсичност можат да се купат од земјоделските аптеки само со лична карта.

„Но, ова во практика не профункционира, бидејќи од страна на законодавците ни беше кажано дека ќе имаме судир со Законот за заштита на личните податоци, бидејќи за да оди некој земјоделец да купи препарат, тој ќе мора да даде лична карта, да се регистрира по име и презиме, во која населба живее и сл. Но, со новиот закон кој се надеваме дека ќе биде усвоен откако ќе се профункционира Собранието, ќе ги обучуваме и правните субјекти кои вршат увоз на препарати, и земјоделците и аптекарите. Сите ќе поминуваат низ обуки, со таа обука ќе се добива сертификат и само со тој сертификат ќе може да се купува одреден препарат“, вели Зекири.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Цветан Трипуновски, пак, тврди дека секоја земјоделска аптека има обврска да води евиденција кои препарати се влезени за продажба кај нив, па дури и дека секој земјоделец треба да ја врати употребената амбалажа на местото каде што е купена.

„Таа евиденција е достапна за нас и на тоа посветуваме внимание. Тоа значи дека секој земјоделец кога ќе купи одреден препарат, земјоделската аптека мора да ги евидентира денот, часот и кој производ е ставен во продажба.“

Но, тука повторно се враќаме на проблемот за кои и претходно пишувавме, дека дел од дистрибутерите и земјоделските аптеки под тезга ги продаваат отровните препарати, без фактура, само во кеш. За ова добивме и признание од некои вработени во аптеките, кои во разговор за БИРН потврдија дека дистрибутерот до пред извесно време, еднаш неделно доаѓал во аптеката за да нуди Ланате, но за производот не се плаќало во фактура туку во кеш, па оттаму, дури и да се изврши инспекциска контрола, од евиденцијата ќе изостанува овој производ.

Во земјава нема евиденција кој е крајниот корисник на отровите | Фото: Foter.com CC BY-NC-SA

Надвор од ваквите злопутреби, недореченостите меѓу институциите за тоа кој смее, а кој не смее да купи отровен препарат во земјоделска аптека и дали истиот ќе да биде евидентиран, веќе се разгледуваат на состаноци во Владата меѓу работни групи во кои се вклучени повеќе институции.

„Сметаме дека е исклучително важна иницијативата потегната од советникот на Владата, Александар Митов и неговите напори да ги соедини сите претставници од надлежните институции и активистите за правата на животните, за да се увиди конкретната состојба, законите и да се констатираат сите пропусти. Иако труењата се случуваат веќе цела деценија наназад, ова е прв пат некој да им пристапи со сериозност и ние сме оптимисти дека заеднички ќе се дефинираат конкретни мерки, како и дека ќе се променат законските одредби сѐ со цел продажбата на високо токсични материи да биде забранета или строго контролирана, а злоупотребата најстрого казнета“, велат од здружението „Анима Мунди“, додавајќи дека во меѓувреме злоупотребата на пестицидите не е намалена, а тие сè уште добиваат бројни пријави за труења и сведочат на агонично мачење и убивање на животните.

„Ние ќе работиме на засилени контроли во сите земјоделски аптеки со цел да утврдиме евентуална злоупотреба на пестициди кои би можеле да се пласираат нелегално на пазарот. Даден е работен налог, формирани се групи на инспектори кои ќе го работат само ова, ништо друго, бидејќи сакаме да има целосен ефект во спроведување на законите“, вели Цветан Трипуновски, директор на Инспекторатот за земјоделство.

Ако има злоупотреби на пестицидите, во прашање се доведува и храната што ја јадеме

Трипуновски вели дека откако дошол на функцијата, во ноември 2015 година,  една од првите работи на кои се посветил била контролата на земјоделските аптеки. Веќе во 2016 година, контроли биле извршени во секоја од нив. Од 876 контроли, изречени биле 88 инспекциски мерки, имало најдени неправилности, поднесени биле прекршочни пријави и една кривична пријава. Во првиот квартал од годинава пак, направени биле 280 контроли, запленети биле 214 килограми препарати, но во земјоделските аптеки не биле најдени препарати кои содржат метомил.

Последен пат вакви отрови (популарно наречени Т+) се најдени во 2014 година, кога се запленети 11.000 килограми и 297 литри, особено во прилепскиот регион. Во 2012 година во повеќе земјоделски аптеки беше најдено Ланате и други отрови од прва категорија, од кои дел биле со поминат рок.  

Во 2016 и 2017 година инспекторатот не нашол во продажба отрови од прва категорија во земјоделските аптеки.

Но, поминатиот рок не значи ништо, бидејќи, како што тврдат упатените, овие отрови доколку се чуваат добро, можат да траат и по 10 години, иако нивното дејство ќе биде намалено.

„За увоз на пестициди треба да имате посебно одобрение, а во Македонија четири или пет компании имаат дозвола  за пласирање вакви препарати. До 31 март секоја година тие треба да пријават евентуални залихи и ние го следиме тој процес да видиме дали евентуално производи се пуштаат нелегално на пазарот. Оваа година, само еден правен субјект има пријавено околу 15 килограми залихи од вакви Т+ отрови и тие сè уште се наоѓаат во посебни простории во фирмата“, вели Трипуновски. 

Секој ден, по десетина миленици беа труени како последица на расфрлањето отрови по улиците

Во земјоделските аптеки, по најавата за инспекции и контроли, во последниов период е невозможно обичен граѓанин да влезе и да купи отров од прва категорија. И покрај ова, метомилот сè уште е присутен по улиците, па оттаму се наметнува заклучокот дека или тој се продава од останатите залихи под тезга, само на познати лица, па понатаму се распространува по оние кои се решени да посегнат по животот на милениците, или пак, нелегално се увезува преку Србија, каде што е дозволен за малопродажба.

Она што очигледно недостасува се прецизни корекции во законите кои ја третираат заштитата на растенијата – како и кој сè може да купи отров? Каква е процедурата за набавка, од дистрибутерите преку земјоделските аптеки, до крајните корисници? Како ќе се детектираат и санкционираат злоупотребите во оваа сфера?

Одговорите на овие прашања, не само што ќе придонесат видно да се намали злоупотребата на пестицидите и нивното расфрлање на јавните површини туку и попрецизно ќе утврдат колку навистина е здрава храната што ја јадеме, бидејќи доколку има злоупотреби на пестицидите за да се трујат животни, се отвора и дилемата дали вакви злоупотреби има и кога се прскаат растенијата пред да се пласираат на пазарите.