Ме буди плач. Син ми протестира јако од сабајле. Нема правда нема мир.
Во право е, го земам во раце и уште во мугри денот започнува. Што ли ќе ни донесе овој ден се запрашувам, вчерашниот беше ролеркостер, како и целава борба.
Уставен едногласно ги отвора вратите на парламентот да се одложат изборите, голем успех на сите нас кои се бориме за правда. Но, во исто време се поставува старата влада која не донесе тука кај што сме, а тоа е успех но за комплетната спротивност – криминалот.
И тоа е сржта на нашата борба, правдата против криминалот, слободата против опресијата, доброто против лошото…. и таа битка, сограѓани мои драги, е вечна и постојана.
Понекогаш лична, понекогаш заедничка, често фрустрирачка и во моменти многу разочарувачка.
Разликата помеѓу успехот и поразот во ова наше време е во истрајноста и упорноста.
Разликата помеѓу успехот и поразот во ова наше време е во истрајноста и упорноста. Во минатото не фаќаа на кондиција и успеваа во некои моменти зашто на кондиција се работи, потребно е време, искинати патики, засипнати грла, дебати, караници, саканици и што уште не.
И, еве сме во момент каде што повторно разлика ќе направи баш тоа. Дали имаме стамина да се бориме понатака и како ќе продолжиме во оваа наша пресметка со злото?
Епа другари, од нас зависи. Сега ние одлучуваме и одговорноста е голема. До вчера се жалевме дека не не слушале и не сме можеле ништо да смениме. Сега како е?
Како е кога знаете дека ако не дојдете во 6 пред СЈО ќе бидеме послаби или да го формулирам обратно, како е кога ќе дојдете и кога ќе ги видите вашите другари и другарки заедно рамо до рамо во борба за подобро утре? Разбудени и цврсто решени во оваа заедничка борба. Епа јас баш од таму ја црпам инспирацијата за мојот придонес во нашава прекрасна #ШаренаРеволуција. И нема нешто што ќе ме одврати или поколеба во мојата истрајност.
Затоа, другари и другарки мои шарени, најдете ја својата инспирација во себе, во децата, во партнерот, во тој што протестира до вас, во неправдата што е насекаде околу нас, во криминалите на оваа багра штетници, во ружното Скопје 2014, во Мартин, во Тамара….
Јас поради се ова и уште милион други причини и твој и наш подобар живот никогаш нема да престанам да #Протестирам.
Сега, секој ден во 6 имаме една иста цел – Груевски и неговата банда штетници.
Одиме до крај.