Вести

ЕУ го активира механизмот против Унгарија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ФОТО: Фејсбук страна на ЕК

Само два дена по убедливата победа на Виктор Орбан  на унгарските парламентарни избори, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен објави дека против Унгарија ќе биде активиран механизмот дизајниран да спречи пристап до европските фондови за земјите за кои се смета дека го поткопуваат владеењето на правото.

„Комисијата ја информираше унгарската влада за потегот“, рече Фон дер Лајен во вторникот, откако ги разгледа одговорите на Будимпешта на писмото што ЕК го испрати минатиот ноември, во кое Брисел изразува загриженост за владеењето на правото во Унгарија.

Изјавата доаѓа откако и еврокомесарот за буџетски прашања, Јоханес Хан, за еден австриски весник изјави дека Комисијата има намера да ги забрза своите акции против Унгарија.

Процесот може да доведе до ускратување на пристапот до милијарди евра од фондовите на ЕУ наменети за Унгарија, но за тоа да се реализира, ќе бидат потребни месеци преписка меѓу Брисел и унгарската влада и гласање со квалификувано мнозинство во Европскиот совет.

Според упатените, доколку дојде до ускратување на средствата, тоа нема да се случи пред крајот на годинава.

Комисијата ќе мора да ги прецизира случаите, во кои недостаток од владеење на правото довело до злоупотреба на европските фондови.

Сепак, извесно е дека одлуката на ЕК ќе ѝ одземе на Унгарија одредено краткорочно финансирање. Се чини дека 7,2 милијарди евра грантови или 9 милијарди евра заеми што Орбан неодамна ги побара од фондот за закрепнување од последиците на епидемијата со корона вирусот нема наскоро да ѝ бидат распределени на земјата .

Со оглед на тоа што Орбан потроши околу 4,5 милијарди евра за време на изборната кампања за популистички иницијативи, па економијата се  соочува со неконтролирана инфлација, вртоглаво покачување на цените на енергијата и со влошување на националната валута, на Унгарија ѝ е очајно потребна европска финансиска поддршка.

Оттука е веројатно дека казнувањето ќе го зајакне анти-ЕУ курсот на Орбан, особено по огромната политичка поддршка што премиерот чувствува дека му била дадена од електоратот на изборите во неделата.

Гергели Гуљас, министер кој раководи со кабинетот на премиерот, рече дека Брисел прави грешка кога „ја следи реториката на левичарските партии“.

„Владата штотуку победи на изборите со невидено мнозинство. Брисел мора да ги прифати демократските правила“, рече тој, повикувајќи ја Комисијата на ЕУ да се врати на дијалогот со Будимпешта.

Експертите нагласуваат дека и Комисијата со овој потег практично влегува во непознати води: механизмот за владеење на правото конечно беше одобрен во февруари, откако Судот на правдата на Европската Унија (ЕСП) пресуди дека е уставен. И покрај притисокот од Европскиот парламент веднаш да преземе акција, Европската комисија не сакаше да продолжи пред изборите во Унгарија на 3 април, со цел да избегне обвинувања за мешање во кампањата.

Edit Inotai