Вести

ЕУЛЕКС ги истражува наводите за корупција

Шефот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, го отфрли тврдењето на еден од неговите обвинители, дека Мисијата ги игнорира обвинувањата за корупција во ЕУЛЕКС и тврди дека ги испитуваат овие наводи.

Габриел Меуци, шеф на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, во четвртокот, на прес-конференција

Габриел Меуци, шеф на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово

Габриел Меуци, шеф на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово

во Приштина, изјави дека ЕУЛЕКС ги проверува наводите на суспендираната обвинителка, Марија Бами, дека еден од поранешните судии на ЕУЛЕКС примил мито.

„Спроведени се детални истражувања, во согласност со она што е сржта на напорите на ЕУЛЕКС, а тоа е борбата против корупцијата и неказнивоста“, рече Меуци.

Суспендираната обвинителка Бами го обвини својот поранешен колега во ЕУЛЕКС, италијанскиот судија Франческо Флорит, за примање поткуп од 300.000 евра, за да ослободи лица осомничени за убиство, но, и за барање на поткуп во уште еден случај, во кој за корупција бил осомничен официјален претставник на Министерството за транспорт на Косово.

Меуци ги отфрли наводите на Бами дека ЕУЛЕКС не делувал во насока на испитување на нејзините наводи.

„Наводите не беа игнорирани“, рече тој.

Тој објасни дека сепак не може да даде никакви детали за истрагата, која се спроведува заедно со косовските власти.

„Бидејќи ова е кривична истрага, не сакам да расправам за тоа во која фаза од постапката е секој елемент“, рече тој.

Флорит, кој сега работи како судија во Удине во Италија, за БИРН изјави дека бил сослушан од ЕУЛЕКС и оти не биле најдени докази дека тој е корумпиран.

„Никогаш не сум добил, ниту ми бил понуден поткуп од некого…Ви тврдам дека нема ни трошка вистина во тоа“, рече Флорит.

Бами го обвини ЕУЛЕКС за толерирање на корупцијата, бидејќи не ги истражил нејзините наводи и наместо тоа ја суспендирале од работа.

„Тие на овој начин праќаат порака дека не се сериозни во врска со борбата против корупцијата, бидејќи ако беа сериозни, во ЕУЛЕКС ќе се занимаваа со тоа“, изјави Бами во средата во интервју за БИРН.

Наводите за корупција беа обелоденети во јавноста, откако весникот Коха Диторе, неделава објави некои доверливи документи.

Бами негираше дека таа ги дала документите на весникот и нагласи оти решила само да проговори, бидејќи ЕУЛЕКС ја суспендирал.

„Тие ме суспендираа за давање документи на весникот, што јас не сум го сторила. Никогаш на Коха Диторе не сум им дала документи. Суспензијата го уништи мојот углед во Косово, па затоа морав да истапам во јавноста“, вели Бами.

ЕУЛЕКС се занимава со случаи на организиран криминал, корупција и воени злосторства, кои се сметаат за премногу важни или чувствителни за да ги обработува косовското судство.

Текстот е објавен на страницата на Балканска транзициска правда.