Анализи

Годината низ наша Призма

И годинава бевме фокусирани на теми од јавен интерес што силно ги засегаат граѓаните

Годината што измина ја обележаа пандемијата, особено трката по вакцини, крупните политички промени и двете големи несреќи, тетовската и онаа во Бугарија, во кои загинаа десетици наши сограѓани. 

И овие 12 месеци ги следевме актуелните случувања, но се обидовме да актуализираме и други важни теми.

Покрај истражувањата, понудивме анализи и репортажи за и околу локалните избори, а во центарот на нашиот интерес беа и случувањата во медиумите.

Урбанистичко планирање во интерес на големиот капитал 

И езерската трска жртва на бетонската инвазија | Фото: Гоце Трпковски

И годинава го третиравме феноменот, како урбаното планирање, во интерес на големиот капитал, им штети и ги загрозува хуманиот јавен простор и културните и природните богатства.

БИРН ја отвори приказната за урбанистичката узурпација на скопското Кале, еден од белезите на главниот град.

Нашето истражување откри како бавноста на институциите задолжени за заштитата на културното наследство, нивната заплетканост во бирократски процедури, како и недоволниот интерес овозможија, во чувствителната зона околу овој значаен споменик на културата, да никнуваат приватни и комерцијални објекти.

Ја следевме и битката за сопирање на градежната инвазија во центарот на главниот град.

 

Предупредивме дека начинот на кој пропадна првиот обид да се суспендираат важечки урбанистички планови во Центар отвори сомнежи за подготвеноста и желбата на властите на сите нивоа, од централни до локални, да се справат со прекумерното градење.

Ако како држава не можеме да се справиме со урбанистичкиот хаос во центарот на главниот град, тогаш не треба да чуди што тој царува и на крајбрежјето на нашето најголемо природно богатство – Охридско Езеро.

Пишувавме дека интензитетот на уништување на езерската трска особено се зголемило во појасот меѓу Струга и Калишта, во последниве 3-4 години.

Компактниот зелен појас што може да се види на постари сателитски снимки сега е расцепкан како шаховско поле, на кое се менуваат зелената и сивата боја од тампонирањето на површините.

Иронијата е во тоа дека ова се случува откако стана актуелна можноста охридскиот регион да го загуби статусот на заштитено светско културно и природно наследство на УНЕСКО.

Бизнисот со канабис

Заборави ако можеш: Македонија во случајот „Колувија“

Во изминативе 12 месеци објавивме две обемни истражувања што укажуваат на сомнежи дека се злоупотребува легалниот бизнис за одгледување марихуана за медицински цели. 

Прво го документиравме неславниот тек на истрагата за заплена на повеќе од еден тон марихуана во вредност од 800.000 евра, која во Македонија ја произведувала израелска фирма.

Нашите наоди покажаа дека во текот на истрагата запленетата марихуана станала индустриски коноп, а случајот завршува со „помеко“ обвинение за немање дозвола за одгледување. Во меѓувреме, обвинетата фирма ја презел српски бизнисмен, кој во својата држава е познат како „кумoт на Јеремиќ“ од аферата „Агробанка“.

 

Канабисот и Србија се актери и во уште едно наше истражување.

БИРН откри дека контроверзниот српски бизнисмен Предраг Колувија, кој во Србија е обвинет за нелегално производство на марихуана, во Македонија не водел евиденција на производството на канабисот, што е строга законска обврска, и поради тоа не се знае каде завршувала зелената материја од плантажата во Росоман.

Наместо истрага, македонските власти само му ја затвориле фирмата. 

Бргу потоа, неговите македонски партнери продолжиле со истиот бизнис под капата на нова фирма.

Државниот денар под лупа

Штипската клиничка болница

Целисходноста на државните трошоци беше во фокус на нашите интереси и годинава што измина.

БИРН ја отвори приказната дека владата инсистира на анонимноста на нејзините педесетина хонорарци. Стануваше збор за хонорари што за еден месец изнесуваа над 37 илјади евра.

Во овие хонорари спаѓаа ангажмани како: пишувач на соопштенија од пресови, пишувачи на разни студии, организатор на продукција, советник за борба против ковид-19, графички дизајнер, монтажер, советник за геодезија, советник за европски интеграции, преведувачи…

По нашиот текст и под големиот притисок на јавноста, владата ги објави имињата.

Интересно е дека двајца од хонорарците подоцна се појавија во истрагата на Обвинителството за организиран криминал како осомничени за сомнителната набавка на софтвер за МВР, во кој првоосомничен е екс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

БИРН го обелодени и случајот со хонорарците вклучени во изградбата на штипската болница. Излезе дека околу 20 хонорарци со години се плаќале меѓу 30.000 и 90.000 денари за болница што долго време веќе не се гради.

Во потрага по одговорност за пожарите

Приземјените противпожарни авиони | Фото: Sвонко Плавевски

Детално ги истражувавме причините за и последиците од летните шумски пожари. 

Нашите текстови укажаа дека неодговорноста на институциите и неказнивоста на пироманите доведе до тоа илјадници хектари шума да се претворат во пепел.

Објавивме дека од јануари до август, низ целата држава е изгорена површина како половина Скопје, околу 10.000 хектари, а половина од таа површина била пеплосана само за неколку дена во малешевскиот крај. 

Една од главните причини зошто властите беа немоќни во борбата против шумските пожари е фактот дека противпожарните авиони летово го дочекаа несервисирани и не можеа да се вклучат во гаснењето.

Истражувањето на БИРН откри дека поради експериментирање со тендерски услови, од нејасни, но сомнителни причини, ер-тракторите останаа приземјени тогаш кога најмногу беа потребни.

Словенечките пожарникари го гасат пожарот во беровско | Фото: Арбнора Мехмети

Од друга страна, пожарите ќе продолжат да ни се случуваат доколку пироманите не бидат казнувани. А во тој сегмент, државата досега не се прославила.

БИРН во текстот „Шумите горат, пироманите тешко се гонат“ анализираше дека има само девет кривични пријави за предизвикување шумски пожар за последните шест години.

Најчесто пожарите се подметнуваат за олеснување на криминалот со дивата сеча.

Пишувавме и дека, според проценките, половина од продажбата на огревно дрво, вредна 140 милиони евра годишно, отпаѓаат на нелегална сеча.

Годината ја затворивме со истражувањето на македонските актери во глобалниот скандал со сајбер-шпионирање.

Сознанијата до кои дојдовме укажуваат дека ИТ-фирмата „Сајтрокс“ е дел од групација вредна милиони, која нуди софтвер и технологија за разузнавачки операции. Групацијата ја водат бизнисмени со сериозен воен бекграунд во Израел.

„Сајтрокс“ е дел од групација вредна милиони штп нуди софтвер и технологија за разузнавачки операции