Вести

Груевски и Мијалков непожелни во САД

Груевски на својот нов Линкедин профил

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, сегашен азилант во Унгарија и поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков се ставени на црната листа на Соединетите Американски Држави, се наведува во одлуката објавена денеска на американското министерството за финансии и Стејт департментот.

Министерството за финансии се повикува на одлуката на американскиот претседател за забрана за влегување во САД на личности кои придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан.

Како резултат на оваа одлука целиот имот и удели во имот на Груевски и Мијалков или компании поврзани со нив што се наоѓаат во САД или се контролирани од американски државјани мора да бидат блокирани, додека на двајцата поранешни политичари и на нивните потесни семејства им е забранет влезот на американска територија.

Во образложението на министерството за финансии се наведува дека Груевски е осуден и останува осомничен во бројни случаи на корупција и дека е обвинет за злоупотреба на службената положба, перење пари и други дела поврзани со неговото владеење како премиер од 2006 до 2016 година.

Тој континуирано избегнуваше апсење за пресудата донесена во 2018 година за обвиненија поврзани со корупција, што претставува сериозно назадување за одговорноста за корупција и активности поврзани со корупција, се наведува во објавата. Американското министерство пишува и дека сега Груевски е сопственик и директор на унгарската компанија I.C.I.C. KFT, која е регистрирана како друштво со ограничена одговорност во Пецел, Унгарија, земја во која што избега во ноември 2018 година.

Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Мијалков како што се наведува учествувал во шема за местење гласови и операција за незаконско прислушување на повеќе од  20.000 луѓе, вклучително и опозициски политичари, судии и новинари. Американското министерство ги наведува и сите пресуди и судски процеси кои се водат против поранешниот шеф на УБК.

Во денешната одлука според објавата на американското министерство за финансии се ставени и две лица од Албанија, Акиф Ракипи, поранешен пратеник во албанското собрание и Или Ндроки, сопственик на медиуми. Од Босна и Херцеговина на списокот се Асим Сарајлиќ, член на парламентот и Гордана Тадиќ, поранешна главна обвинителка во БиХ од 2019 до 2021 година. Од Црна Гора на листата се најде поранешниот претседател на Србија и Црна Гора Светозар Маровиќ.