Актуелно

Јошевска-Анастасовска: Русковска необјасниво тактизира

„Обвинителството дозволи да биде престигнато од странски портал со сомнителни политички мотиви.“ | Фото: Роберт Атанасовски

Обвинителката Вилма Русковска, во случајот „Рекет“ се однесува необјасниво тактизирачки и опуштено во духот на судската ферија и на летните одмори, па поради недостигот од официјално образложение, присилени сме да правиме силен јавен, професионален и граѓански притисок.

Вака познатата адвокатка Сузана Јошевска-Анастасовска, за БИРН го коментира фактот што шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција не ја вклучила својата „специјална колешка“ Катица Јанева во истрагата за „Рекет“, и покрај тоа што повеќе од два месеца ги имала снимките што сега се објавени на интернет и длабоко ја инволвираат Јанева во скандалот.

„Како е можно да ги има овие снимки и против Катица Јанева да не е изречена никаква мерка, барем одземање на пасошот?!“, коментира Јошевска.

Адвокатката потсетува за што сè се покренувало обвиненија и се предлагале притвори во низа други предмети во минатото.

„Само ако името ти го спомнат тие што се слушаат на снимката, се влегуваше во купот обвинети и подготвени за притвор. За овие три месеци требаше да бидат земени изјавите и предложени мерките.“

Таа е децидна дека не може на предмет од оваа важност да му се пристапи бирократски.

„Додека користи годишен одмор обвинителството дозволи да биде престигнато од странски портал со сомнителни политички мотиви, кои сега им го контаминираат предметот и доказите. Која теорија на случајот ќе ја понуди сега обвинителството со пуштени докази во јавност, бидејќи сите можат да си ги штелуваат изјавите што правеле, што мислеле и каква намера имале? Изјави се земаат без да знаат тие што треба да ги дадат што имате за нив во предметот!“

Затоа, заклучува Јошевска-Анастасовска, обвинителството се однесува необјасниво.

„Се надевам ќе дадат соодветно објаснување зошто досега не е земена изјава од Катица Јанева, Лиле Стефанова и од другите лица спомнати во снимките.“

Одговорност од Јанева

Јошевска-Анастасовска смета дека постојат чудни недоследности во изјавите на Катица Јанева и во нејзиниот однос од оставката, преку одземените телефони, боледувањето, па сè до отсутноста на поддршката од нејзиниот тим во ваков важен период.

„Ако, според Јанева, ‘обвинителот е обвинител дури и кога зборува на телефон’, а притоа таа потврдува дека Боки 13 бил посредник до Орце Камчев, дали таа како обвинител се прашала кој е мотивот на посредникот? Се прашала ли дали Боки 13 зема пари за да биде посредник и од каде му се парите со кои тој се расфрлаше и кои не ги криеше?“

Постојат чудни недоследности во изјавите на Катица Јанева и во нејзиниот однос од оставката, преку одземените телефони, боледувањето, па сè до отсутноста на поддршката од нејзиниот тим во ваков важен период

Адвокатката вели дека сега е јасно за што посредникот земал пари.

„Дали посредникот ветувањата ги давал со знаење или без знаење на Катица Јанева, треба да утврди истрагата и обвинителството. Според тоа, за улогата на Катица Јанева се можни две страшни сценарија: првото – знаела дека се земаат пари за влијание и е дел од поткупот или второто – требало да знае како ‘обвинител кој е обвинител дури и кога зборува по телефон’ и не е дел од поткупот, а притоа направила погрешна професионална проценка дека може да склучи некаква ‘спогодба со ѓаволот’ и дозволила да биде злоупотребена.“

Како и да е, вели Јошевска-Анастасовска, ова заедно со фактот дека дозволила надворешни лица да знаат детали за предметите, да преговараат во нејзино име, да ја пуштаат на интерфон и да ја злоупотребуваат (?!) е доволно за нејзина професионална одговорност.

„Притоа не мислам само на оставка“, завршува Јошевска.