Ti samo možeš da spavaš,
Kada ćutimo svi.
Samo možeš da sanjaš,
Da smo isti k’o ti.
„Секс, дрога, насилство и страв“, Електрични оргазам
Ако сте искрени, ќе признаете дека некаде длабоко во нас, во заклучените трезори на бомбастичните сеќавања, тлее споменот за магичниот двоец што ни ги плени срцата, но патем ни ги плени и парите и слободата. Таа и Тој. Таа министерка, Тој министер. Таа заљубена во Грант, Тој во грантови. Таа се нервира што не може да сокрие убиство, Тој сака да ги убие сите што го нервираат.
Некои ја нарекоа фабулата за овој двоец од трезорот на бомбастичните сеќавања – македонската Ивица и Марица. Веројатно не само затоа што Тој беше на ивица да лупне некого со телефонот по глава, а Таа спремна да сотре илјадници човечиња во нејзината марица, туку и затоа што Тој беше чуварот на куќичката од чоколада во која се намамуваа прегладнетите за леб, а Таа се врежа во спомените на многумина како вештица турната во огнот на мвровските работи.
Таа и Тој. Таа министерка, Тој министер. Таа заљубена во Грант, Тој во грантови. Таа се нервира што не може да сокрие убиство, Тој сака да ги убие сите што го нервираат
Ако сте искрени, ќе признаете дека Тој и Таа од заклучените трезори на бомбастичните сеќавања многу ни недостигаа. Нивните оставки оставија голема празнина во трезорот на нашите емоции. И беше потребно нешто да ги врати. Да ги отрезни сеќавањата. Ни требаше некој нов… Трезор.
Инаку, во меѓувреме, се докажа – ние сме лудаци! Не остана никаква дилема околу тоа. Ако некогаш за момент сте се посомневале во оваа болна вистина, тука секогаш бил првиот меѓу лудаците да го отстрани сомнежот. Онака брутално, како со динамит, без многу тупење. Односно, понекогаш уште побрутално – со многу тупење. На пример, со два часа тупење. На пример, за електрични автомобили. Во духот на онаа славната – немаме за леб, а трошиме на чоколада – ни вети дека, иако немаме пари за сметката за струја, ќе возиме автомобил на струја. Од 25.000 евра. Пет од него. Вози Мишко.
Двочасовната сеанса од музејот на ВМРО, го потсети другар ми Перо вмровецот на вицот со Свети Никола,песимистот и оптимистот. Се шетал Свети Никола (пошироко познат и како Дедо Мраз) како Грујо низ Татковинава наша, со ајфон и решава проблеми и желби, дели подароци на луѓе. Среќава двајца, еден оптимист и еден песимист и им дава по еден подарок. Предизборен. На песимистот електричен автомобил, а на оптимистот лајно од коњ.
Си отишол Грујо и се собрал народ околу двајцава со подароците. Го прашале прво песимистот што добил подарок, а овој почнал да се жали. А бе електричен автомобил, ама нема пумпи за него. Му кажале дека наскоро ќе има пумпи. А бе знам, ама нема патишта за него. Му кажале дека и патишта ќе се направат. Знам, ама скапи се деловите. Му кажале дека 5.000 евра субвенција ќе дава Грујо. Знам рекол, ама жена ми работи во Макпетрол, ќе и пропадне фирмата.
– Е, такви сте вие комуњарите, на секоја добра работа мана и наоѓате – ми вели Перо.
– Чекај, чекај, кажи го вицот до крај. Што рекол оптимистот?
– Оптимистот? Рекол: Еј супер, јас си добив коњче пони, ама отишло некаде…
Жива среќа повеќето Македонци се оптимисти. А тоа па понито никако да се врати… Мора да се загубило негде, ама без гајле, кај и да е, ќе дојде.
Субвенција за електричен автомобил. Во услови на тешка економска, политичка и морална криза. Лудо е ко струја!
Субвенција за електричен автомобил. Во услови на тешка економска, политичка и морална криза. Лудо е ко струја! Притоа, чувството дека некој разумот да ви го спржил на електрична столица не го имате само поради „мерките-курцшлуси“ на првиот меѓу лудаците, туку уште повеќе го добивате поради оние во публиката – во музејот и пред малите екрани, кои наместо тежок струен удар, доживуваат електричен оргазам од електромобилите.
Како да сме врзани со далновод за лудилото. Не знаеме да го изолираме изворот. Единствената разлика од времето на Таа, Тој и на останатите храбро погинати лудаци (и да погинеш, колку можеш ќе се спасеш) е што тогаш имаше наизменична струја од разни ликови – сега е еднонасочна. Тогаш овој првиов беше опкружен со спроводници на неговите генијални идеи (со еден Миле како единица мерка за спроводливост), а сега околу него гледаме само голи бетонски столбови. И по некој дрвен.
Односно, си мислевме дека е така до вчера. Дали од силината на напонот на лудилото, или поради преоптовареност на системот со луди идеи, бушоните на разумот се чини испопаѓале како удрени од гром и кај коалициониот партнер ДУИ. Муса Џафери ќе рече „с ким си – такав си“ и веројатно е во право, но кој би рекол дека може да бидат и поудрени од заедничкиот шеф.
Еве да го земеме случајот Грац. На прв поглед – ништо необично. Министер и градоначалник во посета на вториот по големина град на Австрија. Прво што ви паќа на памет е дека ги понело сознанието дека Никола Тесла, изумителот на наизменичната струја, без кој ни електромобилите на Грујо немаше да бидат можни, студирал електро токму во Грац. Па човек сосема логично ќе си помисли дека високава владино-градоначалничка делегација е во посета на факултетот каде што студирал визионерот Тесла да откупи некоја негова скица за електричен автомобил. Но, се лажете. Пак заборавате дека се луди ко струја.
Не Тесла, туку некоја магична мелодија од флејта го однесе градоначалникот на Гостивар Невзат Бејта во Грац. И не само него. Ни на министерот за економија Дритон Кучи не му се останувало кучи, па и тој решил да му прави друштво на Бејта. Поводот на ова службено патување – бизнисмени од Гостивар отвориле кафана во Грац.
– Нова се крчма отвора, мене ме канат да идам. Сефтето да им направам, фирмата да им напишам – им запеа Бејта во општина пред заминување.
И ене го Бејта кај иде, девет му зурли свиреа, девет му зурли свиреа, десет тапани чукаа.
Па, зарем еден ваков настан не заслужува граѓаните да одвојат од скромниот буџет за патни трошоци за Бејта? Не каков било ресторан, ами елитен. Па зарем елитен ресторан да се отвори во Австрија без елитата на ДУИ?
Но не, ова е се уште предигра. За да доживеете електричен оргазам мора да ја прочитате и изјавата на Кучи.
– Многу наши сограѓани си заминаа од родните краеви и станаа модел за успех насекаде во светот. Мајка Тереза, Ферид Мурат, и многу други оставија свој белег со својата работа, и се надевам дека нивниот пример ќе го следат и Нагип и Фарук, кои се доста познати со своите кулинарски способности. Денес, сме овде во Грац на свечено пуштање во употреба на овој елитен ресторан – изјави министерот.
Ние сме лудаци. Додека Грујо не дупи во здрав разум, овие неговиве отвораат крчми по белиот свет и не убедуваат дека нивната мисија е иста како таа на Мајка Тереза. Но, да се разбереме, никој не ни е виновен. Во трезорот на лудилото сами си влеговме и се додека молчиме, тие мирно ќе спијат, се додека молчиме тие ќе сонуваат дека сме исти како нив.
Впрочем:
Ti samo možeš da spavaš,
Kada ćutimo svi.
Samo možeš da sanjaš,
Da smo isti k’o ti.