Имам мал идентитетски проблем откако државата ме прогласи за човек-фирма (ме третира повеќе како фирма додуша, а помалку како човек) и станав таканаречен ДДВ обврзник (за обичните смртници кои не ги знаат ваквите фискални термини, да преведам ДДВ е акроним од дунстер со девалвирана вредност).
Мојот идентитетски проблем почна како синдром на поделена личност, преку ден се чувствував како правно лице, а навечер си легнував и наутро се будев исклучиво како физичко лице. Потоа, како поминуваа кварталите за поднесување ДДВ-пријави, почнав сѐ помалку да се чувствувам како физичко лице.
Во една држава, која и самата не е правна, тешко е човек да биде правно лице. Освен што го изгубив сосема чувството на припадност и идентификација, чувствувам осаменост и некако како да сум отфрлен од средината. На пример, кога седам во кафеана со физички лица, практично само јас и кафеаната сме правни лица.
Како правно лице во човечко тело, на улица веќе сум своевидна урбана легенда. Тоа што сме малкумина идиоти што се огласивме доброволно на повикот на државата да се пријавиме за луѓе-фирми, има и свои предности
Фискалната дисциплина е единственото што ме интересира. Кога ќе станам наутро прво си го проверувам бонитетот, ако сум ликвиден излегувам од дома, ако не – не си ја нарушувам солвентноста.
Кога децата ќе ми побараат мастики препорачани од стоматолозите, во продавница прво барам профактура, па одам во банка да ја извршам уплатата од 23 денари, па дури потоа со уплатницата ја подигнувам робата во супермаркетот, односно мастиките.
За да им дадам џепарлак на децата морам да извадам материјални трошоци.
Интимниот живот ми е исто така како на фирма, односно квартален, или четири пати годишно, најдоцна до 25 април, јули, октомври и јануари.
Секое поднесување на ДДВ-пријава го прославуваме со сопругата со интимна вечера за двајца. Многу сме среќни. Знаеме дека тие пари државата ќе ги потроши за подобро здравство, образование за нашите децата и за намалување на социјалните разлики во општеството.
Како правно лице во човечко тело, на улица веќе сум своевидна урбана легенда. Тоа што сме малкумина идиоти што се огласивме доброволно на повикот на државата да се пријавиме за луѓе-фирми, има и свои предности. Граѓаните нѐ препознаваат на улица, се фотографираат со нас, па фотките ги објавуваат на социјалните мрежи со хаштагот: #ДебиловСеПријавилЗаДДВобврзник.
Секогаш со себе си ја носам последната ДДВ-пријава за да не налета некој фан и да не го разочарам.
– Сум прошетал секаде по светов, ама не сум видел понаивен идиот од вас – ми вели еден обожавател.
– Знам – одговарам нескромно.
Понекогаш доаѓаат и странски новинари и бараат интервјуа. Што ве натера да се пријавите за ДДВ-обврзник? Дали навистина бевте толкав морон да поверувате дека тие што нема сами да се пријават ќе бидат присилно регистрирани и казнети? Како се носите со правната несигурност? Го знаете ли напамет бројот на Трезорска сметка на Буџетот на РСМ? Дали сте побарале некој денар поврат на ДДВ и зошто не? Дали секоја вечер сонувате кошмари како ПП50-уплатници ве бркаат по темни улички и зошто да?
Главно на сите прашања одговарам со молчење и глупава насмевка. Понекогаш пуштам и по некоја солза. Горд сум што ја полнам државната каса, но тоа луѓето не го разбираат. Не го разбирам ни јас, додуша, односно рецидивот на физичкото лице во мене понекогаш, поточно четирипати годишно, се бунтува против јас-правно лице.
Ох, колку е прекрасно да се биде шизофрен во оваа ментално нестабилна држава! Колку е прекрасно да се одвојува 18% за да се помогне да стане ментално уште понестабилна. Со секое следно поненормализирање на државата, ние што го финансираме тоа од џебот, пардон од сметката, се гордееме со резултатите на нашето широкоградо меценство кон нашата сакана Татковина.
Овие сегашниве не ги бива за споменици, но затоа макотрпно работат на враќање на тие што ги биваше. Тоа е добра вест за нас, доброволните ДДВ-обврзници, кои мислевме дека законот ќе важи подеднакво за сите
Таа еден ден секако ќе ни се заблагодари. Мислам дека веќе се изработуваат благодарници на кои ќе има слика од магаре и моето име под неа.
Овие сегашниве не ги бива за споменици, но затоа макотрпно работат на враќање на тие што ги биваше. Тоа е добра вест за нас, доброволните ДДВ-обврзници, кои мислевме дека законот ќе важи подеднакво за сите.
Еден ден скулпторката Вале ќе ни се јави и ќе не покани во нејзиното ателје. Ќе биде тоа прекрасен хиперреалистичен споменик, во кој ние десетина души сме во бронза пред бронзен банкарски шалтер. Споменикот ќе ја штити нашата приватност и нема да биде именуван со нашите вистински имиња (впрочем како и воинот на коњ), па и нам ќе ни смислат нешто со коњ.
Коњи на поило, на пример, при што ние сме коњите, а шалтерот е поилото од кое државниот буџет се напојува.
Да се биде дебил со девалвирана вредност е благородна, одговорна, но пред се многу стресна определба. Поради засилен ризик од кардиоваскуларни и други комликации, составив и тестамент. Од само една реченица: Ако умрам ил загинам, прво данокот да го платите…