Се обидувам, се разбира во рамките на моите можности, внимателно да ги следам изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и неговите причини за одбивање да го поддржи референдумот. И не ми оди најдобро. Ајде да ги пренебрегнеме тука условувањата за избор на новите членови на Државната изборна комисија со носење на Изборниот законик и Законот за финансирање на партиите (бидејќи тие услови се исполнија), она што го разбравме беше дека ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи вакво референдумско прашање, односно дека прашањето е манипулативно и комплексно и содржи три прашања во едно.
Потоа разбравме дека опозицијата нема да поддржи консултативен референдум, туку само обврзувачки, за на крајот да разбереме дека опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ нема да биде алиби за еден капитулантски договор, каков што е договорот од Преспа.
Ако ја земеме последната причина, онаа дека договорот е капитулантски, тогаш претходните две, онаа за прашањето и онаа за обврзувачкиот референдум, едноставно, паѓаат во вода! Имено, што е битно какво ќе биде прашањето и каков ќе биде форматот на референдумот, ако договорот е капитулантски; Никакво прашање и никаква задолжителност не можат да оправдаат референдум за договор, кој е веќе оквалификуван како предавнички.
Од друга страна, Мицкоски и неговата партија не повикале на бојкот на референдумот, барем не официјално. Додуша не повикале и на не-бојкот, односно на учество на референдумот. За волја на вистината, видни членови на партијата, отворено или прикриено, повикуваат на бојкотирање, но тоа засега се толкува како одредено солирање, односно како купување време додека партијата заземе конечен став.
Партијата што се претставува како проевропска и воопшто прозападна, не може да поддржи антиевропско или анти-НАТО изјаснување, а не може да го поддржи ниту Преспанскиот договор затоа што така ќе ги разочара своите традиционални следбеници, кои, ете, од некои причини сѐ повеќе се вртат кон Русија
Но, да пробаме да сфатиме зошто ВМРО-ДПМНЕ би бил против овој референдум и од каде доаѓа овој парадокс, особено ако се знае дека токму ВМРО-ДПМНЕ го промовираше референдумското изјаснување по ова прашање уште од времето кога Никола Груевски дојде на власт. На крајот на краиштата, нивна е и синтагмата „Народот ќе одлучи“.
Прво (1), зошто, вака како што е формулирано: „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“, референдумското прашање би било манипулативно? Демек, требало да се постави поединечно дали сме за влез во НАТО и во ЕУ и дали сме за прифаќање на Договорот! Знам дека ќе звучи папагалски, ама ќе се обидам уште еднаш: единствената цел на Преспанскиот договор не е да го смениме името, туку да ги исполниме условите за остварување на нашите евроатлантски аспирации.
А тезата дека некој би бил за влез во ЕУ (параконфедерална организација), а би бил против НАТО (воено-политички сојуз) едноставно не држи вода. За земјите како Македонија, односно од Западен Балкан, едноставно нема друг пат. На крајот на краиштата, нема релевантна (парламентарна) политичка сила во земјата која ги нема зацртано како основни приоритети токму евроатлантските интеграции. (Иако сосема друга приказна е колку овдешните политички елити навистина ги почитуваат евроатлантските вредности).
Тука, се разбира, не смее да се избегне ниту прашањето на безбедноста. Имено, пред некој ден, српскиот претседател Александар Вучиќ го свика нивниот Совет за безбедност за да расправаат за ситуацијата во и со Косово, а Хашим Тачи изјави дека корекција на границата меѓу Србија и Косово е услов за целосно меѓународно признавање на новата држава.
Со други зборови, сѐ поотворено се зборува за размена на територии меѓу Косово и Србија, што, јасно, го загрозува целиот регион, особено кревката и поделена Македонија. Го сакале ние тоа или не, територијалниот интегритет на нашата држава во актуелниот миг може да го сочува само НАТО. Во секој случај, членството во НАТО, ако ништо друго обезбедува да не те бомбардира токму – НАТО. А обезбедува, се разбира, и многу други работи.
За прашањето на карактерот на референдумот, задолжителен или консултативен, нема потреба од преширока експликација. Едноставно, не постои политичка сила во Македонија што нема да го почитува мислењето искажано на успешен референдум, без оглед какво и да е тоа.
Претпоставувам дека ќе се ангажираат сите домашни и меѓународни механизми што ќе ја проверуваат неговата регуларност и дека можноста за манипулација со резултатот ќе биде или сосема елиминирана или занемарлива во однос на конечното решение. Влогот е преголем за да може кој било да си игра со него.
Меѓутоа, ако референдумот е неуспешен, тогаш може (со право) да се смета дека граѓаните не се заинтересирани да го дадат своето мислење по ова прашање и дека институциите ќе ги преземат работите во свои раце. Нешто слично, на пример, се случи со референдумот за локалната самоуправа. Без оглед на излезноста и на бројот на оние што гласаа против предложената поделба на општини, тоа беше неуспешен референдум и власта не ги зеде предвид неговите резултати.
Па, господо од ВМРО-ДПМНЕ, ако мислите дека го имате мнозинството, бујрум на референдум, па гласајте против. Правењето историја не е калкулантска работа, инаку и она таканаречено историско ВМРО ќе создадеше држава
Третата теза дека Преспанскиот договор е капитулантски влегува во графата на пропагандата и не вреди да се коментира затоа што ќе навлеземе во залудни полемики околу флоскули за историјата, вековното име, разнебитувањето, фуснотите, историските заблуди итн. На крајот на краиштата, во изјавата на Мицкоски нема никаков факт, освен констатацијата дека се работи за капитулација.
Но, сепак останува прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува референдумот, а не го ни бојкотира? Одговорот не е тежок. Да, токму референдумското прашање е во прашање! Имено, партијата што се претставува како проевропска и воопшто прозападна, не може да поддржи антиевропско или анти-НАТО изјаснување, а не може да го поддржи ниту Преспанскиот договор затоа што така ќе ги разочара своите традиционални следбеници, кои, ете, од некои причини сѐ повеќе се вртат кон Русија (и тоа токму во периодот кога се чувствува некакво приближување меѓу Путин и Трамп).
Да, знам, „бојкотирачите“ ќе речат „Да, за Европа, ама не со ваков Договор“, што звучи дефинитивно неубедливо и евтино, бидејќи евидентно е дека друг пат за Европа нема. Инаку, и досега ќе го најдевме.
Па, господо од ВМРО-ДПМНЕ, ако мислите дека го имате мнозинството, бујрум на референдум, па гласајте против. Правењето историја не е калкулантска работа, инаку и она таканаречено историско ВМРО ќе создадеше држава.