Сребреница, светот, Србија, ние…

Пред некој ден, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Резолуцијата за одбележување на 11 јули, како Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница. Македонија беше меѓу оние 84 земји што гласаа за усвојување на Резолуцијата, па дури беше и во редот на 30-тината земји што се придружија како копредлагачи на предлогот на Резолуцијата, кој го поднесоа Германија и Руанда. Против беа 19 држави, а 68 беа воздржани.

И тоа е отприлика сѐ што треба да се знае за ова прашање.

Имено, покрај силното симболичко значење на Резолуцијата, нејзината политичка тежина, во смисла на светско оддавање почит на повеќе од осумте илјади жртви на овој страотен злостор, таа нема речиси никакво значење за меѓународните односи и геополитичката слика во светот. Како впрочем и повеќето резолуции што ги носи највисоката светска организација.

Ако сакаме да бидеме цинични, ќе споменеме дека во времето на сребреничкиот геноцид (1995), Сребреница беше прогласена за зона под заштита на Обединетите нации. Токму со нивна резолуција донесена во 1993 година. И тоа, за разлика од сегашната, таа беше обврзувачка. Да не ги споменуваме тука резолуциите за актуелниот израелски судир со Палестинците или оние за руската инвазија на Украина.

На маргините

Во таа смисла, Резолуцијата речиси не предизвика некакво меѓународно внимание. Не беше во фокусот на американската јавност, а богами и Европската Унија не ѝ посвети никакво внимание (иако, како по обичај, нејзините членки гласаа прилично разнолико). Дури остана незабележено дека по подолго време, САД и Иран застанаа на „иста страна“. Имено, и двете гласаа за усвојување на Резолуцијата.

Ако сакате, Резолуцијата остана на маргините дури и во самата Сребреница. Таа, реално, освен каква-таква морална сатисфакција, и не им е некое прашање од животна важност. Некогаш една од најразвиените босански општини, со 36 илјади жители, денес е пусто и запустено гратче со одвај три илјади население. Во Сребреница, не само што нема театар, кино, книжарница…, туку нема ниту една месарница, нема пекарница, нема земјоделска продавница… Владее невработеност и секој што има некаква шанса, се сели од таму.

Во таа смисла, разбирливо е дека Резолуцијата се прифаќа на ниво на информација, без каков било триумфализам или егзалтирачко задоволство.

Некогаш една од најразвиените босански општини, со 36 илјади жители, денес е пусто и запустено гратче со одвај три илјади население. Во Сребреница, не само што нема театар, кино, книжарница…, туку нема ниту една месарница, нема пекарница, нема земјоделска продавница…

Иако сите држави произлезени од некогашна Југославија гласаа за усвојување на Резолуцијата, освен Србија, таа и во регионот помина речиси незабележано. Освен во Босна и Херцеговина и веќе споменатата Србија. За Босна и Херцеговина, ова е важно прашање, затоа што оваа Резолуција ја бетонира нејзината улога на жртва во југословенските војни, земја која била на праведната страна на историјата.

Србија, пак, го постави прашањето на Резолуцијата на највисоко можно ниво – на дипломатски живот и смрт. Српскиот претседател Александар Вучиќ го наметна наративот на борба на „малата независна држава“ против заговорот на „колективниот Запад“, наметнувајќи го непостоечкиот наратив на прогласување на целиот српски народ за „геноциден“ и претставувајќи се себеси како лидер на „слободарскиот“ свет.

Како што тоа во регионот обично се случува, по усвојувањето на Резолуцијата, двете држави се прогласија себеси за победници. БиХ е задоволна затоа што Резолуцијата е усвоена, со што и видливоста на злосторствата врз бошњачкиот народ ќе станат повидливи на глобално ниво. Србија, пак, прогласува „победа“ затоа што практично повеќе земји не ја поддржаа Резолуцијата отколку што ја поддржаа.

Српските политичари дури пресметаа дека околу 5,3 милијарди луѓе на Земјата не гласале за Резолуцијата. Се разбира, дека и двете победи се Пирови. За БиХ, затоа што Резолуцијата навистина не го постигна она мнозинство што го очекуваа, а за Србија затоа што Резолуцијата е усвоена и тоа засега е неменлив факт.

Зошто во Обединетите нации се гласаше така како што се гласаше? Односно зошто едно недвосмислено прашање, како што е геноцидот во Сребреница, потврден од повеќе меѓународни и локални судови, не доби посериозно и помасовно признавање од земјите-членки на ООН?

Постојат повеќе одговори и објаснувања на овие прашања, почнувајќи од тоа дека во повеќе држави, исто така, се случил или се извршил геноцид, преку некои геостратешки интереси, па сѐ до меѓусебните односи на државите што се актуелни во моментов.

Меѓутоа, има еден податок на кој малку се обрнува внимание, а кој е веројатно клучен за неуспешноста на Обединетите нации. Проценките се дека од сите држави-членки во ООН, денес само 19 проценти можат да се наречат либерални демократии. Околу 30 отсто имаат какво-такво демократско уредување, а дури 51 процент се проценети како автократски, клептократски и/или диктаторски режими.

А за нивното мислење, таканаречениот „колективен Запад“ (што би рекол Александар Вучиќ), односно САД, не даваат ни пет пари.

Гордост и срам

За волја на вистината, прашањето на Резолуцијата за Сребреница не би го привлекло ниту моето внимание да не беше изјавата токму на Вучиќ, во која тој вели (парафразирам) дека најмногу е разочаран од Северна Македонија, затоа што најмногу вложил во пријателството со „братскиот македонски народ“. И уште додава дека излегло дека „Грција имала посилен ‘рбет од Македонија“ (Грција беше воздржана на гласањето).

Доскорашната премиерка Ана Брнабиќ изјави дека е време Србија да ги преиспита односите со „државите што ја поддржаа Резолуцијата“. Згора на тоа и речиси целата опозиција се противи на оваа Резолуција.

Во светлината на овие изјави, драго ми е што Македонија зазеде принципиелна, хумана и солидарна позиција во однос на геноцидот во Сребреница. Некои работи, особено злосторства, непоимливи за нормалниот човечки разум, не можат и не смеат да подлегнуваат на дневно-политичките интереси.

Србија, ако сакаше да влезе во цивилизираниот свет, ќе беше и самата коспонзор на Резолуцијата, ако не и нејзин иницијатор. Еве и три децении по војните, ќе се појавеше некој Вили Брант, кој искрено ќе се извинеше за можеби најстрашното воено злосторство во Европа по Втората светска војна

Не ми е неважно какви односи ќе имаме со Србија, но искрено поважно ми е кога по српските градови не би имало графити со ликот на воениот злосторник Ратко Младиќ, кога нивните деца и ученици би оделе на екскурзии во Сребреница, како што одат во Јасеновац, кога би се учело во училиштата за ова и за другите злосторства…

Знам дека тоа не ми е работа, ама Србија, ако сакаше да влезе во цивилизираниот свет, ќе беше и самата коспонзор на Резолуцијата, ако не и нејзин иницијатор. Еве и три децении по војните, ќе се појавеше некој Вили Брант, кој искрено ќе се извинеше за можеби најстрашното воено злосторство во Европа по Втората светска војна. На крајот на краиштата, погубените луѓе во Сребреница беа – Југословени. И тие живееја во истата држава во која живееја и Србите, па и ние.

Сите ние бевме сограѓани, со ист пасош, иста полиција, иста војска… Во таа смисла, Македонија сигурно нема никаков придонес во српската замисла на „слободарскиот“ свет.

Велам, само ќе ја примев на знаење Резолуцијата за Сребреница, да не беа овие изјави од највисокиот врв на северниот сосед. Вака почувствував и некоја доза гордост што Македонија не го релативизираше геноцидот, не го стави под знак прашање и не потклекна под можеби политички полукративните понуди.

Така мислев сѐ додека не го прочитав текстот на поранешниот претседател на МАНУ, Љупчо Коцарев „Повик за отпор“ во „Нова Македонија“, објавен токму по донесувањето на Резолуцијата на ООН. Во овој прилично манипулативен текст, академикот обвинува дека со договорите со Грција и со Бугарија, како и со преговарачката рамка со ЕУ е извршен геноцид (културолошки, идентитетски) врз македонскиот народ! И во таа смисла повикува на судска постапка за предизвикувачите на геноцидот.

Ова не е само релативизација на злосторството геноцид, ова не е омаловажување на жртвите од Сребреница, ова е најблаго речено безобразлук. Безобразно е и мошне опасно да се споредуваат масовните гробници во Сребреница и секаде каде што се случиле вакви злосторства.

И така мојата гордост наеднаш се претвори во срам. Ете, ме изеде и мене туѓиот срам.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија