Ако се киднапирани, нека трепнат двапати

Каде потонаа? Дали се киднапирани? Нека трепнат еднаш за „не“, двапати за „да“… Ваква мантра во јавноста го пополни чудниот молк во кој потона СДСМ по 8 мај. Ни „а“, ни „б“.

По последната изјава и оценка на Димитар Ковачевски, дека на изборите на СДСМ „му е зададен тежок удар“, сепак никој не очекуваше дека партијата ќе остане толку долго да лежи неподвижна и безгласна во рингот и да не изусти ништо повеќе од признавање на поразот и упатените честитки до победниците.

Таква повлеченост досега не е видена. Да живеевме во некоја здодевна демократска земја, во која одамна се решени сите проблеми и каде што единствената неизвесност е дали ќе се потврди метеоролошката прогноза, таму би било разбирливо, не само опозицијата, туку и власта да нема за многу што да се обраќа пред граѓаните.

Ама овде, децениски сардисани со куп внатрешни, ем со соседски проблеми, повлекувањето на СДСМ наликува на чин на политичка и општествена неодговорност. Разбирливо е дека им треба време за консолидирање, за реорганизирање, за кадровско обновување, за штелување на компасот, за подготовка на отчетниот конгрес, за избор на ново раководство…

Допрва ќе анализираат

Тој процес, кој нема да биде, ни лесен, ни краток, воопшто не ја исклучува обврската на првата опозициска партија во државава да биде во непрекината и фреквентна комуникација со граѓаните. Во спротивно, врз основа на што ќе им веруваат граѓаните дека извлекле поука од изборниот исход?

Тој што извлекол поука, не се повлекува. И без оглед колку „рани“ му се нанесени, станува, се бори, се труди да биде што е можно поприсутен, да комуницира, да прашува, да слуша, да изнесува свои ставови, да покажува проактивност каква што ѝ доликува на опозиција во време кога власта ќе ги има сите лостови во системот.

Кај СДСМ по 8 мај го нема тоа. Како што тргнало, раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе добие порив со портокали и витамини да оди во визита на Бихаќка. Центарот за комуникации на СДСМ немаше дистрибуирано ниту едно соопштение по 8 мај. Првпат се огласи дури по завчерашната оставка на Ковачевски.

Повремено, некој од високите партиски и владини функционери ќе се појави по медиумите, колку да го повтори ставот дека допрва ќе анализираат каде згрешиле, а повеќе да потсети дека тој/таа е тука, зашто следи период во кој ќе почнат кандидатури за претседател на партијата. И додека да изанализираат, ќе дојдат локалните избори.

Ако по претходните локални избори, а и по завршените парламентарни, во СДСМ сѐ уште не знаат каде згрешиле, не знам дали ќе успеат да изградат здрава основа за консолидирање. Иако фрчат изјави дека одговорноста ја имаат сите, од прв до последен, се добива впечаток дека ретко кој гледа индивидуална вина во себе. Најчесто ја лоцираат во другите.

Вистинските оставки

Да беше поинаку, да беше разбрана пораката од граѓаните, прво што ќе направеа – ќе се откажеа од пратеничките мандати првенците на СДСМ, тие од врвот на кандидатските листи, кои беа и членови на владиниот кабинет. Поразена елита не може да донесе нова енергија. Да ја имала, ќе ја покажела и за време на мандатот.

А тоа е вистинската оставка. Не само што не направија таков чекор, туку некои и срамежливо потврдија дека размислуваат да се кандидираат за лидерската позиција. Ако партијата сака да се извлече од историското дно, мора да направи радикален дисконтинуитет со претходните практики, што подразбира и збогување со сите истрошени лица од првите партиски редови по мандатите на СДСМ, ситни души, мандатни „печалбари“ во социјалдемократски дресови, луѓе на поминување во партијата, превртливци и калкуланти.

Непотребно губење време навестува фразата враќање на идеологијата на партијата, во време кога живееме во постидеолошко доба. Сѐ што се смета за идеологија, или одамна е останато само на хартија, или поништено низ досегашните политики, па партиите (не само СДСМ) одамна шантраат од едниот до другиот крај на политичкиот спектар.

Трепкаат лево, а вртат десно и обратно, додека центарот е збришан и претворен во кружен тек низ кој повремено си ја бркаат опашката.

Лакејство или визионерство

„Идеологија“ и водилка на СДСМ треба да биде сето тоа што не го направи во последните 2, 4 и 7 седум години. А не го направи, зашто мислеше дека довербата ѝ следува по некаков автоматизам, дури и ако потфрли. Не постои таква бланко-доверба.

Денеска те гласале, утре ќе те урнат без пардон, ако видат дека се возиш на стара слава, дека не си посветен, дека покажуваш оти не те интересира што мислат граѓаните додека ги убедуваш дека визионерството и храброста живеат токму на твојата партиска адреса.

Граѓаните непогрешливо оценуваат дали некој работи или не, дали импровизира, дали економијата стагнира, симболично кажано – дали е шајка закована и светилка заменета. Не може никој да ја замаскира мандатната летаргија на внaтрешен план со фалби за активности на надворешен, таму каде што други ја диктираат и ја водат играта, додека домашното лакејство се презентира како голем надворешен успех.

Таа приказна нѐ поминува, не поради тоа што домашните сметки се претенки, туку за преголемата цена на отстапките.

И најмалку е битно што СДСМ навреме не реагирале кога од ДУИ играле фудбал по канцеларии, бидејќи тоа е само краен и површен симптом на политичката бајатост. Проблемот е во многуте удари што СДСМ ги примаше од коалицискиот партнер, оставајќи му празен гол, дозволувајќи да функционира двоглава влада.

ДУИ, додека алчно го трошеше СДСМ, заборави дека на тој начин си ја сече и гранката на која заедно седат. И затоа сега двата субјекта се „рамо до рамо“ во опозиција и имаат многу лекции за учење. Ама за разлика од ДУИ, која е колку-толку растрчана, СДСМ за почеток ќе мора да се разбуди од агонијата и да се погледне во огледалото. Првиот момент кога ќе признае дека не му се допаѓа тоа што го гледа таму, ќе биде почеток на првиот чекор напред.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија