Телевиса презента: Мијалков се враќа дома

Колумна на Ана Петрушева

Ни два часа не поминаа откако Оливер Спасовски се препотуваше пред камерите и луто одбиваше прашања за одговорност, кога пред обвинителството и камерата на 24 ТВ дошета Сашо Мијалков. Лабаво, нога пред нога, си застана до Мишко Иванов, кој прилично збунето го праша: „Во Македонија сте?“

„Измрцварениот“ Мијалков се извини, „за оваа мала непријатност“, болен бил, имал температура, се изолирал. Не знаел човекот.

Не знаел дека цела држава, дека сите институции, како што нѐ уверија и Заев и Спасовски, се ставени во функција за негово пронаоѓање. Дека е алармиран Интерпол, веројатно и НАТО. А можеби и Илон Маск.

И додека медиумите се брифираат со неверојатни анализи и откровенија од типот – жената на нејзиниот љубовник е нејзина мајка, во оваа епизода Мијалков ни покажа кој во оваа сезона е во „главната улога“

Со 40 степени темпeратура се борел Мијалков додека десетици, стотици, ако не и илјадници полициски, можеби и воени сили ја орале секоја педа земја, превртувале дрвја и камења, во општата потрага по најбараниот бегалец.

Ко за беља, кога Мијалков дошета и отшета од новинарот, жив полицаец немаше во близина. Барем еден сообраќаец да се најдеше да свирне, да довикне „а бе, Сашо цела држава те бара“, чисто некој да обели образ, секако немаше потреба од лисици, комбиња, пиштоли, како апсењето на Љубе Бошкоски, ама барем еден џандар во близина да имаше.

Реферираше само за вчерашниот ден, иако полицијата му ја губи трагата во неделата. Спиел човекот, па ги преспал и сите часови кога семејството и обезбедувањето му беа на распит во станица. Па, сега чул го бараат и еве уредно си дошол да си го земе решението за притвор, што може да очекуваме и неговите адвокати потоа уредно да го обжалат.

Можеби тоа обезбедување што беше со него се истите што беа на распит вчера, па му раскажале дека неговото отсуство два дена ѝ тежи на земјава, а богами и на Владата.

Системот, кој во првиот чин беше прогласен за виновен и практично единствено одговорен, во вториот, не само што проработи, туку ако му верувате на Заев, бил и неверојатно успешен

И затоа се извини, до јавноста, до Владата, до премиерот. Тој кажа и да не го мислиме, ни повтори, бегањето не е опција, тоа не е во негов стил.

На ваков твист, кога навидум потрошениот лик на залезот на кариерата, со еден потег ги дисциплинира сите, во публиката полудува инстинктот за развивање теории како дојде до ова, какви заднински игри се плетат, кој носи бел, а кој црн шешир во приказнава.

И додека медиумите се брифираат со неверојатни анализи и откровенија од типот – жената на нејзиниот љубовник е нејзина мајка, во оваа епизода Мијалков ни покажа кој во оваа сезона е во „главната улога“.

Во меѓувреме, номинално, главните ликови пред камерите ќе уверуваат дека институциите си ја завршиле работата, сѐ е како што треба да биде и го поздравуваат враќањето на загубениот лик.

Системот, кој во првиот чин беше прогласен за виновен и практично единствено одговорен, во вториот, не само што проработи, туку ако му верувате на Заев, бил и неверојатно успешен. Нема да биде чудно веќе од утре настанот да се претставува како доказ на успешност.

Чесите имаат еден збор „литост“, за него пишува Кундера. Тоа е чувство на тага и очај предизвикани од погледот на ненадејно откриената сопствена беда, во случајов беда на општеството во кое живееме.

Србите имаат цела реченица – ме уби туѓиот срам, кога е неподносливо да се сведочи нечија неспособност да ја согледа срамната положба во која опстојува.

Ние немаме ниту таков збор, ниту слична реченица, ама се чини дека сите што не биле директно инволвирани, а ја сведочеа епизодата „Мијалков се враќа дома“, во последниве два дена, многу добро знаат што значи зборот литост и како е кога ќе те убие туѓиот срам.