Тврди уши

Помина повеќе од еден месец, откако на јавна сцена беше даден конкретен предлог, а до денес ниту една партија не се изјасни. Не слушнавме ни „да“ ни „не“, што е уште полошо, бидејќи покажува комплетна рамнодушност и незаинтересираност.

Предлагачот Хари Костов, и самиот го испрогнозира ваквиот епилог, кога на 13 август, по повод 20-годишнината од Охридскиот договор, предложи дека сега е време за нов – рамковен или само договор за економски реформи, политики и мерки што треба да се спроведуваат во следните најмалку десетина години.

Тој треба да биде постигнат меѓу сите релевантни партии со учество на науката и бизнисот и за кои ќе постои согласност дека мора да го применуваат, независно кој е на власт. Не му беше тешко однапред да предвиди „нула интерес“ затоа што со „тврдите уши“ на партиите се соочил за ист предлог и во 2004 година.

Историјата ќе им оддаде чест на тие што ја пишуваат во сегашноста, во име на иднината. Ќе им оддаде чест на тие што ќе создадат таков економски скок и развој, во кој никој нема да се интересира каква е националноста на другиот, туку која книга е најчитана

Затоа што е очигледно дека ништо не менува. Затоа што смета дека партиите се чувствуваат комотни да ги трошат парите прибрани од стопанството и населението кога се на власт, а жестоко да критикуваат кога се во опозиција. Затоа што не можат да постигнат консензус за речиси ниту една мерка, ниту за тоа на која страна изгрева и заоѓа сонцето. Затоа што, без разлика како се менуваат Курто и Мурто на власт, речникот и навиките им остануваат исти.

А зошто да се прави (рамковен) договор за економски реформи? Тоа бара многу работа и анализи, збогување со површни потези и популистички навики. Патем, темата воопшто не е „атрактивна“, споредено со темите со патриотски предзнак. Другиве даваат широк простор за да се оптегнат црвени линии и разни вербални муниции во одбрана на државата, кои предизвикуваат брзи моментални ефекти и сентименти врз гласачкото тело.

За ефектите од економските реформи е потребно многу повеќе време, а партиите не сакаат да губат ни време, ни власт. За изгубениот социјален капитал – генерации образовани млади што заминаа од земјава, партиите не прават ништо, освен што мандатно си ја префрлаат одговорноста едни на други.

Поради тие јалови расправи, и други генерации млади си ги пакуваат куферите. Не можат да слушаат децениски демагогии, не прифаќаат да живеат во поделено општество, не сметаат дека треба да лепат партиски плакати за да добијат работа, не сакаат да прифатат дека пристоен живот е можен само ако имаш вујко „владика“ или ако тој недостиг го компензираш со крајна сервилност кон владејачките владици.

А бидејќи во изминатите три децении имаа можност да ги видат ефективните мандати на сите поголеми партии, не им остана ни една дилема дали да заминат. Проблемот е уште поголем затоа што не заминуваат само невработени, туку и луѓе што имале и имаат работа, кои со своите професии се многу конкурентни и барани на домашниот пазар на трудот.

Тие не заминуваат заради поголема заработка во странство, туку заради општествениот амбиент во кој не се чувствуваат удобно затоа што целиот простор е контаминиран од партиското, од паушални судови „ако не си со нас, тогаш си против нас“, од секојдневие во кое секој мора јасно да заземе страна.

Сакаат нивните деца да растат во земји каде што „снаоѓањето/успехот во животот“ не е резултат на итарпејовштина, на партиски тендериран, договорен, законски овозможен и несанкциониран криминал, туку резултат на образование, вештини и професионална компетитивност. Заминуваат во земји каде што највисокиот израз на патриотизам е одговорното управување со јавните финансии, грижата за квалитетот на структурните реформи, за макроекономските и фискални политики и индикатори, за подобрување на конкурентноста на земјата и намалување на невработеноста. Црвените линии на патриотизмот суштински се од економска природа, бидејќи независноста претпоставува, пред сѐ, економска независност.

На овој балкански простор, малку се посветува внимание на овие прашања, а многу повеќе на зависноста и условеноста од историјата, која и денес е најголемиот извозно/увозен продукт, која ги топи замрзнатите конфликти, пакува нови и се регенерира од отровот на националистичката омраза и некогашните братоубиствени војни.

За ефектите од економските реформи е потребно многу повеќе време, а партиите не сакаат да губат ни време, ни власт. За изгубениот социјален капитал – генерации образовани млади што заминаа од земјава, партиите не прават ништо

Лекцијата дека историјата треба да биде учителка, а не затвор, не е научена на вистинскиот начин, сѐ додека од позиција на моќ (членка на ЕУ) се инсистира низ тој затвор да биде искамчен сертификат за тоа колкаво ќе биде правото на нечија индивидуална, а колкаво на заедничка историја, на пребројување на национално освестени и неосвестени, на бришење на границата меѓу окупатори и ослободители…

Со такво толкување и толкувачи нема да има победници. Сите се поразени, сите се трагични херои на денешницата. Историјата ќе им оддаде чест на тие што ја пишуваат во сегашноста, во име на иднината. Ќе им оддаде чест на тие што ќе создадат таков економски скок и развој, во кој никој нема да се интересира каква е националноста на другиот, туку која книга е најчитана меѓу два саема, колкава е вредноста на акциите на берзите и дали врие од луѓе, ама не на партиски митинзи, туку во реновирани или нови концертни, кино и театарски сали.

За сето тоа не е потребна историја, ниту компромиси со неа, туку искрени политичари, здрава економија, јасна визија, силна волја,  градење општествен амбиент на почит кон другите и недвоумење околу приоритетите. И секако, општество во кое ќе се инсистира на одговорност за невините жртви на системските пропусти, но ако тоа инсистирање не се претвори во цел за себе, како супститут за сѐ што не може да им се понуди на живите.