Влијанието на надбубрежните жлезди врз македонското новинарство

Дневниот весник „Дневник“ кој сѐ уште се претставува себеси како водечки, весникот каде што Дарко Марковиќ неколку години го објавуваше „Пецко“ и кому весникот му должи голем дел од својот имиџ, не објави ниту збор за Дар-Мар по неговата смрт, но, во суштина тоа (пре)многу и не нѐ изненади, ниту фрапира.

Знам дека ова ќе прозвучи како грд, неумесен, дури и безобразен цинизам, ама, ете, јас така мислам: Дарко Марковиќ замина на време. Поточно, ако веќе сакате, замина со извесно задоцнување. Едноставно, ние повеќе не го заслужуваме и не сме достојни, ниту имаме капацитет да го издржиме неговото функционирање меѓу нас.

Дарко Марковиќ, а сега, се разбира, не велам ништо ново, ниту нешто што не е речено, не беше само моралната вертикала на ова општество туку беше оној редок, па и уникатен столб на македонската медиумска и поп-култура – културата што веќе одамна ја нема. Да, навистина, како може да егзистира Дарко Марковиќ, преку сопствената уметност на катадневието, преку неговиот и наш омилен мал-голем јунак Пецко и, конечно, како може да опстојува кога неговата најважна платформа за дејствување, значи медиумите, одамна не постои, барем не во онаа форма која може да го издржи форматот на Дар-Мар.

Не е ова текст кој треба да му направи омаж на Марковиќ, ниту претензиите на текстот досегаат дотаму да говори за неговата величина. Конечно, претпоставка е дека таа величина е препознаена од повеќето од оние што кога било виделе, прочитале, слушнале што да е од творештвото на големиот уметник. Текстот, значи, повеќе е насочен кон исчезнувањето на духот што го олицетворуваше Марковиќ, отколку кон неговото физичко напуштање на овоземските собитија.

Дневниот весник „Дневник“ кој сѐ уште се претставува себеси како водечки, весникот каде што Дарко Марковиќ неколку години го објавуваше „Пецко“ и кому весникот му должи голем дел од својот имиџ, не објави ниту збор за Дар-Мар по неговата смрт, но, во суштина тоа (пре)многу и не нѐ изненади, ниту фрапира.Тоа е токму нивото до кое сме втасале.

Конечно, кој ѓавол бара Дарко Марковиќ, заедно со неговиот и наш Пецко во весник, кој токму тие денови на насловната страница, како главен наслов ќе објави: „Хаос со избирачкиот список во Британија“! Како Пецко ќе направи карикатура од ваков карикатурален наслов? Како ќе може да го исмее новинарството, кое самото себеси се исмева? И тоа толку жестоко.

Како Пецко ќе направи карикатура од ваков карикатурален наслов? Како ќе може да го исмее новинарството, кое самото себеси се исмева?

Тешко е, ама навистина тешко да се даде рационално објаснување за лудилото кое денес се нарекува медиумски јавен простор. Едноставно, вообичаената рационална и логичка апаратура не функционира во ситуациии на целосна нарушеност на системот. Ако сакаме да бидеме милозливи, ќе кажеме дека оние што се грижат во овој момент за избирачкиот список во Британија, кои го испуштаат фактот дека Дарко Марковиќ не е повеќе меѓу нас и кои се занимаваат со светските заговори против библиската држава Македонија, се наоѓаат под дејство на тешки психотропни супстанции. Иако, за жал, не се. Иако дрогата би била навистина единственото сфатливо објаснување.
Филозофот Петер Слотердијк во своите „Сфери“ вели дека луѓето под дејство на дрога ги заменуваат секојдневните слики со ексцентрични паради на сцени, кои, како акциони филмови, се лелеат и светкаат во пештера. Повикувајќи се на Станислав Гроф, Слотердијк заклучува дека наркотизираните го доживуваат само она што го прочитале, што им е кажано или што го виделе, но во блескави и засилени изданија, во кои пред нив се појавуваат синтетички конгломерати на искуството.

OSTEN 1

Кога човек ги чита нашите весници и ги гледа нашите телевизии не може да се оттргне од впечатокот – дека по нашите редакции кокаин се користи наместо шеќер во прав, претворајќи го мозокот во некаква пивтиеста, желатинска материја. Проблемот е во тоа што и консументите на овие медиумски производи полека се метаморфозираат во истата таа желатинска каша.

Имено, концептот на таканареченото „патриотско новинарство“, каде што е сосема регуларен „хаосот во избирачкиот список во Британија“, наспроти редот во македонскиот избирачки список, за којшто, бидејќи е среден, не ни треба да се пишува, значи концептот на поделба меѓу „нив“ и „нас“, кој најчесто почнува и завршува за овдешните „ние“ и „тие“, не може да создаде ништо друго, освен дилување на самоизмами за светот околу нас, теории на заговор и сеопшти будалштини што докажуваат дека „медиумскиот патриотизам“, исто како и сеприсутниот антички национализам, всушност е болест, умствено нарушување при што се создава прекин помеѓу мозокот и реалноста.

Само што тука не се работи за добрата, стара наркоманија туку за оној вистински цинизам: газдите, уредниците и новинарите добро знаат што прават и, наспроти тоа, токму тоа и го одбираат. Моќта и притисокот го прават своето. Жлездите ја работат својата работа и ја менуваат свеста на актерите. Лачењето на надбубрежните жлезди се интензивира, во крвотокот влегуваат големи количества кортизол и – ете состојба на сериозно нарушена перцепција. Поточно: ете, состојба на насловна страница на „Дневник“.

Во замаглената медиумска свест, сосема нормално, нема место за чистиот, прецизен и до болка точен светоглед на Дарко Марковиќ. Нам ни останува само сеќавање дека нешто што се нарекува медиум некогаш можело да биде паметно, информирано, храбро, интелигентно… На новите генерации, за жал, нема да им остане ни сеќавање.