Регион

Косово: Проширено обвинението за Хашим Тачи

Хашим Тачи дава изјава по сослушувањето. Фото: Принтскрин

Специјалното обвинителство на Косово, кон обвинението против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), а сега политичари, додаде нови обвиненија за воени злосторства.

Ажурираното обвинение вели дека меѓу јули и септември 1998 година и околу 28 или 29 април 1999 година, одредени членови на ОВК без соодветна постапка привеле најмалку 12 лица во селото Будакова/Будаково во јужната Општина Сува Река на Косово.

„Уапсените, кои беа држени во различни временски периоди, биле држени во заклучени простории и под вооружена стража. Веднаш по притворот во Будакова/Будаково, најмалку еден од приведените бил префрлен во Семетишта/Семетиште и, исто така, задржан таму околу 19 до 20 август 1998 година“, се вели во обвинението.

„Затворениците беа удирани по целото тело. Уапсените, вклучително и најмалку еден приврзаник на ЛДК [политичката партија на Демократската лига на Косово], биле  испрашувани и обвинети за здружување, соработка или помагање на Србите и српските власти“.

Ажурираното обвинение, исто така, вели дека на крајот на јуни и јули 1999 година, одредени членови на ОВК привеле најмалку три лица без соодветна законска постапка во герилски штаб лоциран во поранешен интернат и студентски дом во источниот град Гњилане и ги подложиле на физичко и психичко малтретирање.

„Затворениците беа удирани со стапови и со палки по целото тело, удирани со клоци, тупаници и/или на друг начин им се заканувале со насилство и смрт. Уапсените можеа да слушнат и да видат тешка злоупотреба на другите притвореници. Уапсените, кои биле од српска етничка припадност, биле навредувани и испрашувани и обвинети за злосторства врз косовските Албанци“, се вели во ажурираното обвинение.

Тачи е обвинет заедно со поранешниот лидер на опозициската Демократска партија на Косово, Кадри Весели, шефот на пратеничката група на опозициската партија Движење Ветевендосје, Реџеп Селими и претседателот на националниот совет на партијата Социјалдемократска иницијатива (НИСМА Јакуп Красниќи.

Тие се обвинети дека се одговорни за злосторства што ги извршиле самите или другите поранешни членови на ОВК во различни делови на Косово, но и во северна Албанија, „против стотици цивили и лица што не учествувале во воените дејствија“.

Обвинението содржи десет точки и ги наведува делата,  како „воени злосторства на незаконско или произволно апсење и притвор, сурово постапување, тортура и убиства, како и злосторства против човештвото затвор, други нехумани дејствија, тортура, убиства, присилно исчезнување на лица и прогонство“.

Најголемиот дел од злосторствата се извршени во притворни центри, во 17 општини во Косово и два окрузи во Албанија, Кукс и во Хас.

Специјализираните совети на Косово беа формирани за да судат злосторства за кои се тврди дека биле извршени за време и непосредно по војната во Косово од 1998 до 2000 година. Тие се дел од судскиот систем на Косово, но лоцирани во Холандија и екипирани од меѓународни лица.