Анализи

Кривични пријави за амортизација на бомбите

Две кривични пријави се исправени пред лидерот на опозицијата Зоран Заев. Едната за барање, но не и земање поткуп, која е објавена 15 минути пред осмата политичка „бомба“ со докази за изборна измама. А, другата за насилство во обид против највисоки функционери, која лично премиерот ја соопшти неколку дена пред првата „бомба“.

Градоначалникот на Струмица и лидерот на опозицијата Зоран Заев е осомничен за обид за насилство против највисоките државни функционери, како и за барање поткуп од 200.000 евра и злоупотреба на службената положба | Фото: facebook.com/zoranzaev

Градоначалникот на Струмица и лидерот на опозицијата Зоран Заев е осомничен за обид за насилство против највисоките државни функционери, како и за барање поткуп од 200.000 евра и злоупотреба на службената положба | Фото: facebook.com/zoranzaev

Бомбите на Зоран Заев изгледа татнат многу посилно под површината, отколку што тоа може да се види во јавноста. Ако не беше така, тој немаше и пред првата и пред осмата политичка „бомба“ да се соочи со по една кривична пријава.

Не за какви било кривични дела. Прво, градоначалникот на Струмица е осомничен за обид за насилство против највисоките државни функционери. Со други зборови, обид за насилно преземање власта или пуч. Потоа, за барање поткуп од 200.000 евра и злоупотреба на службената положба.

Она што е најбитно е тајмингот во кој се објавени кривичните пријави. Онаа за обид за корупција беше објавена само 15 минути пред Заев да ги објави снимките кои прикажуваат докази за тешка изборна измама пред преполната Универзална сала со повеќе од 100 новинари и уште 40.000 гледачи на преносот во живо на интернет.

Кривичната за обид за насилство против највисоките државни функционери ја објави токму премиерот Никола Груевски на своето обраќање до јавноста неколку дена пред Заев да ја објави првата политичка „бомба“ на почетокот на февруари.

И за едната и за другата кривична пријава власта тврди дека има доволно докази против Заев, но сепак не го приведуваат. Истата власт што, како илустрација на бескомпромисната борба против корупцијата, вршеше спектакуларни апсења, спроведуваше луѓе со лисици на рацете пред камери и изрекуваше повеќемесечен притвор на осомничени за поткуп.

И покрај сериозните обвиненија, можно е Заев да е на слобода поради тоа што „знаат дека не им држат вода доказите, иако според практиката на властите, досега тоа не им било проблем“, вели адвокатот Александар Тортевски

И покрај сериозните обвиненија, можно е Заев да е на слобода поради тоа што „знаат дека не им држат вода доказите, иако според практиката на властите, досега тоа не им било проблем“, вели адвокатот Александар Тортевски

„Имавме случаи кога за две ненаплатени сметки од патарина од по едно евро луѓе добиваа по 18 месеци притвор и три години затвор. Во истиот случај поединци од Неготино и од Гостивар беа осомничени за злосторничко здружување бидејќи и двајцата го направиле истото дело со патарините“, вели адвокатот Александар Тортевски.

Одлуките за апсење и притвор се носат во зависност од цврстината на доказите и која е личноста што е обвинета. Ако е лице што може да го повтори делото, да влијае врз сведоците или, пак, да се даде во бегство, тогаш се изрекува мерка притвор.

„Така вели законот, но она што се случува во реалноста е нешто сосема поинакво“, вели адвокатот Тортевски и додава дека очигледно во случајот со Заев „нешто недостига“.

Тој смета дека, и покрај сериозните обвиненија, можно е Заев да е на слобода поради тоа што „знаат дека не им држат вода доказите, иако според практиката на властите, досега тоа не им било проблем“.

„Не би сакал со овој коментар да предизвикам тие да ми докажат дека не е така и да го приведат, но очигледно е дека станува збор за политичка пресметка“ вели Тортевски.

„Секој случај е сам за себе, единствен по своите карактеристики и ние правиме проценка и анализа во однос на конкретната ситуација. Не одговараме на хипотетички прашања и не одговараме на претпоставени ситуации што би се случило ако нешто се случи и дали ќе се случи“, вели Јанкулоска | Фото: МИА

„Секој случај е сам за себе, единствен по своите карактеристики и ние правиме проценка и анализа во однос на конкретната ситуација. Не одговараме на хипотетички прашања и не одговараме на претпоставени ситуации што би се случило ако нешто се случи и дали ќе се случи“, вели Јанкулоска | Фото: МИА

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска тврди дека полицијата има цврсти докази за вмешаноста на Заев во корупција. Докази кои веќе ги доставиле до обвинителството.

„По наредба на обвинителот се спроведени активности за обезбедување и документирање докази и поднесување кривична пријава“, рече Јанкуловска и додаде дека „јавноста треба да има трпение и да го дочека институционалниот исход и на оваа и на секоја друга постапка за која можеби постои поголем интерес“.

На прашањето на БИРН како е можно да се приведуваат луѓе за многу помали суми и полесни обвинувања, додека за лидерот на опозицијата кривичните пријави повеќе служат како алатка во црната кампања, министерката одговори дека тие работат „исклучиво врз база на законските прописи, а не врз база на желбите на поединци“.

„Секој случај е сам за себе, единствен по своите карактеристики и ние правиме проценка и анализа во однос на конкретната ситуација. Не одговараме на хипотетички прашања и не одговараме на претпоставени ситуации што би се случило ако нешто се случи и дали ќе се случи“, одговори Јанкулоска.

Од СДСМ реагираа на ваквата изјава на Гордана Јанкулоска, велејќи дека таа не е во позиција да одредува процедури. „Јанкулоска е меѓу оние поради кои Владата на Никола Груевски нема легитимитет и мора да замине“, додаваат тие.

Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев, коментирајќи ги ваквите чекори на власта, вели оти не им е лесно во овие моменти кога се соочуваат со објавувањето на политичките бомби, особено на министерката Јанкулоска, која „досега, нормално, требаше да поднесе оставка“.

Да се приведе лидер на опозицијата не е нормално во демократски држави, тоа е елемент на диктатура, вели професорот Гордан Калајџиев | Фото: flickr.com/fosim

Да се приведе лидер на опозицијата не е нормално во демократски држави, тоа е елемент на диктатура, вели професорот Гордан Калајџиев | Фото: flickr.com/fosim

Тој смета дека веројатно Заев не е во притвор за да се остави впечаток во јавноста дека се почитуваат процедурите и законите.

„Вклучително заради тоа што станува збор за лидер на опозицијата и неговото приведување би имало негативен ефект кај меѓународната заедница. Би ги прикажало во светло кое не им одговара во моментот“, вели професорот. „Да се приведе лидер на опозицијата не е нормално во демократски држави, тоа е елемент на диктатура“, додава тој.

Во новиот случај, Заев е осомничен дека во периодот од ноември 2013 година до март 2015 година се обидел да изнуди поткуп од негов сограѓанин, кој сакал да приватизира земјиште од 100.000 квадратни метри по цена од околу 70 денари за квадрат.

МВР тврди дека при приватизацијата на земјиштето на бизнисмен од Струмица, за кој самиот Заев откри дека е Иво Сачевалиев, градоначалникот побарал поткуп од вкупно 200.000 евра. За возврат „му понудил да издејствува кај службените и одговорните лица да се завршат сите подготовки за отпочнување и завршување на процедурите за откуп на земјиштето“.

Лидерот на опозицијата дозна за кривичната пријава за време на објавувањето на „бомбата“ во Универзална сала и во говорот рече дека Сачевалиев цела година се обидувал да го намести за корупција под влијание на премиерот Никола Груевски и неговиот братучед, директорот на УБК, Сашо Мијалков.

„Намерата беше да го направат истото како со брат Љубе, да местат бизнисмен како ми дава пари“, рече Заев. Тој појасни дека станува збор за смислено сценарио и најави кривична пријава за осмислено нудење поткуп и осмислено договарање за местење на поткуп.