Фирмата на синовите на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, „Бест веј инвестмент“ ДОО е отворена во понеделникот, а за директор е поставен Илија Тозија, член на надзорниот одбор на Државна видеолотарија на Република Македонија Касинос Аустриа
Двајцата синови на Сашо Мијалков, ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), отвориле фирма за градежништво, трговија и услуги. Документите од Централниот регистар говорат дека фирмата „Бест веј инвестмент“ ДОО била формирана во понеделникот, на 21 септември.
Како сопственици на новоотворената компанија се јавуваат двајцата синови на бившиот шеф на УБК, 21-годишниот Јордан Мијалков и вториот малолетен син за кој како законски застапник се јавува сопругата на Мијалков, Александра.
Приоритетна дејност на фирмата според шифрата наведена во документот од Централниот регистер е „советување во врска со работењето и останато управување“, а евидентирани се и дејности во надворешниот промет. Според документите, фирмата на семејството на Мијалков се наоѓа во центарот на Скопје, на улицата „Орце Николов“.
Директор на „Бест Веј Инвестмент“ е Илија Тозија, кој воедно е и член на надзорниот одбор на Државна видеолотарија на Република Македонија Касинос Аустриа ДОО.
Ова е прва фирма во која како сопственици се јавуваат членови на потесното семејство на Сашо Мијалков.
Неговото име најчесто се поврзува со фондации или здруженија. На пример во Здружението „Боксерски клуб Јордан Мијалков“ Сашо Мијалков се јавува како сопственик заедно со синот Јордан, бизнисменот Јордан Камчев и Жарко Луковски, главен оперативен директор на Македонски Телеком.
Мијалков е сопственик и на фондацијата „Свети Маченик Димитриј Солунски“, заедно со Јордан Камчев, Илија Кусакатски, Владимир Мијалков и Антонио Филевски.
Во мај годинава првиот шеф на разузнавањето Сашо Мијалков поднесе оставка од функцијата, но остана дел од извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.