Вести

Молдавија: Општа мобилизација во Придњестровје

Photo by Pixabay

Министерството за одбрана на отцепениот регион Придњестровје во Молдавија нареди мобилизација на сите мажи меѓу 18 и 55 години. Одлуката е донесена како што е соопштено „на специјален состанок за надополнување на мировниот контингент“.

Главната причина за наредбата за мобилизација што ја објави „Украинска правда“ е „обезбедување стопроцентно екипирање на персоналот на мировниот контингент на Придњестровската Молдавска Република“.

Властите во Тираспол сè уште официјално не ја потврдија наредбата. Таа е донесена на 21 април, пред да се случат серија експлозии на стратешки цели во овој регион што се наоѓа на границата на Молдавија со Украина.

Во понеделникот беше пријавена експлозија во зградата на придњестровската тајна служба МГБ од фрлач на гранати. Во вторникот, наводно, бил гранатиран радиопредавателот „Мајак“ во Григориопол. Во средата се пукало околу старото советско складиште за муниција Кобасна, кое е на неколку километри од украинската граница.

Сепаратистичкиот режим во Тираспол ја обвини Украина за нападите. Но, од Киев ги отфрлаат таквите тврдења и велат дека станува збор за намерна дестабилизација на регионот од страна на Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во средата изјави дека Русија се обидува да го дестабилизира регионот на Придњестровје, но Украина е подготвена за таква можна руска офанзива.

„Јасно разбираме дека ова е еден од руските чекори [во Придњестровје]. Таму работат специјалните служби. Тоа не се само лажни вести. Целта е очигледна, дестабилизација на ситуацијата во регионот и закана на Молдавија“, рече Зеленски.