Има еден ритуал кога се седнува во кафуле. Прво на масата се ставаат цигарите, телефонот и клучот од автомобилот, па потоа се чека персоналот за да се нарача. Од денеска на ова се додава и четврти елемент – потврда за вакцинација, испечатена или зачувана како документ во телефонот.
„Едно макијато, ве молам“. „Имате ли документ за вакцинација“? Вака почнува речиси секој дијалог со келнерите во кафулињата во центарот на Скопје утрово, откога почна да важи мерката на Владата дека во угостителските објекти може да влезат само лица што примиле барем една доза вакцина.
Во понеделник наутро, кафеаните во скопско Дебар маало беа речиси празни, со по неколкумина гости. Никаде немаше редари на влезовите.
Владината одлука стапува во сила штом некој ќе седне на масата. Тогаш келнерите доаѓаат и срамежливо, како да им е непријатно од новата обврска, бараат да видат доказ за примени вакцини пред да го донесат кафето.
Никој не беше вратен додека направивме обиколка на угостителските објекти. Повеќето гости го пребаруваа документот низ електронската пошта, во пораката што им ја испратиле матичните лекари пред неколку месеци, бидејќи заборавиле да си понесат испечатен примерок.
Како и во многу случаи досега, во оваа година и пол, колку што трае ковид-кризата, воведувањето нови мерки отвора многу прашања и остава простор за слободни толкувања, барем во првиот ден откако тие ќе стапат во сила.
Во одлуката објавена на владината интернет-страница пишува дека се воведува задолжителна редарска служба заради контрола на документите за вакцинирање во „секаков вид објекти на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни лица“, за каков било настан – прослава, концерт, семинар, работилница, конференција, спортски натпревар…
Тоа отвори разни прашања. Дали во првите 30 луѓе може да влезат и невакцинирани, а потоа ќе се контролира имунизацијата? Дали додека не седне триесеттиот гостин нема потреба некој да врши проверки на влезот од објектот?
Граѓани што биле спречени да влезат во празни кафулиња затоа што немале потврди реагираат зошто им барале документи пред да се достигне прагот од 30 гости. Од друга страна, пак, локал во центарот на Скопје објави дека ќе го ограничи капацитетот на летната тераса на 30 луѓе за да не мора да ги спроведува владините мерки како воведување редарска служба и проверка на податоци.
Објаснувањето од Владата е дека е важно да се гледа капацитетот на објектот, односно на летната тераса. Ако таа може да собере над 30 гости, тогаш секој треба да си приложи документ за вакцинација при влегувањето. Ако кафулето е со помал капацитет од овој праг, нема никаква контрола. Затворените делови од објектите не смеат да работат.
Засега мерките се воведуваат за објекти на отворено каде што има групирање, а посетителите се задржуваат подолго време или не носат маски, како во рестораните. Никој не бара документ за вакцинација во супермаркетите или во трговските објекти. За таму е доволно да се носи маска. Слично е и во градските автобуси. Луѓето се туркаат пред вратите, но за да влезат им е потребен само платен билет.
Не се очекува овие правила да се сменат наскоро. Единствено се најавува мала измена на одлуката со која, освен со потврда за вакцинирање, во кафуле може да се влезе и со доказ за прележан ковид-19, најмногу до 45 дена по оздравувањето.