Вести

Нова бомба на СДСМ: Аудио разговори од партиски местенки во судството

Во Македонија нема владеење на правото. Постои директна спрега меѓу власта и правосудниот систем, спротивно на Уставот, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев откако обелодени нови аудио снимки како докази за урнисаниот интегритет на македонското правосудство.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев со Уставот на РМ во рака посочи дека власта е во директна спрега со правосудниот систем | Фото: М. Јордановска

СДСМ излезе со втората „бомба“ во која објави разговори за наводни партиски местенки при именување судии, ургенции за донесување судски пресуди и за избор на претседател на Врховниот суд.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави дека денешните објавени пет аудио снимки докажуваат дека во Македонија нема владеење на правото и дека постои директна спрега меѓу власта и правосудниот систем, спротивно на Уставот.

Разговор Јанкулоска – Маневски

Во разговорот кој наводно се води меѓу Маневски и Јанкулоска се слуша како се ургира за пресуда од Врховниот суд против брат на член на Судски совет | Фото: Веб страна на Влада на РМ

Во разговорот кој наводно се води меѓу Маневски и Јанкулоска се слуша како се ургира за пресуда од Врховниот суд против брат на член на Судски совет | Фото: Веб страна на Влада на РМ

Во снимката што ја објави СДСМ, Заев рече дека станува збор за разговор меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот министер за правда Михајло Маневски. Во разговорот се слуша како се ургира за пресуда од Врховниот суд против братот на Лина Петровска, член на Судскиот совет. Одлуката ја донел тогашниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски.

„Ми пишала Лина, знаеш од Судски совет, за тој проблемот што го имаше со брат ѝ. Што може да се направи? Пошто тогаш се јавивме, нели, помина како што треба на Апелација. Сега она имала сознанија дека на Врховен има веќе донесена одлука негативна“, вели гласот на аудио снимката за кој СДСМ тврди дека е на Јанкулоска.

„Абе тоа го средија Трајко и Јово. Значи толку е запнат тој Трајко. Таа (Лина) ни е џокер. Без неа не можеме ни да избереме ни да разрешиме (судии)“, вели гласот на снимката за кој СДСМ тврди дека е Маневски, кој додава дека Петровска имала ќерка за која бара да биде примена како приправник.

На ова наводно Јанкулоска одговара потврдно: „Нема проблем за тоа!“.

„Му реков некни (на Вангеловски). Не, нејќе да чуе. Не знам што толку му направил човекот. Толку ли има отпор против тој човек? Ај направил, направил, отишол сега, 3 години го нема тука. Заради интересот што го имаме поголем, знаеш“, вели гласот за кој СДСМ тврди е на Маневски.

Во разговорот се слуша дека наводно и Јанкулоска и Маневски интервенирале во Апелацискиот суд за да се донесе ослободителна пресуда за братот на Петровска и дека случајот е заглавен во Врховниот суд кај Вангеловски, кој донел негативна пресуда.

„Ќе и ветиме дека пак ќе се заложиме да се среди ова на првостепен и второстепен суд“, се согласуваат двајцата, на кој гласот кој наводно е Јанкулоска вели дека „ако треба ќе го замоли и премиерот да зборува со Јово (претседателот на Врховниот суд)“.

Инаку Јово Вангеловски кој е кум на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски беше претседател на Врховниот суд до јули 2012 година. Тој се кандидираше за втор мандат во Врховниот суд, но неочекувано ја повлече кандидатурата. На негово место дојде претседателката на кривичниот суд Лидија Неделкова.

Лина Петровска беше избрана за член на Судски совет во октомври 2007 година. Тогаш СДСМ и ЛДП гласаа „против“ со образложение дека „ВМРО-ДПМНЕ сака да си направи Судски совет по нивна мерка, кој ќе му се поклонува на министерот за правда Михајло Маневски“.

Петровска беше член на Судскиот совет до 2013 година, кога не беше реизбрана за уште еден мандат.

Разговор Џафери – Мијалков

Разговорот за кој СДСМ тврди дека е меѓу поранешниот вицепремиер Муса Џафери и директорот на УБК Сашо Мијалков се однесува на избор на претседател на Врховниот суд | Фото: МВР

Разговорот за кој СДСМ тврди дека е меѓу поранешниот вицепремиер Муса Џафери и директорот на УБК Сашо Мијалков се однесува на избор на претседател на Врховниот суд | Фото: МВР

Разговорот за кој СДСМ тврди дека е меѓу поранешниот вицепремиер Муса Џафери и директорот на УБК Сашо Мијалков се однесува на избор на претседател на Врховниот суд, за кој наводно се противел тогашниот министер за правда Блерим Беџети. Гласот за кој СДСМ тврди дека е на Мијалков му укажува на Џафери дека местото претседател на Врховен суд секогаш било „нивно“ и дека тука нема отстапки.

„Колку и да разговараме, не може тука да направиме отстапка. За Врховен и кривичен суд не може да разговараме. Затоа што вие ја имате двојка (Освновен суд Скопје 2)…. да ја имате и единица и двојка и Управен суд и правобранител и претседатели на други судови во Источна Македонија, заменик во Врховен, во Апелација…“, вели гласот на снимката за кој Заев тврди дека е на Мијалков кој додава дека во „декември е договорено да се бираат 25 души, Албанци“.

На ова, гласот за кој СДСМ вели дека е на Џафери тврди дека мора да разговара со Али Ахмети пред да каже било што.

Овој разговор најверојатно потекнува од 2012 година, кога се бираше претседател на Врховниот суд. Судскиот совет требаше да избира да избира меѓу поранешната претседателка на кривичниот суд Лидија Неделкова и врховниот судија Ристо Катавеновски. Со оглед на тоа што кариерата на Неделкова се движеше со забрзано темпо, во јавноста беше очекувано дека таа ќе биде новиот претседател на Врховниот суд, како што впрочем и се случи.

Разговор Јанкулоска – Ставрески

Аудио снимката за која Заев тврди дека станува збор за гласовите на министрите Јанкулоска и Ставрески се однесува за кривична пријава која била поднесена против Ставрески | Фото: Фејсбук страна на Ставрески

Аудио снимката за која Заев тврди дека станува збор за гласовите на министрите Јанкулоска и Ставрески се однесува за кривична пријава која била поднесена против Ставрески | Фото: Фејсбук страна на Ставрески

Аудио снимката за која Заев тврди дека станува збор за гласовите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески се однесува за кривична пријава која била поднесена против Ставрески до јавното обвинителство. Наводно, Јанкулоска признава дека зборувала со обвинителот Марко Зврлевски и му кажала да ја отфрли пријавата.

„Му реков, види, вака –така, не директно „отфрли ја пријавата“, туку „види да ја завршиме ова-она“, ама он знае што значи тоа“, вели гласот за кој СДСМ тврди дека е на Јанкулоска и додава дека од Зврлевски добила потврден одговор, „да знаеш, тоа што ми даде задача, завршено е“.

Гласот за кој СДСМ тврди дека е на Ставрески прашува дали сега може да поднесе кривична пријава за лажно пријавување, на што наводно Јанкулоска му одговара дека дополнително ќе се консултира со обвинителот.

„Со него ќе зборувам за искуствата. А не сакам да го викнам на 10 минути. Пошто и он бара да се видиме, и он ми треба за повеќе предмети. Да го испочитувам онака еднаш“, вели гласот за кој се тврди дека е Јанкулоска.

Разговорот најверојатно потекнува од 2011 година, кога Зврлевски беше обвинител во скопското јавно обвинителство. Таа година Транспарентност – нулта корупција обвини дека власта од буџетот незаконски им дели пари на партиите. Тие поднесоа три иницијативи до Уставниот суд и кривична пријава до обвинителството бидејќи сметаа дека спорно упатството за распределба на пари од буџетот кое министерството за финансии го донело во 2010 година.

„Соочени сме со една ситуација во која што министерот си дал повеќе право, отколку што му дава Законот, за да го проширува и да го менува начинот и да прави некој нов метод и методологија за распределба на средствата од буџетот по основа на буџетско финансирање на политичките партии“, изјави Слаѓана Тасева, која тогаш беше претседател на Транспарентност-нулта корупција.

Обвинителството не отвори случај по пријавата, а во 2013 година Зврлевски беше избран за државен јавен обвинител.

Разговор Јанкулоска – Ристески

Во разговорот, наводно Јанкулоска прашува дали судијата од прилепскиот суд Никола Крстевски „е наш човек“, на што градоначалникот одговара потврдно | Фото: Фејсбук страна на Јанкулоска

Во разговорот, наводно Јанкулоска прашува дали судијата од прилепскиот суд Никола Крстевски „е наш човек“, на што градоначалникот одговара потврдно | Фото: Фејсбук страна на Јанкулоска

Аудио снимката се однесува на разговор за кој СДСМ тврди дека е меѓу министерката Јанкулоска и градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески. Во разговорот, наводно Јанкулоска прашува дали судијата од прилепскиот суд Никола Крстевски „е наш човек“, на што градоначалникот одговара потврдно.

„Наш е тој. Порано во Народна (партија) луташе, али наш е“.

„Значи вака, може да го сметаме 100% наш? Знаеш, ама гарантирано, нешто ако треба да застане јако на наша страна“, прашува гласот за кој СДСМ тврди дека е на Јанкулоска.

Според информациите на СДСМ, судијата Никола Крстевски подоцна бил унапреден во судија во Апелацискиот суд во Битола.

Разговор Латас – Маневска

Во разговорот за кој СДСМ тврди дека е меѓу уредникот во телевизија „Сител“ Драган Павловиќ – Латас и Филимена Маневска, сопруга на бившиот министер за правда Михајло Маневски и поранешна судијка во Апелацискиот суд во Скопје, новинарот ѝ се жали дека пресудите кои на првостепен суд биле во негова корист, „паднале“ на Апелација. Машкиот глас на почетокот на разговорот се обраќа со „шефице“.

Во изјавата за „Сител“, Павловиќ не ја оспори автентичноста на снимките

Во изјавата за „Сител“, Павловиќ не ја оспори автентичноста на снимките

„Можда не е лошо со таа од Апелација малце да седнеме, на кафе неформално чисто да се запознаеме. Се што имаше пресуда против нас задњиве шест месеци, се ни е на Апелација пресудено против нас и вратено“, вели машкиот глас.

На ова, според СДСМ, Маневска е зачудена.

„Како бе“, прашува женскиот глас на линијата и додава: „Ама Латас, јас ви реков, како стасува на Апелација, одма јавете ми“.

Разговорот се однесува на три предмети кои наводно Латас ги имал со Маниќ, со новинарот Борјан Јовановски и со претседателот на Советот за радиодифузија.

„Кој судија е? Кој совет е тоа?“, наводно прашува Маневска.

На ова, гласот за кој Заев тврди дека е на Латас, одговара дека накнадно ќе провери и дека ќе ѝ ги достави пресудите.

Заев: Прекршени се шест члена од Уставот

Ова открива како се монтираат судски процеси против неистомислениците, како се носат судски пресуди против новинари кои не се соработници со власта и против секој кој не е соработник со власта“, рече Заев | Фото: М. Јордановска

Ова открива како се монтираат судски процеси против неистомислениците, како се носат судски пресуди против новинари кои не се соработници со власта и против секој кој не е соработник со власта“, рече Заев | Фото: М. Јордановска

Лидерот на СДСМ Заев тврди дека со овие разговори се докажува дека се прекршени членовите 17, 18 и 25 од Уставот на Македонија, кои се однесуваат на слободата и тајноста на комуникацијата, гаранција на приватноста, достоинството и угледот на граѓаните, како и членовите 8, 98 и 106 од Уставот што се однесуваат на владеење на правото, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, самостојноста и независноста на судството и јавното обвинителство.

„Груевски и Мијалков не само што прислушувале. Ова што се правело е запрепастувачки, грозно. Ова недвосмислено открива зошто затворите во Македонија се полни со политички затвореници. Ова открива како се монтираат судски процеси против неистомислениците, како се носат судски пресуди против новинари кои не се соработници со власта и против секој кој не е соработник со власта“, рече Заев, најавувајќи нови прес конференции во идниот период.