Анализи

Од кризата во Македонија нема назад

Опциите за спас на Груевски се стеснуваат. Тој веројатно ќе мора да бира помеѓу тежок и, за него и за државата, драматичен пад или доброволно повлекување. 

По 9 години поминати суверено на премиерската фотелја, аферата со прислушкувањето претставува досега најсериозен предизвик за владата на Груевски / Фото: МИА

По 9 години поминати суверено на премиерската фотелја, аферата со прислушкувањето претставува досега најсериозен предизвик за владата на Груевски / Фото: МИА

Македонија во моментов се соочува со најсериозниот предизвик од крајот на вооружениот конфликт во 2001, кој го става на тест демократскиот кредибилитет на целото општество, кое инаку се стреми да ги достигне европските стандарди.

Кризата избувна во февруари кога социјалдемократите ги обвинија премиерот Никола Груевски и неговиот братучед, шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, дека оркестрирале нелегално прислушкување на преку 20.000 луѓе во период подолг од четири години.

По девет години поминати суверено на премиерската фотелја, аферата со прислушкувањето претставува досега најсериозен предизвик за владата на Груевски, чијшто кредибилитет е разнишан.

Снимките од разговорите на владини службеници ги поткрепија тврдењата на опозицијата дека авторитативниот режим на Премиерот нема доволно почит кон законот.

Снимените материјали сугерираат дека државните институции се помалку или повеќе киднапирани од страна на ВМРО ДПМНЕ, партијата на Груевски, и дека тие редовно се злоупотребуваат за политички цели.

Социјалдемократите на Зоран Заев велат дека помеѓу прислушкуваните биле новинари, обвинители, градоначалници, па дури и самите министри.

Повеќето експерти сметаат дека Груевски, без разлика колку и да е голем притисокот врз него, нема своеволно да отстапи и да дозволи формирање техничка влада која ќе има за цел да ги прочисти институциите од политички упади и да создаде услови за фер избори.

Според нив, само зголемен притисок внатре во државата, како и зголемен притисок од Брисел и Вашингтон, може да доведе до ситуација каде што дискредитираниот Груевски ќе го увиди својот пораз.

„Сè се сведува на постојани протести против режимот кои мора да бидат масовни и да се случуваат подолго време. Ова би ги натерало Брисел и Вашингтон да го зголемат притисокот врз Груевски и да го забрзаат процесот за изнаоѓање решение“, вели за БИРН, Мерсел Биљали, поранешен пратеник и политички аналитичар.

Груевски ги отфрла сите обвинувања против него и инсистира дека аферата е дело на неименувани „странски служби“ кои во заговор со опозицијата имаат за цел да ја дестабилизираат државата.

Во меѓувреме, опозицискиот лидер Заев, кој продожува со објавувањето нови снимки на прес конференции и митинзи како дел од кампањата наречена „Вистината за Македонија”, мора редовно да се појавува на суд заради обвиненијата поврзани со неговите активности.

Откако првин беше обвинет за обид за уцена на државните лидери, следеше обвинението дека барал мито, за минатата недела Заев да биде обвинет и за оддавање државни тајни. Тоа се случи откако Заев објави снимки кои укажуваат на тоа дека Мијалков земал провизија од јавните набавки на полицијата.

Преговори со меѓународно посредништво

Заев, кој продожува со објавувањето нови снимки, мора редовно да се појавува на суд заради обвиненијата поврзани со неговите активности / Фото: БИРН

Заев, кој продожува со објавувањето нови снимки, мора редовно да се појавува на суд заради обвиненијата поврзани со неговите активности / Фото: БИРН

Трите европарламентарци, Ричард Ховит од Британија, Едуард Кукан од Словачка и ЕУ известувачот за Македонија, Иво Вајгл, минатата недела ја отпочнаа првата рунда преговори помеѓу ВМРО ДПМНЕ и социјалдемократите од СДСМ во Брисел. Преговорите најверојатно ќе продолжат и во следните недели.

„Во овој момент, судејќи според составот, разговорите се шанса за ДПМНЕ да купи време, за СДСМ да ја интернационализира кризата и за ЕУ, преку извидници и пристојна дистанца, да ја процени вистинската длабочина на кризата и да изведе заклучоци за понатамошните настани и чекори“, вели за БИРН Арсим Зеколи, политички аналитичар.

„По ова на сцена постепено ќе влегуваат дипломати, политичари и безбедносни фактори од поголем калибар кои нема да бараат објаснувања туку конкретни одговори и чекори“, предвидува тој.

Аналитичарот и новинар, Сашо Орданоски, вели дека посериозна меѓународна медијација од страна на високо-рангирани дипломати на ЕУ и САД, треба допрва да следи.

„Во некој момент кон средината на мај, ситуацијата ќе биде спремна и за вклучување на овие посериозни странски дипломати. Засега, моите контакти велат дека сè уште е прерано за такво нешто“, вели тој.

Орданоски предвидува дека финалното решение ќе биде во форма на договор за отстапување на Груевски од позицијата, а потоа и формирање техничка влада кон крајот на јуни или јули.

„Новата, најверојатно експертска влада, би имала само еден политички мандат – да подготви фер и брзи генерални избори. Но, ова би траело барем една година”, вели Орданоски за БИРН.

Биљали се согласува дека решение на ситуацијата „мора да се случи во следните два или три месеци, во спротивно нема причина зошто би се пролонгирала оваа агонија кога ризиците се огромни, особено оние поврзани со (националната) безбедност”, вели тој.

Жидас Даскаловски, професор на Факултетот за безбедност во Скопје, вели дека Груевски може да ги искористи преговорите и да се обиде да жртвува неколкумина од своите министри со цел да обезбеди поповолни услови за себе.

„Неколку министри се искомпромитирани од содржината на материјалите и нивна морална одговорност е да поднесат оставка. Тоа е и веројатно дел од некаков план во преговорите за нормализација на односите со СДСМ и нивно враќање во институциите на системот,” вели Даскаловски за БИРН.

Сепак, Љубомир Фрчкоски, професор по право и поранешен претседателски кандидат на СДСМ, вели дека преговорите не треба да ја залажуваат опозицијата.

„Преговорите кои започнаа во Брисел не се водат помеѓу две политички партии туку помеѓу една неверојатно корумпирана структура на моќ и нас останатите, кои во случајов таму нè претставува политичката опозиција”, вели тој. „Преговорите ќе се фокусираат на одредувањето на условите за заминувањето на Груевски”, додава Фрчкоски.

„Работите се отидени предалеку и инкриминирањето на Премиерот и неговата елита оди толку длабоко што жртвувањето на неколкумина министри, како министерката за внатрешни работи (Гордана Јанкуловска) или министерот за транспорт и врски (Миле Јанакиески), за да се спаси самиот и неговиот режим, нема да бидат доволни”, продолжува Фрчкоски.

Даскаловски, пак, не се согласува дека повлекувањето на Груевски и формирањето техничка влада е единствено решение. Тој вели дека објавувањето на снимките мора да сопре и дека политичарите мора да постигнат договор „за системот, институциите и процесите кои се важни за да се надмине оваа ситуација”.

Тој се залага за „реорганизација на кабинетот”, при што клучните министерства од кои зависи вербата за идни фер избори, како оние за внатрешни работи и правда, треба да бидат водени од луѓе во кои опозицијата има доверба.

Новиот кабинет тогаш би го организирал долгоочекуваниот попис на населението, затоа што последниот датира од 2002. Тие исто така би го исчистиле гласачкиот список и би завршиле низа други неопходни задачи неопходни пред да се распишат новите избори, некаде пред есента 2016.

Што да се прави со Заев?

Повеќето експерти се согласуваат дека потенцијалното апсење на опозицискиот лидер Заев само би го забрзало падот на режимот на Груевски и дополнително би го нарушило и она малку демократски капацитет кој е останат.

Иако се чини нелогично за Груевски, некои аналитичари сметаат дека и ова сценарио е возможно.

„Тој повеќе не се бори да остане на власт. Тој знае дека има загубено. Но, тој сега води битка за преживување внатре во неговата партија, за да може да се заштити од идни кривични постапки”, вели Биљали. Но „ова само би го забрзало растурањето на оваа Влада”, додава тој.

„Логиката налага дека апсењето на Заев само ќе ја искомплицира ситуацијата за Груевски”, се согласува Орданоски. Меѓутоа, „тој е под многу голем притисок, се бори за преживување и против можната закана да заврши во затвор, затoa логиката може и да не важи”, додава тој.

Зеколи вели дека ако Заев биде уапсен, тоа би било единствено сторено од очај од страна на Груевски.

„Се надевам дека до тоа нема да дојде, но доколку сепак се случи, САД и ЕУ ќе мораат истиот час да преземат масивни чекори на надворешен и внатрешен план, како кон Груевски, така и кон Ахмети”, вели тој, мислејќи на лидерот на коалициската партија, Демократската унија за интеграција, ДУИ.

Мала закана од Парламентот

Малкумина веруваат дека Груевски е во непосредна опасност да го изгуби мнозинството во Парламентот. Дури и ако неговиот албански коалициски партнер, ДУИ, ја повлече својата поддршка, ВМРО ДПМНЕ сè уште би имал најмалку 62 од вкупно 123 пратенички места.

„Напуштањето на партијата за пратениците на ВМРО ДПМНЕ е невозможно,” тврди Орданоски. „Парламентот стана комплетно ирелевантна и импотента институција во овој режим”.

Еден од неодамнешните објавени разговори, кој наводно се одвива помеѓу Груевски и пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Силвана Бонева, ги подгреа сомнежите дека владејачката партија ги уценува сопствените пратеници, присилувајќи ги да потпишат бланко оставки, кои потоа ги користи за да ги држи под контрола, и може да ги активира доколку тие одлучат да ја напуштат партијата или пак, не ги следат инструкциите што им се дадени.

Освен ова, еден од најгласните фракционери во ВМРО ДПМНЕ, Јове Кекеновски, неодамна изјави дека пратениците на владејачката партија и други државни службеници од партијата, се исто така присилени да потпишат документи во кои се согласуваат да им се одземат имотите доколку ја напуштат партијата.

Биљали вели дека незадоволството меѓу пратениците на ДУИ, па дури и меѓу некои пратеници на ВМРО ДПМНЕ, расте, и дека на Груевски може да му се случат неколку напуштања на партијата, иако не доволно за да го соборат неговиот режим.

Биљали предвидувa дека и ДУИ, кои засега остануваат во владата барајќи преговори со меѓународно посредништво и криминална истрага за содржините на снимките, „со тек на времето ќе бидат приморани да ја напуштат Владата на Груевски како резултат на преголемиот притисок од страна на членовите и на меѓународните претставници.”

На неодамнешениот собир на ДУИ, поранешниот ЕУ претставник во Македонија, Ерван Фуере, доби аплауз од делегатите кога предупреди дека со секој ден минат во Владата, оваа партија сѐ повеќе ризикува да биде прогласена како соучесник на Груевски.

Безбедносни ризици

Аналитичарите стравуваат дека протестите и политичката поларизација ќе се интензивираат. Некои се плашат и од можни улични немири помеѓу владините критичари и поддржувачите, како и од пораст на етничките тензии.

„За разлика од 2001 година кога судирот беше меѓуетнички, сега состојбите се уште поделикатни, бидејќи интра-етничкиот момент е речиси подеднакво експлозивен, што ја прави кризата уште посериозна”, вели Зеколи.

Некои се плашат од можно предизвикување етнички тензии помеѓу Албанците и Македонците со цел да се сврти вниманието на јавноста настрана од скандалот кој ја разниша Владата.

„Колку подолго чекаме (за разрешување на кризата) толку е поголем ризикот дека некој може да најми мали криминални групи Албанци со цел да се обиде да изрежира конфликт. Aлбански криминалци можат да се користат за да нападнат македонски села или обратно”, објаснува Биљали.

Сепак, тој е убеден дека содржината на разговорите го поткопува ентузијазмот на поддржувачите на Груевски и ги прави двете етнички заедници посвесни за опасностите од политичката манипулација со етничките проблеми.

„Луѓето присуствуваат на провладините собири заради притисок, не заради тоа што тие веруваат во Груевски. И тие се чувствуваат предадено, и затоа помеѓу нив нема мотивација да предизвикаат тензии во другиот блок”, вели Биљали.

Сепак, и опозицијата и владејачката партија ги мобилизираат своите членови и поддржувачи. Неодамна опозицијата започна со протестни маршови во помалите градови, додека владејачката партија ги собира поддржувачите на таканаречени јавни трибини. На една од нив, Груевски јавно го прогласи Заев за предавник.

Анализата е објавена на „Балкан инсајт