Анализи

Опремата од Израел: Прашања што заслужуваат одговор

Недостасуваат одговори на повеќе прашања за да биде убедлива официјалната верзија на приказната за набавка на опремата од Израел. Едно од прашањата што заслужуваат одговор е и зошто МВР сѐ уште на ја изготвило кривичната пријава за Заев поради оддавање државна тајна, како што најави пред околу половина година.

Заев е убеден дека Израел не донирал пари / ФОТО: СДСМ

Заев е убеден дека Израел не донирал пари / ФОТО: СДСМ

Ненадејната посета на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на Израел и неговите средби деновиве со тамошниот претседател и со вториот човек на разузнавачката агенција Мосад, повторно ги реактулеизираат дилемите кои произлегоа од опозициската „бомба“ со наводната провизија при набавката на полициска опрема од Израел.

Заев одлета во Тел Авив и изјави дека со тоа се покажува дека „не ги нарушил односите со Израел“, откако пролетоска обвини дека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, зел поткуп од 1,5 милиони евра при набавка на полициска опрема од оваа блискоисточна земја. Токму МВР стравуваше дека Заев со објавата на зделката, која се води како државна тајна, може да ги наруши „блиските односи и соработката со Израел“.

Заев на пресконференцијата во април и СДСМ подоцна со кривичната за Мијалков, обвинија дека ексдиректорот на УБК во 2011 зел 1,5 милиони евра при зделка за набавка на опрема за која првично тврдеа дека се користи за прислушување. Опозицијата објави и снимки од телефонски разговори, кои според неа, ги поткрепуваат тврдењата за провизија.

МВР и Мијалков демантираа дека за зделката се потрошени буџетски пари, наводно опремата била обезбедена со странска донација, негираа дека некој зел поткуп и објаснија оти станува збор за опрема наменета за специјалните единици на полицијата, а не за прислушување, како што тврдеше Заев.

Со оглед дека договорот за набавка на опремата е класифициран како државна тајна, многу прашања останаа без одговор.

Статусот „државна тајна“ го држи случајот нерасветлен

СМС конверзацијата што ја објави Заев

СМС конверзацијата што ја објави Заев

Веднаш по објавувањето на „бомбата“ за донацијата од Израел, МВР и тогашниот прв човек на службата за разузнавање, Мијалков, соопштија дека станува збор за донација од 5,5 милиони евра. Но, од нивните соопштенија и реакции сѐ уште остана неодговорено прашањето: „Која, всушност, израелска институција се јавува како донатор?“

Мијалков во брзиот демант на бомбата на Заев објасни дека помошта е од „пријателски служби“, без да прецизира ниту институција ниту пак, ја спомна државата Израел. Тоа го направи МВР, кое пак, со првото соопштение директно му се извини на израелското Министерство за одбрана. Меѓутоа, без оглед на адресата на извинувањето, никогаш децидно не беше кажано која тоа израелска институција решила да одвои 5,5 милиони евра за помош на македонските специјални единици.

Невообичаено е и тоа што договорот за донацијата оди преку тогаш вработените во УБК, Сашо Мијалков и Светлана Костовска, бидејќи управата нема директна надлежност врз специјалните единици, тоа е задача на Бирото за јавна безбедност, кое одговара директно на првиот човек на полицијата.

Полицијата објасни дека сите 5,5 милиони евра донација, на која се однесуваат снимените разговори од бомбата на Заев биле префрлени на компанијата – добавувач на опремата, за потоа 4,4 милиони да бидат исплатени на производителот и 1,14 милиони да одат во буџетот на Македонија на име на царина и на ДДВ. Во компанијата не останало ниту евро од донацијата.

Оттука произлегува прашањето зошто во овој случај не била искористена можноста за ослободување на донацијата од овие давачки?

Во Упатството на УЈП стои дека се ослободува од давачки увозот на добра-стоки потребни за реализирање на проекти финансирани со парични неповратни средства на странски донатори, за кои постои договор помеѓу Владата на Македонија и странскиот донатор.

Чудно е и зошто во Централната база на податоци за странска помош, која ги регистрира донациите уште од 2002 година, го нема Израел како земја од каде што дошла каква било помош.

Донацијата од Израел го отвори, и сѐ уште не го затвори прашањето за компанијата што ја набавила опремата и дали, според она што го кажува МВР, оваа фирма бесплатно посредувала при набавката на опремата? Која е улогата на фирмата НВСП која се спомнува во снимените разговори?

И конечно, прашање кое заслужува одговор е и зошто МВР сѐ уште на ја изготвило кривичната пријава за Заев поради оддавање државна тајна, како што најави пред околу половина година. Во вербалните закани кои досега не се реализираа, но медиумски се ползуваа, полицијата се повикуваше на Кривичниот законик кој за оддавање државна тајна предвидува казна затвор од една до десет години.