Вести

Победничкиот говор на Орбан ја навестува неговата идна стратегија

Виктор Орбан, по изборите на 3 април 2022. Фото: Фејбук страна

Партијата Фидес на Виктор Орбан го освои четвртиот мандат, со убедлива победа над обединетата опозиција на општите избори во земјата одржани во неделата.

Со преброени 98,96 отсто од гласовите, Фидес освои 53,10 отсто од гласовите наспроти 35,04 отсто за Обединети за Унгарија.

Националната изборна канцеларија соопшти дека Фидес ќе има 135 места, двотретинско мнозинство, а опозициската алијанса ќе има 56 места.

„Победа толку голема што може да се види дури и од Месечината“

Унгарскиот премиер, кој имаше комплицирани односи со Европската Унија,  својот победнички говор во неделата навечер го почна со изјавата:

„Постигнавме победа толку голема што може да се види дури и од Месечината, но од Брисел дефинитивно“.

Изјавата доаѓа само неколку недели откако Европската комисија одлучи да го одложи стартот  на новиот механизам за намалување на буџетските средства за Унгарија поради загриженоста за влошувањето на состојбата на владеењето на правото во земјата.

Одлуката на Европскиот парламент да почне постапка според  член 7 беше донесена уште во 2018 година. ЕУ, исто така, задржа пари од фондот за закрепнување од ковид-19.

Советникот на Тенео за Централна и Источна Европа, Андриус ​​Турса верува дека заканата од губење на многу потребните средства од ЕУ и зголемените фискални предизвици дома може да го доведе Орбан пред дилема.

„Од една страна, големата изборна победа ја оправдува неговата огнена реторика и антибриселскиот став. Од друга страна, проектираниот буџетски дефицит од 4,9 отсто од БДП во 2022 година веќе изгледа нереален поради забавувањето на економијата и експанзивните предизборни трошоци… Како резултат на тоа, владата ќе биде принудена да бара решенија и можеби ќе биде поподготвена да се направи компромис со Европската комисија за да се деблокираат грантови од 7,2 милијарди евра од Центарот за закрепнување и отпорност на ЕУ“, напиша Турса.

„Толку многу луѓе се здружија против нас“

Унгарскиот премиер, во својот победнички говор посочи и на идните потенцијални цели.

 „Оваа победа ќе биде запаметена до крајот на животот затоа што против нас се здружија многу луѓе, вклучително и левицата дома, меѓународната левица насекаде, бирократите во Брисел, сите фондови и организации на владејачката империја, странските медиуми и на крајот дури и украинскиот претседател“.

Володимир Зеленски неколкупати го критикуваше двосмислениот став на Виктор Орбан во врска со руската војна во Украина, вклучително и на последниот самит на ЕУ во март. „Слушај, Виктор, знаеш ли што се случува во Мариупол? И се двоумите дали да воведете санкции или не? И се двоумите дали да пропуштите оружје или не? И се двоумите дали да тргувате со Русија или не? Нема време за двоумење. Веќе е време да се одлучи“, рече тој на самитот.

И покрај критиките што доаѓаат од украинскиот претседател, малку е веројатно дека политиката на Орбан кон Русија – што значи заземање помека линија кон Москва од другите европски лидери – значително ќе се промени. Како членка и на НАТО и на ЕУ, Унгарија ја осуди руската инвазија и ги поддржа санкциите на ЕУ, но очигледно е против забраната за увоз на руска енергија.

Во својот победнички говор во неделата, Виктор Орбан испрати порака до етничките Унгарци што живеат во украинскиот регион Транскарпатија, велејќи: „Не плашете се, татковината е со вас“.

„Ова не е минато, ова е иднина“

Орбан ќе има работа  да ги подобри односите со соседните земји од Вишеградската група (В4). Релациите на неговата влада со Словачка, Чешка, па дури и со Полска се влошени поради разликата во ставовите околу војната  во Украина.

Минатата недела,  состанокот на министрите за одбрана на Вишеградската група во Будимпешта беше откажан откако другите влади демонстративно одлучија да се држат настрана.

Но, се чини дека неговата убедлива изборна победа дополнително ќе ја зајакне вербата на Орбан во неговата политичка агенда, дури и ако не успее националниот референдум насочен против правата на ЛГБТ заедницата, кој се одржа на истиот ден со општите избори бидејќи  помалку од половина од гласачите со право на глас дале валидни ливчиња.

„Целиот свет вечерва во Будимпешта ја виде победата на христијанско-демократската, конзервативната граѓанска и патриотската политика. Ние ѝ кажуваме на Европа дека ова не е минато; ова е иднината. Ова ќе биде нашата заедничка европска иднина“, изјави тој.

Gyula Csak