Во она што беше наведено како основна мерка за јавното здравје, полското Министерство за здравство, во петокот ја додаде и бременоста на списокот со информации за здравјето на Полјаците. Тие информации треба да бидат вклучени во националната онлајн медицинска база на податоци.
Загриженост во земјата предизвикува Владата, која има пристап до информациите за бременоста на секоја жена. Во Полска, абортусот е практично нелегален, а тие што им помагаат на жените да ја прекинат бременоста се соочуваат со затвор.
Покрај алергиите, крвната група и периодите на хоспитализација, информациите за секоја тековна бременост од сега треба да се внесуваат во системот од лекарите што работат или во јавниот, или во приватниот здравствен систем.
„Не создаваме никаков ‘регистар на бременост’, само го прошируваме системот за пријавување“, рече во петокот, портпаролот на Министерството за здравство, бранејќи ги владините планови.
Тој дополнително ја објасни мерката како само дел од дигитализацијата на здравствените услуги што моментно се случува низ земјите-членки на Европската Унија.
Навистина, дел од плановите на Европската комисија да го олесни пристапот до здравствената заштита за европските граѓани во другите земји-членки вклучува споделување медицински досиеја на пациенти до 2025 година.
Понатаму, упатствата подготвени од Европската комисија вклучуваат примери за тоа како може да изгледаат таквите досиеја на пациенти, наведувајќи ја историјата на бременост како една од здравствените информации што би можеле да бидат вклучени.
Сепак, насоките на Комисијата на ЕУ прецизираат дека на крајот зависи од секоја земја да одреди кои податоци ќе бидат вклучени, а консултативната табела од Комисијата на ЕУ се однесува на широк опсег на здравствени состојби, многу пошироки од елементите што ги објави полската влада дека ќе бидат наведени во полскиот информациски систем.
Во Полска, жените масовно се противат на десничарската влада, која од 2021 година се обидува да го направи незаконски абортусот, освен во два случаи – кога постои закана за животот на мајката или кога бременоста е резултат на силување или инцест.
Жените се загрижени дека до информациите за нивната бременост, кои би ги внесувале лекарите подоцна, може да имаат пристап обвинителите и да бидат искористени против нив.
Самите жени не се кривично одговорни ако ја прекинат бременоста според полскиот закон, но оние што им помагаат, вклучително и лекари, партнери или активисти, можат да бидат кривично гонети. Во април, во Варшава почна судскиот случај против активистка, која им помага на жените да ја прекинат несаканата бременост. Жената се соочува со казна затвор од три години.
„Ова е дополнителна закана за жените“, изјави за БИРН, Кристина Качпура, шеф на невладината организација Федера, Фондација за жени и планирање на семејството.
„Изгледа дека владата само сака да им дозволи на другите функционери, веројатно обвинители, да имаат пристап до овие информации“.
Качпура вели дека мерката може да ги обесхрабри бремените жени да одат на лекар. На пример, ако бременоста е снимена и подоцна се испостави дека фетусот е малформиран, жената може повеќе да се плаши да побара професионална медицинска помош, за да избегне да биде изнесена пред полиција како сведок или некој од нејзините блиски да бидат кривично гонети ако таа најде начин да абортира.
Тоа, исто така, може да ги натера полските лекари да се плашат да ги поддржуваат репродуктивните права, додаде таа.