Поучени од успехот на Студентскиот пленум кој покажа дека универзитетот може да се ослободи само откако ќе го окупираат студентите, опозицијата и граѓанските активисти вчера по масовниот антивладин протест не се повлекоа од „освоената територија“ пред Владата и кампуваат, чекајќи оставки од премиерот и од Владата.
Имаше ли 100.000 луѓе на вчерашниот протест и дали премиерот Никола Груевски ќе даде оставка во среда откако ќе слета од Стразбур? Горе-долу на овие теми симпатизерите на опозицијата и граѓанските активисти дебатираа вчера доцна во ноќта и во ситните утрински часови додека ја минуваа првата ноќ во шаторите пред Владата, убедени дека само така ќе го натераат Груевски да се повлече.
„Ќе кампуваме сѐ додека последниот диктатор на овие простори не си даде оставка. Ако сам не се повлече, ќе го фатат за уши во Брисел и ќе му речат да си оди. На протестот дојдоа сите дипломати и видоа дека народот не го сака“, вели пензионерот од Велес, Боре Крстев, кој е еден од доброволците што кампуваат на „Илинденска“.
Помладите кампери се забавуваа, како што велат, за инает на Груевски и на неговите министри. До 23 часот улицата крај барокната зграда ја користеа како техно-подиум, а откако ди-џејот го заврши сетот неколку од поупорните пуштија музика од автомобилите.
Во духот на мирниот протест и тие набрзина ја прекинаа вревата и продолжија да се забавуваат пред импровизираните шанкови, а гласот го повишуваа само одвреме навреме кога некој ќе скандираше: „Оставка, оставка“.
„Прашање е дали имаше тендер за чистење на владината фасада од јајцата што ѝ ги фрлаа на 5-ти овој месец“, се шегуваа момчињата седнати на шанк-столчињата пред полициските барикади со пијачка во рацете.
„Илинденска“ по цели денови ќе биде блокирана, најмалку во текот на наредната седмица која социјалдемократите ја испланирале со програма во која ќе има сѐ и сешто. Од музика и филм, до разни перформанси. Задниот влез во Владата ќе го остават отворен за да може Груевски да оди на работа и да ги види.
„На денешниот протест разговарав со безброј Албанци. Велат дека власта не може да нѐ раскара со нив, ама предупредија да не нѐ дозакрви Македонците со Македонци. Сепак, мислам дека тоа нема да се случи, не сме дива држава, имаме паметни луѓе“, вели Никола Нацев, хирург во пензија и активен кампер пред Владата.
Начелно на пониско партиско ниво СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си дале збор дека и утрешниот ден за време на владиниот протест ќе мине мирно, арно ама скептиците потсетија дека имало сличен договор и да не се блокираат автобусите од кои доаѓаа од внатрешноста, што власта очигледно не го испочитува.
Дел од симпатизерите на опозицијата се уверени оти Груевски, сепак, ќе ги откаже контрапротест и контракампингот пред Собранието откако ја виде масовноста на неделниот собир.
„Нивните мили Руси со снимката од дронот им покажаа и на Груевски и на ‘куририте’ колку луѓе имаше на протестот“, коментираа камперите.
Никој не ја отфрла можноста протестот пред Владата да заврши како оној на Паркобраните, кога полициските специјалци лесно ги избркаа активистите, откако беа десеткувани и изморени чувајќи го паркот пред „Бристол“. Се плашат и да не заврне во вторник.
„Видовте ли како на среде протест, пред десетици илјади луѓе го вееја знамето со виножито кое е симбол на хомосексуалците. Ова да се случеше во Белград ќе паднеше крв до колена. Плус, девојката од Студентски пленум говореше 10 минути на албански и никој не ѝ свиреше“, ни укажа едно момче дојдено да ги поддржи кампувачите и попат да испие некоe пивo.
Кампувањето го следеа одвај дваесетина полицајци, поставени пред скалите на Владата и од другата страна на барикадите. Првата ноќ немаше потреба да реагираат ниту специјалците кои во пет-шест полициски транспортери некаде околу полноќ се истоварија на задниот влез кај Владата.
Ако на стартот на камперската ноќ пред Владата имаше меѓу 1.000 и 2.000 луѓе, околу 4 часот по полноќ, кога ја напуштавме импровизираната шатор-населба, на нозе и во вреќите за спиење имаше неколку стотина опозициски поддржувачи.
Оние што уште будни лежеа врз асфалтот се пожалија дека во текот на вечерта некој намерно го пуштил системот за наводнувањето на тревникот меѓу двете ленти на булеварот, немале друг избор и легнале врз коловозот.
Присуството на опозицискиот лидер, Зоран Заев, го искористија неколку странски новинарски екипи, ги имаше од целиот Балкан, Русија и од Шпанија, а на неговата маса пред Владата седнаа неколку јавни личности, меѓу кои градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и поранешниот синдикален лидер на лекарите, Дејан Ставриќ, чија затворска казна во јавноста се перципира како политички мотивирана.
Заев попладнето вети дека токму ваквите случаи ќе бидат преиспитани при првата смена на власта.
„Време му е и доста му е. Уверена сум и тврдам дека ќе си оди. Веќе тој не е омилениот Николче, ами овој е Николче-диктаторче. Не му се плашам, нека дојдат и нека ме приведат. Наместо Скопје 2014, требаше да ги реновира затворите и тие да бидат како ‘Шератон’ хотел оти сега ќе му требаат“, вели активистката на СДСМ од скопска Кисела Вода која шаторот го поставила близу стариот споменик на паднатите борци во НОБ.
Речиси сите во антивладиниот камп очекуваат позитивни вести од утрешниот лидерски состанок во Стразбур, иако велат дека генералниот план е да не отстапуваат ниту педа од територијата додека не падне Груевски. На прашањето што ќе се случи ако премиерот реши да го преживее кампот исто како и „бомбите“, повидните социјалдемократи уверуваат дека тогаш не му бега уште помасовен собир од оној во неделата.